1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КлимаГлобално

Суша, топлотни бранови, поплави: Пристигна лудо време

Алистер Волш
25 мај 2024

Климатските промени веројатно ќе предизвикаат зголемен број на екстремни временски настани низ целата планета. А најлошото допрва доаѓа.

https://p.dw.com/p/4g8kL
Катастрофални поплави во Бразил
Катастрофални поплави во БразилФотографија: Andre Penner/AP/picture alliance

Поплави и топлотни бранови низ Африка, поплави во јужен Бразил, суша во Амазон и екстремни горештини низ Азија, вклучително и Индија…

Вестите се полни со алармантни  извештаи за лошо време  оваа година. И со добра причина.

Досега, 2024 година беше особено лоша кога станува збор за екстремни временски услови – суши, екстремни горештини и поплави кои предизвикаа  сериозна штета на здравјето  и егзистенцијата, според Светската метеоролошка организација (СМО).

„Речиси секој регион во светот се соочува со екстремни временски и климатски настани од различна природа“, вели за ДВ експертот за климата на СМО, Алваро Силва.

Иако секој екстремен временски настан не може да се припише на климатските промени, тие стануваат сѐ поверојатни и поинтензивни поради емисиите на гасови произведени од согорувањето на јаглен, нафта и гас, кои предизвикуваат таканаречен ефект на стаклена градина.

Катастрофални поплави во Бразил по поројните дождови
Катастрофални поплави во Бразил по поројните дождовиФотографија: Carlos Macedo/AP/picture alliance

Минатата година, северната хемисфера го забележа своето најжешко лето  во последните два милениума, 2.000 години, а на глобално ниво, 2024 година е на пат да биде уште потопла.

Која е врската помеѓу климатските промени и времето?

Климатските промени го зголемуваат испарувањето и на тој начин повеќе водена пареа доаѓа до атмосферата. Ова е причина за поинтензивни врнежи од дожд и поплави во некои области, или поекстремни суши во други. Потоплите температури на океаните ги интензивираат тие климатски обрасци, а генерално повисоките температури доведуваат до почести  топлотни бранови.

Тоа има катастрофални последици за глобалните временски обрасци, што резултира со различни ефекти ширум планетата.

„Не е само фреквенцијата и интензитетот она што се случува, туку и промените во времето и времетраењето на тие екстреми“, вели Алваро. „Веќе не знаеме што е нормално кога станува збор за климата, бидејќи гледаме сѐ поекстремни временски прилики".

Кои екстреми се предизвикани од климатските промени, а кои не?

Влијанието на климатските промени може да се види ако се набљудуваат долгорочните временски трендови, но утврдувањето на нивната улога во конкретни временски настани дури неодамна стана возможно.

ДВ анализираше три главни временски настани оваа година за да види дали климатските промени се одлучувачки фактор.

Дали постои врска помеѓу климатските промени и жештините во Индија?

Во април и мај, Индија, како и многу делови од Азија, беше погодена од екстремни горештини. Во делови од таа земја се забележани температури и до 47 Целзиусови степени, што доведе до поголем број на смртни случаи, но и до ширење на сиромаштијата.

Екстремната жештина дури ја доведе во прашање излезноста на гласачите на изборите во Индија. Неколку политичари, службеници задолжени за спроведување на изборите, како и раководители на изборна кампања, наводно, се разболеле поради жештините, меѓу нив и сојузниот министер за транспорт кој паднал на бината.

 „Повеќе од 900 милиони гласачи требаше да излезат и да чекаат во редици, со часови и часови под сонцето“, вели Лена Рикила Таманг, директорка за Азија на невладината организација ИДЕА со седиште во Шведска.

И додава: „Гледаме јасен пад на излезноста на гласачите во споредба со изборите во 2019 година“.

Индија жештина Калкута
Во делови од Индија се забележани температури и до 47 Целзиусови степениФотографија: Debarchan Chatterjee/NurPhoto/picture alliance

Топлотниот бран бил дури 45 пати поверојатен поради климатските промени и бил за 0,85 степени Целзиусови потопол отколку што би бил инаку, според ВВА (World Weather Attribution, WWA), иницијатива на научниците кои истражуваат дали и до кој степен климатските промени предизвикани од човековата активност одиграа улога во последните екстремни временски настани.

