Планираното палење на Тората предизвика бес во Израел
15 јули 2023По јавното палење на примерок на Куранот во Шведска пред две недели, полицијата во главниот град одобри јавен собир на кој три лица планираат да запалат примероци на светите книги на Евреите и на христијаните. На протестот, кој треба да се одржи денеска во близина на израелската амбасада, во Стокхолм, треба да бидат запалени примероци на Тората, светата книга на Евреите, и на христијанската Библија. Протестот, е израз на слободата на говорот, се вели во барањето за дозвола за собирот поднесено до полицијата.
На барање на новинската агенција АФП, полицијата во Стокхолм нагласи дека не издала одобрение за официјалното барање за палење верски книги, туку одобрила јавен собир на кој ќе се изрази „одредено мислење“, со оглед на уставното право на слободата на собири.
„Полицијата не издава дозволи за палење на разни верски текстови“, изјави Карина Скагерлинд, портпаролка на полицијата во Стокхолм. „Полицијата издава дозволи за одржување на јавен собир и искажување мислења. Ова е важна разлика“, додаде таа.
Ваквата реакција на полицијата во Стокхолм и планираниот протест предизвика гнев и остри критики пред сѐ од Израел и од еврејските организации.
„Како претседател на државата Израел го осудив палењето на Куранот, кој е свет за муслиманите ширум светот, а денес ме боли душата кога ќе помислам дека истата судбина ја чека и еврејската Библија, вечната книга на еврејскиот народ“, изјави израелскиот претседател Исак Херцог, кој ја осуди постапката на шведската полиција.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на Твитер напиша: „Државата Израел многу сериозно ја сфаќа оваа срамна одлука да се наштети на најголемата светост на еврејскиот народ“.
Министерот за надворешни работи на Израел, Ели Коен ги повика шведските власти да го спречат палењето.
Во барањето испратено до полицијата, организаторите на денешниот собир наведуваат дека планираат да ги запалат овие верски книги како одговор на палењето на Куранот во јуни пред џамија во Стокхолм, што предизвика бес муслиманите ширум светот.
На 28 јуни годинава, Ирачанец кој имигрирал во Шведска запали неколку страници од Куранот пред главната џамија во Стокхолм на големиот муслимански празник Курбан Бајрам,.
Споменатиот настан предизвика лавина остри критики во муслиманскиот свет, а Советот за човекови права на ОН во средата (12 јули, 2023) донесе резолуција со која осудува палење на Куранот и искажување верска омраза.