Окупирани украински области: „гласање” со вперени пушки
29 септември 2022Руските окупатори ги оставаа луѓето да „гласаат” на улица, во импровизирани гласачки места и при домашни посети. Така раскажуваат жители на окупираните области Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, кои се делумно окупирани од Русија. Таму од 23 септември се одржуваа „референдуми" за припојување на областите кон Руската Федерација. Жителите велат дека било опасно по живот да одбиеш да „гласаш”, бидејќи претставниците на т.н. „изборни комитети” доаѓале во придружба на вооружани лица од руската армија.
„Две жени и тројца руски војници со пушки ме прашаа дали ќе гласам. Прашав дали имам избор, а тие молчеа. Морав да штиклирам таму каде што ми покажуваа со врвот на пушката", вели една жена која живее во село во близина на Мелитопол во Запорожје. Не сакала да гласа, но потоа го сторила тоа од страв дека ќе го регрутираат нејзиниот 35-годишен син во руската војска. „Добро е што маж ми и син ми сега работат на поле, не сакам да ми го земат синот оти стои на нивната листа”, раскажува жената низ солзи.
Окупаторите собираат податоци за жителите
Таквите листи претставуваат опасност за локалното население, смета Олексиј Кошел, кој е претседател на Здружението на гласачи во Украина. „Тие формираат база на податоци бидејќи и по шест месеци окупација немаат претстава кој живее во окупираните места", вели Кошел. Според него, окупаторите и за време на лажните референдуми собирале податоци за да одмерат колкаво е расположението за протести. Тие сакаа да откријат кој има проукраински став, на кој јазик зборуваат луѓето и кои мажи се на возраст да може да служат војска.
Кошел посочува дека населението не ги поддржува окупаторите. Поради тоа и не успеало давањето руски пасоши и воведувањето на рубљата во окупираните региони. Лажните референдуми морале да бидат организирани во брзање и имало недостиг на персонал, смета Кошел. Според претседателот на украинското здружение на гласачи, „гласањето” се одвивало хаотично. Освен тоа окупаторите посегнале по секое можно средство за фалсификување на резултатот.
„Голема" излезност во празни градови
За т.н. „гласање” руските окупатори предвидоа пет дена. По само три дена, „Народните републики Доњецк и Луганск” пријавија рекордна излезност до 87проценти - со повеќе од еден милион учесници. „Таквите извештаи се идиотски и нереалистични бидејќи повеќето жители одамна ги напуштија окупираните области", пишува првиот човек на воената администрација Серхиј Хајдај. Вели дека окупаторите јавуваат за речиси 50% излезност од речиси целосно напуштени градови на истокот на Украина, како Лисичанск, Северодоњецк и Рубишне. „Резултатите се фалсификувани”, оценува Хајдај.
Како поминал „референдумот“ на југот на Украина, ни раскажува Хана од Херсон. Според неа, окупаторите сакале на пропагандните медиуми да претстават проруско население. Но, се случило поинаку од тоа. „Од 8 часот наутро во т.н. изборни места се пуштале советски песни и организаторите чекале заедно со руска војска на гласачите. Но, ниту дошле гласачи, ниту се чекало во редици. Во 10 часот избирачките места биле затворени и луѓето ги барале по домовите. Но, никој не им отвори врата", вели Хана. На окупаторите не им успеало ни да ги навлечат со хуманитарна помош". Дошле само лица над 70 години кои посакуваат да се врати Советскиот Сојуз.
„Младите и средовечни луѓе го игнорираат овој циркус”, раскажува Хана.
Таа тврди дека и покрај прогон и терор, проукраински жители и натаму се наоѓаат во градот. Тие чекаат да ги ослободи украинскатс војска.
Една 82-годишна жителка на село во близина на Херсон не можеле да ја убедат. Таа раскажува како вооружани лица дошле кај неа и и предложиле да гласа за „припојување кон Русија”. Таа не прифатила. „Ми рекоа: бабичке, може да ти дадеме 180 € и пакети со храна, само треба да гласаш за Русија.' Ниту Русија ми треба, ниту парите. Во февруари на фронтот ми го убија внукот", раскажува жената низ солзи.
„Гласачката стока" фатена на улица
Првиот човек на воените власти во Херсон, Јарослав Јанушевич, констатира дека руските сили за време на лажните референдуми ги ставале луѓето под притисок и им се заканувале. „Колаборатори во придружба на вооружени лица ловеле луѓе на улица и ги уценувале да гласаат под закана", пишува Јанушевич на Телеграм.
Тоа го потврдуваат и жители на „Народните републики Доњецк и Луганск”. Тие раскажуваат дека на пример во окупираниот Луганск биле импровизирани гласачки места директно во дворовите од зградите или на влезовите од маркетите. „Напред автобус, покрај него транспарентна изборна кутија. Од тајно гласање ни трага. Луѓето на колена го пополнувале ливчето", вели жителка на Луганск. Според неа, вработените во локалните институции биле присилени повеќе пати да „гласаат” на различни места.
„Ни беше речено колку почесто гласа истата личност, толку подобро", раскажува жена која работи во образовна институција во Луганск. Таа вели дека од сите соработници било побарано да носат копии од документите на студенти кои го напуштиле градот и да гласаат наместо нив. Со оглед на тоа дека немало претходно изготвени листи, тоа било едноставно, вели жената. На сите кои се противеле на ова, им се заканиле со намалување на платата и отказ од работа.
„Референдумот" треба да ги изолира жителите
Според Здружението на избирачи на Украина и украинската невладина организација „Опора”, руските окупатори за гласањето користеле листи на кои стојат лица кои доброволно примаат руска помош, пензијата си ја подигаат лично во пошта или како бизнисмени плаќале локални даноци. Биле користени и списоци на избирачи од архивите.
Директорката на „Опора", Олга Ајвазовска, нагласува дека Русија во окупираните територии на Украина има организирано фалсификат. „Не може да стане збор за слободно и легално искажување на волјата. Со лажниот референдум и вперени пушки Русија сака да ги уценува западните партнери на Украина", вели Ајвазовска. Таа смета дека првите кои ќе страдаат од ова „гласање” се луѓето во окупираните области. Русија целосно ќе ги изолира и ќе спроведе тотална мобилизација. Ќе им се наметнат руски пасоши и теророт против нив ќе биде уште позаострен.