1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГлобално

Што е Меѓународниот Ден за сеќавање на Холокаустот?

Андреа Грунау
27 јануари 2024

27 јануари е светски Ден на предупредување и на спомен на жртвите од Холокаустот. Германија го одбележува Денот од 1996 година. Во Израел комеморацијата на жртвите од Холокаустот започна многу порано - на друг ден.

https://p.dw.com/p/4bh7q
Фотографии на жртвите во концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау
Фотографии на жртвите во концентрациониот логор Аушвиц-БиркенауФотографија: Andrea Grunau/DW

Обединети нации: Предупредување против омраза и расизам

Во ноември 2005 година, Генералното собрание на ОН, со Резолуцијата 60/7, го прогласи 27 јануари за Меѓународен ден на сеќавање на на жртвите на Холокаустот. Тоа објасни дека „Холокаустот, во кој беа убиени една третина од еврејскиот народ и безброј членови на други малцинства, засекогаш ќе служи како предупредување за сите луѓе за опасностите од омразата, нетолеранцијата, расизмот и предрасудите“. Германија и други земји уште претходно го воведоа Денот за сеќавање на Холокаустот.

На 27 јануари 2006 година, првиот глобален Меѓународен ден за сеќавање на Холокаустот, генералниот секретар на ОН, Кофи Анан рече: „Незамисливата трагедија на Холокаустот никогаш да не се врати. Споменот мора да се одржува со срам и ужас сѐ додека трае човековото сеќавање.“

Зошто 27 јануари?

На 27 јануари 1945 година, советските вооружени сили, Црвената армија, го ослободија нацистичкиот концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау. Војниците најдоа малку преживеани, урнатини од гасните комори, мртви и пепел на убиените. Само во Аушвиц беа убиени околу 1,1 милион луѓе. Огромното мнозинство, околу 90 проценти, беа Евреи, а Аушвиц беше само едно од бројните места на интернирање и на масовни убиства од страна на националсоцијалистичка Германија во Европа.

Аушвиц: Заедничкото сеќавање поврзува

До крајот на Втората светска војна во 1945 година, беа убиени повеќе од шест милиони Евреи, стотици илјади Синти и Роми, лица со посебни потреби, политички противници, луѓе кои биле прогонувани како хомосексуалци, криминалци или „асоцијални“, принудни работници, воени затвореници, Јеховини сведоци и безброј други. Нацистичкиот терор беше насочен против сите нив.

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, истакна: „Сеќавањето е и гаранција за иднината. Бездната достигната во нацистичките логори на смртта започна со омраза, предрасуди и антисемитизам. Сеќавањето на овие корени може да нѐ држи свесни, секогаш да се внимава на предупредувачки знаци“.

Спречување на идни геноциди

27 јануари е должност за сите земји членки на ОН да се сеќаваат на прогонетите и убиени мажи, жени и деца. Резолуцијата 60/7 отфрла каква било форма на негирање на Холокаустот. Го поддржува развојот на образовни програми за сеќавање на Холокаустот и сака да придонесе во спречувањето на идни геноциди.

Цитирајќи ја Универзалната декларација за човекови права, резолуцијата ги осудува сите форми на „верска нетолеранција, поттикнување, вознемирување или насилство врз поединци или заедници врз основа на нивното етничко потекло или верски убедувања“ насекаде во светот.

Сеќавањето на Холокаустот во Израел - ЈомХаШоа

Во Израел, 27 јануари не е централен Ден за сеќавање на Холокаустот, туку Јом ХаШоа, кој обично паѓа во април. На тој ден две минути ечат сирени ширум земјата - автобусите, автомобилите, сите застануваат. Луѓето молчат, се сеќаваат на жртвите.

Меѓународно користениот термин Холокауст е изведен од грчки и значи „целосно изгорен“. Во Израел зборуваат за Шоа, „катастрофа“. 

28 април 2022 година: Луѓето во Тел Авив стојат и молчат на денот на сеќавањето на жртвите од Холокаустот
28 април 2022 година: Луѓето во Тел Авив стојат и молчат на денот на сеќавањето на жртвите од ХолокаустотФотографија: Tomer Neuberg/JINI/Xinhua/IMAGO

„Денот на сеќавање на Шоа и еврејското херојство“ првпат е востановен во 1951 година, а попрецизно е регулиран со закон во 1959 година. Денот се паѓа во месецот Нисан според еврејскиот календар. Се заснова на востанието во Варшавското гето во април 1943 година. Според еврејската традиција, денот на сеќавањето започнува претходната вечер. На комеморациите се палат шест факели кои ги симболизираат шесте милиони еврејски жртви. Наутро следуваат натамошни комеморативни настани во споменикот Јад Вашем  во близина на Ерусалим.

На Јом ХаШоа, во Полска традиционално се одржува и меморијален марш долг околу три километри меѓу главниот концентрационен логор Аушвиц и логорот за истребување Аушвиц-Биркенау, каде што беа убиени најголем дел од луѓето. Во овој „Марш на живите“ обично учествуваат илјадници млади Евреи .

Денот за сеќавање на Холокаустот во Германија

По крајот на Втората Светска Војна и победата на сојузниците над Хитлерова Германија, помина уште половина век за дури во 1996 година тогашниот сојузен претседател Роман Херцог да го прогласи 27 јануари за ден на сеќавање на жртвите на националсоцијализмот. Оттогаш, знамињата на овој ден висат на половина копје на зградите на државните институции во Германија. Многу училишта ја разгледуваат темата на часовите.

Од 1996 година, освен тоа, на самиот Ден на сеќавање на Холокаустот, или непосредно пред или по него, во германскиот парламент се одржува и меморијален час за жртвите на нацизмот. Додека во првите неколку години, претежно германски политичари ги одржуваа комеморативните говори, потоа во земјата на сторителите за своите искуства пред пратениците на германскиот Бундестаг известуваа бројни преживеани од Холокаустот, но исто така и политичари од други земји како Израел, САД , Полска, Франција и Шпанија, Холандија, Чешка, Унгарија, Русија или Велика Британија. Тие ги споделуваа трогателните искуства и предупредуваа, како на пример  претседателот на израелскиот парламент Мики Леви, кој во говорот пред Бундестагот во 2022 година порача: „Никогаш повеќе!“

Во 2011 година, Зони Вајс, припадник на малцинството Синти и Роми, за првпат зборуваше во германскиот Бундестаг. Во 2017 година за првпат говореа двајца роднини на жртви на таканаречената евтаназија - планираното убиство на лица со тешки болести или инвалидитет.

Фокусот на меморијалниот час во 2023 година за првпат беше насоочен кон луѓето кои беа прогонувани  од националсоцијалистите поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

Во 2024 година ќе стане збор за меѓугенерациското сеќавање. Во Бундестагот ќе говори Ева Сепеси, која беше ослободена од Аушвиц како дете на 27 јануари 1945 година. Новинарот Марсел Рајф, чиј татко го преживеа Холокаустот, ќе зборува во име на следната генерација.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик