Откако 27. светска климатска конференција изминатата сабота се чинеше дека ќе се заврши без да се постигнат резултати, во ноќните преговори со 36 часа задоцнување сепак некако се успеа да се прејде целната линија. Билансот е разочарувачки резултат и еден голем успех.
Прво добрата вест: формирањето фонд за обесштетување на особено погодените земји за загубите и штетите од климатските промени е одамна потребен чекор во меѓународната климатска дипломатија. Богати земји, пред сѐ САД и држави од ЕУ, со години се противеа на таквиот концепт. Во Шарм-ел-Шеик се случи пресвртот, пред сѐ благодарение на промената на ставот на ЕУ принципиелно да се преферираат друг тип на финансиски инструменти.
Фонд за обесштетување е голем чекор за климатска праведност
Богатите земји во иднина ќе мора да сносат поголема финансиска и непрофитно ориентирана одговорност за штетите настанати од климатските промени, кои самите во голем дел ги имаат предизвикано. Договорот се оквалификува како „историски” од страна на ОН и многу медиуми. За деталите кој кому колку ќе плаќа, ќе се преговара на следната климатска конференција во Обединетите Арапски Емирати.
Настрана од тоа, со оглед на климатската катастрофа кон која се движиме со полна пареа, сето ова не би требало да биде ништо „историско”, туку само по себе разбирливо. Не сакам да го намалам значењето на она што е постигнато. Низ призмата на климатската дипломатија ова е историски чекор за признавање на одговорноста на богатите земји спрема посебно погодените земји на глобалниот југ. И ова е голем чекор кон повеќе климатска праведност.
2022 - залудно потрошена година
И сепак: меѓу логиката и реперите на климатската дипломатија кои моментално се под влијание на енергетската криза и најразлични интереси, и она што ние врз основа на научни сознанија за климатските промени може да го оцениме како „историски” напредок, се милиони светлосни години разлика. КОП27 требаше да биде климатска конференција насочена кон реализација. Конференција за реален, вистински напредок за д се намали загревањето на климата на 1,5 степени Целзиусови или барем значително под два степени.
Факт е дека 2022 е потрошена година. Единствените позитивни најави за намалување на штетните емисии се плановите на Бразил под раководство на новоизбраниот претседател Лула да престане сечата на шума и планот на Кина за намалени емисии на метан. Но, тоа што ќе се заштеди на овој начин, ќе се неутрализира со новите инвестиции во инфраструктура за пренос на гас, меѓу другото и германската инвестиција во Сенегал. И со тоа сме повторно на нула. Ни преостануваат седум години за на глобално ниво да ги преполовиме емисиите на стакленички гасови и да ги ограничиме смртоносните последици од топлите бранови, невремињата, поплавите и порастот на нивото на морето, како и на затоплувањето на 1,5 степени. Наместо тоа, на КОП27 имаше дипломатски препукувања. Во саботата изутрина (19.11) конференцијата дури се чинеше дека ќе пропадне бидејќи египетското претседателство приложи нацрт кој веројатно ќе им беше по мерак пред сѐ на производителите на нафта и гас на светов. Во него дури и не се ни споменуваа постојано растечките климатски цели. Целта за 1,5 степени со тоа ќе беше ад акта. Конференцијата беше на работ на пропаст.
Времето ни истекува
Немаме веќе време за вакви политички игранки! Кога попладнето беше постигнат „голем напредок“ со помош на климатска дипломатија за да се спаси конференцијата, како што се велеше од преговарачките кругови од ЕУ, научниците што ја проучуваат климата можеа само да останат со кренати раменици. За да се достигне целта од 1,5 степени и да се обезбеди поголема климатска праведност, отсега натаму на годишно ниво ни требаат „историски“ резултати во сите области – емисии на гасови, адаптација, штети и загуби – со цел да се реши една од најголемите кризи на човештвото.
Може да се почне со историски преговори за глобален договор за постепено укинување на употребата на јаглен, нафта и гас. Но, токму овој предлог на Индија со поддршка на земјите во развој и ЕУ не влезе во конечните заклучоци.
Дипломатските преговарачки успеси веќе не смеат да бидат исклучок кога станува збор за климата – во овие времиња „историското“ мора да стане нешто што се подразбира само по себе. Ако на климатската дипломатија во следниве години не ѝ успее да постигне поголем напредок до целта од 1,5 степени и наместо тоа дојдеме до степен да зборуваме за затоплување од два или три степени како да е тоа најнормално, тогаш ќе мора да си припишеме историски неуспех. А тоа, разбирливо, никој не го сака.