 „Апсолутно нема сомнеж дека сè додека продолжуваме да согоруваме фосилни горива и со тоа да ја зголемуваме концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата, овие топлотни бранови ќе станат почести, посериозни и ќе траат подолго“, вели Фридерике Ото, шефица на ВВА, за DW.

Штетата предизвикана од екстремните временски услови  зависи од ранливоста на населението. Дури и навидум мал пораст од 0,85 степени Целзиусови може да предизвика голема штета.

„Во земјите како Индија и другите делови на Јужна Азија, каде што многу луѓе работат на отворено, тие се многу поизложени и ранливи на дури и релативно мали промени во екстремната жештина“, истакнува Ото.

Дали климатските промени одиграа улога во поплавите во Бразил?

Повеќе од сто луѓе загинаа во катастрофалните поплави во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул. Штетата се мери во милијарди долари.

Речиси милион и пол луѓе беа раселени, што наводно е најголемиот случај на т.н. „климатска миграција“ во таа земја. Владата дури размислува да премести цели градови за да избегне идни катастрофи.

За да ги објаснат причините за овие поплави, некои научници веќе укажаа на ефектите од климатските промени, како што е постојаното затоплување предизвикано од Ел Нињо. Ранливоста, исто така, игра значајна улога во штетите од поплави, при што некои инженери укажуваат на недоволна подготвеност и инфраструктурни проблеми.

Една студија, објавена од француска група наречена Лабораторија за климатски и еколошки науки, заклучи дека обилните врнежи што ги предизвикаа поплавите во голема мера се припишуваат на  климатските промени предизвикани од човекот.

ВВА моментално работи на сопствена студија, но Фридерике Ото веќе верува дека претходните поплави во земјата беа јасно поврзани со  климатските промени.

Повеќе торнада во САД поради климатските промени?

САД годинава беа соочени со голем број торнада. Во текот на четири дена, повеќе од сто торнада ги погодија областите на Средниот запад и Големите рамнини, „предизвикувајќи значителна штета и загуби на животи“, како што изјавија официјални лица.

Националната метеоролошка служба во Омаха, Небраска, регистрирала рекорд: за само еден ден биле издадени 48 предупредувања за торнадо.

Но, причините за торнада е многу тешко да се утврдат поради нивниот мал опсег. Студиите за атрибуција на климатските промени најдобро функционираат на настани од големи размери, како што се екстремна топлина, екстремен студ или суша.

Со исклучок на тропските циклони во Северен Атлантик, климатските промени не се поврзани со зголемување на брзината на ветерот, особено над копното, вели Ото.

Торнадо во САД
Зачестена појава на торнада во САДФотографија: Scott Schilke/Sipa USA/picture alliance

„Со оглед на тоа што не гледаме промени во други видови на брзина на ветер или други видови бури, не би очекувала голема промена. Но, за торнадата може да биде сосема поинаку, бидејќи тие се поинаков феномен“, истакнува Ото.

Во основа, научниците не можат да кажат каква улога одиграле тука климатските промени или дали воопшто одиграле некаква улога.

Зарем не се случуваат секогаш екстремни временски настани?

Историјата е полна со примери на екстремни временски настани. Дури и пред да почнат да се вртат запчениците на индустриската револуција, луѓето наголемо ги користеле фосилните горива одговорни за климатските промени.

Екстремните временски настани се природен феномен, но климатските промени очигледно ги направија многу поверојатни и многу подеструктивни, велат експертите.

Пред 1990-тите, околу 70 до 150 временски настани и опасности поврзани со водата би биле пријавени годишно. Од 2000 година, годишно се регистрираат повеќе од 300 екстремни настани.

Дури и ако се земе предвид дека во минатото малку се известувало, „разликата е несомнена“, заклучува Алваро Силва од Светската метеоролошка организација.