Штрајк во Фолксваген среде криза
3 декември 2024Отпрвин имаше само неколкумина, но потоа дојдоа во толпа: стотици работници во фабриката на Фолксваген во Хановер се собраа пред Портата 3, истакнувајќи постери на кои пишуваше: „Сакате војна, ние сме подготвени!“ и вееја црвените знамиња на моќниот синдикат ИГ Метал.
Во својата фабрика во Хановер, Фолксваген произведува лесни транспортни возила, вклучително и електричниот минибус ID.Buzz, наследникот на легендарниот Bulli, кој од производната лента овде излезе пред повеќе од 65 години, а сега се произведува во Турција.
Вработените во Хановер учествуваат во штрајкот кој ги погодува речиси сите фабрики на Фолксваген во Германија.
Голем гнев
„За мене најважно е да не ја затворат оваа производствена локација“, вели Хасан Савас, кој за Фолксваген работи 24 години и сега се приклучи на работниците кои демонстрираат на локалниот плоштад. „Треба да ги укинат исплатите на бонусите. Оливер Блуме заработил 10,3 милиони евра, а што добиваме ние?“, прашува налутено Савас.
Тој е лут поради одлуката на менаџментот на Фолксваген и претседателот на управниот одбор Оливер Блуме да затвори неколку фабрики на Фолксваген во Германија и да укине илјадници работни места. Ваков чекор досега не бил преземен во 75-годишната историја на производителот на автомобили и доаѓа откако компанијата го откажа договорот за заштита на работните места со синдикатите на почетокот на оваа година, со кој беше исклучена можноста за отпуштања до 2049 година.
Мориц е на обука во Фолксваген и не сака да се објави неговото целосно име. Многу работници се „навистина лути“, вели тој за ДВ. „Оние што се на обука треба да добијат повеќе пари и договори за работа откако ќе им заврши обуката, но и двете работи се доведени во прашање“.
Зголемување на платите или отпуштања?
Додека работниците во фабриката на Фолксваген во Оснабрик успеаја да договорат нов колективен договор и затоа не учествуваат во штрајкот, вработените во Фолксваген на другите локации сѐ уште се надеваат на нов договор.
Во преговорите за платите, работниците неодамна понудија да дадат поддршка за намерата за заштеда на трошоците од 1,5 милијарди евра доколку раководството ја исклучи можноста за затворање на фабриките во Германија. Сепак, тие експлицитно предупредија дека Фолксваген ќе се соочи со историска битка доколку компанијата сака да продолжи со драстични намалувања.
Синдикатите бараат зголемување на платите за најмалку седум отсто, додека раководството на Фолксваген се залага за намалување на платите и до десет отсто. Најголемиот европски производител на автомобили, исто така, планира да затвори три фабрики поради падот на побарувачката, особено намалената побарувачка на електрични возила.
Компанијата е тешко погодена од високите домашни трошоци за производство, бавната транзиција кон електрични возила и тешката конкуренција на клучниот пазар во Кина.
ИГ Метал за време на викендот објави дека работничката борба почнува во понеделник со серија таканаречени предупредувачки штрајкови, односно кратки прекини на работа, откако компанијата ги отфрли предлозите на синдикатот за заштита на работните места минатата недела.
Групацијата Фолксваген, која поседува 10 марки, од Ауди и Порше до Шкода и Сеат, соопшти дека ги „почитува правата на работниците“ и верува во „конструктивен дијалог“ за „да се постигне трајно решение кое ќе биде колективно“. Сепак, компанијата „презеде мерки за да ги оствари итните испораки“ за време на штрајкот.
Колективното договарање е предвидено да продолжи на 9 декември. Работниците се собраа во Хановер и рекоа дека го поддржуваат повикот на синдикатот за „најголемиот штрајк што Фолксваген некогаш го доживеал“. Синдикатите се подготвени да ги продолжат сегашните предупредувачки штрајкови и во јануари.
„Тешкаш“ на германската индустрија
Штрајковите во Фолксваген се одржуваат во време кога моќната германска автомобилска индустрија е во длабока криза поради пад на побарувачката од Европа и тешката конкуренција од Кина. Со оглед на тоа што производителот на автомобили со седиште во Волфсбург е најголемиот индустриски работодавач во Германија, кризата во Фолксваген се одразува во целата земја.
Според Здружението на автомобилската индустрија (ВДА), во 2023 година во германската автомобилска индустрија биле вработени речиси 780.000 луѓе, вклучително и повеќе од 465.000 во делот на добавувачи на делови и опрема на најголемите производители на автомобили, како Фолксваген, БМВ и Мерцедес.
Забавувањето на германското производство на автомобили во меѓувреме се одразува и на други производители. Производителот на премиум автомобили Мерцедес, на пример, планира намалување на трошоците во износ од неколку милијарди евра. Производителот на гуми Континентал ќе отпушти 7.150 вработени ширум светот, а снабдувачот со електроника Бош планира да укине до 5.550 работни места.
Американската автомобилска компанија Форд исто така најави дека ќе укине 2.900 работни места во Германија. Кај добавувачот ЗФ се загрозени 14.000 работни места, а во Шефлер Груп, кој е исто така важен добавувач во автоиндустријата - 4.700.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик