ЕУ со внимание го следи судирот меѓу Русковска и Муареми
5 август 2022Европската Унија и САД со внимание го следат развојот на настаните околу судирот и меѓусебните обвинувањаза притисоци меѓу шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал, Вилма Русковска и првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. ЕУ смета дека тоа прашање треба да го решат надлежните органи.
„Спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за Фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ“, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје во изјавата за МИА, во врска со повикот на јавната обвинителка Русковска упатен до надлежните државни институции и странски амбасади и меѓународни организации да престанат притисоците врз обвинителите.
Според Унијата, постоечките закони на земјата ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат.
САД со сличен став
Сличен став имаше и Амбасадата на САД во Скопје која оцени дека станува збор за тековен процес и е прашање што треба да го решат надлежните органи во државата. „Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив“, се наведува во одговорот на Американската амбасада во земјата, којшто го пренесоа медиумите.
Судир
Ваквата реакција следи откако Русковска испрати јавен повик (3.08) до сите надлежни институции во државата и со сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти - кој во државата се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Муареми возврати дека ако Русковска има сознанија и информации дека тој е инволвиран во криминал - да поднесе обвинителен акт против него, а не со неосновани сознанија и информации, да ја дискредитира функцијата која ја извршува.
„Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за ‘помош’ - нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има“, порача директорот на Управата за финансиска полиција. Тој најави кривична пријава против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои ги обвинува за незаконски претрес и уривање на неговиот углед и на институцијата со која што раководи. Русковска, пак се пожали на притисок и мешање во работата на обвинителите.
„Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за да обвинители замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта“, се вели во реакцијата на Русковска.