1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Свртување на Европа на десно: Имигрантите се загрижени

Давид Ел
11 јуни 2024

Големи придобивки во Парламентот на ЕУ, нови избори во Франција, АфД најсилна партија во Источна Германија: европската десница триумфира, додека луѓето со миграциско потекло се загрижени за своето место во општеството.

https://p.dw.com/p/4gtIh
Протест против десен екстремизам во Германија
Свртување на Европа на десно - нпротест против десен екстремизам во ГерманијаФотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Франција е „кафеава" - барем на мапата на која се прикажани победниците на локалните избори по европските избори, другите  бои можете да ги видите само кога ќе погледнете внимателно. Десничарската партија Национално собрание доби 31 отсто од гласовите, повеќе од двојно повеќе од сојузот на  претседателот Емануел Макрон -  кој се реши на брзи нови избори за парламентот вечерта по изборите.

Значи после изборите е пред изборите во Франција. И додека многу луѓе во Европа се загрижени поради идејата дека партијата на Марин Ле Пен би можела да формира влада во последните две години од мандатот на Макрон, една група е особено загрижена: имигрантите и нивните потомци.

„Имигрантите во Франција се плашат“

Раџа Али Асгар дошол во Париз од Пакистан пред 35 години и денес ја предводи Пакистанската муслиманска лига на Франција. „Имигрантите кои живеат во Франција се загрижени за својата иднина“, вели тој за ДВ. „Десните политички партии отсекогаш имале особено антиимигрантски ставови. Под нивната влада ќе се зголемат проблемите на имигрантите. Тој се плаши од неповолности при барање работа и добивање социјални бенефиции. „Мислам дека проблемите на имигрантите во Европа ќе се зголемат во следните неколку години“, вели Раџа Али Асгар.

Успех на десничарите на Марин Ле Пен на европските избори во Франција
Успех на десничарите на Марин Ле Пен на европските избори во Франција Фотографија: Samuel Rigelhaupt/Sipa USA/picture alliance

Слично гледа и Сатар Али Суман, кој води неколку ресторани во Париз и емигрирал од Бангладеш пред 24 години. „Сите знаат дека десничарските политички партии не ги сакаат имигрантите, особено муслиманите. Имигрантите во Франција се плашат од деновите што доаѓаат“, вели Суман за ДВ.

„Фашизмот пристигна“

Француската авторка Емилија Роиг е уште појасна: „Согледајте дека фашизмот пристигна - ајде да зборуваме за него во сегашно време. Негирањето не е од помош, туку само го влошува“, пишува Роиг на Инстаграм.

И невладината организација за социјална работа Ghett'Up, која работи со млади мигранти во париското предградие Сен Дени, напиша на X во поглед на новите избори: „Мораме да се префрлиме на режим на борба“.

И во Австрија, резултатот од европските избори се смета за тест на расположението за националните избори што треба да се одржат таму наесен: десничарската популистичка Слободарска партија на Австрија стана најсилната таму, пред конзервативната ЕВП. Во Италија, постфашистичката Фратели д'Италија на премиерката Џорџија Мелони освои најмногу гласови на европските избори. Генерално,  најдесните фракции во Европскиот парламент  постигнаа значително зголемување на моќта.

„Луѓето знаат дека АфД е десничарска екстремистичка партија“

Во Германија, ниту една партија не доби толку нови гласови на европските избори како АфД, која е класифицирана од домашните тајни служби на национално ниво како  сомнително десничарски екстремистичка, а во три источни германски сојузни покраини дури и како потврдено десничарски екстремистичка. Во две од овие сојузни покраини и во една друга, наесен ќе се избира нов покраински парламент - и во сите три  АфД беше јасно во предност на европските избори.

Ова загрижува многу луѓе во Германија - како што е претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, Аиман Мациек: „Тоа не е проблем само за мигрантската заедница, туку и за демократијата. Мислам дека дел од демократските партии сè уште не го разбрале ова второво“, вели Мациек во интервју за ДВ. „АфД е народна партија, барем во Источна Германија - никогаш повеќе не сакам да ја слушнам бајката за гласачи во знак на протест. Тие се идеолошки маскирани луѓе кои добро знаат дека ова е десничарска екстремистичка партија“.

И во Германија се правеше кампања со ширење на стравовите на луѓето и хушкање против мигрантите
И во Германија се правеше кампања со ширење на стравовите на луѓето и хушкање против мигрантитеФотографија: Revierfoto/dpa/picture alliance

Ејуп Калион, генерален секретар на Турско-исламскиот сојуз на Организацијата за религија (ДИТИБ), најголемата муслиманска организација по бројност, за ДВ зборува со длабока загриженост за социјалната поделба: „Мораме да констатираме дека екстремните рабови - десно и лево - во одделни покраини имаат мнозинство. Она што е заедничко за двата правци е што заземаат популистички и протекционистички позиции и ја трујат социјалната клима“.

„Секој мора да го даде својот придонес“

Европските избори во Келн, западна Германија, се совпаднаа со 20-годишнината од нападот со бомба на Којптштрасе, во кој беа повредени 22 лица, од кои некои потешко. Дури години подоцна истражителите ја открија врската со десничарската екстремистичка терористичка група НСУ, која пред и потоа уби вкупно десет луѓе од  расистички мотиви.

Фактот дека на тој ден  АфД стана втора најсилна сила,  е реалност „која е тешка за поднесување “, напиша на Х Џихан Синаноглу, шеф на истражувачкиот проект „Национален монитор за дискриминација и расизам“.

Мерал Сахин самата има продавница на Којптштрасе - и беше вклучена во комеморацијата како копретседавач на интересната група Којптштрасе. По европските избори, таа за ДВ изјави: „Неверојатно е тажно да се види како цела Европа се развива кон десно. Што значи тоа за сите нас? Мислам дека многу луѓе не го сфаќаат тоа“. На Којптштрасе се обидоа да го дадат својот удел, вели Шахин за ДВ - и предупредува: „Мора да се направи нешто повеќе. Секој треба да го даде својот удел“.

Мерал Сахин
Мерал Сахин: Неверојатно е тажно да се види како цела Европа се развива кон десноФотографија: Tuncay Yildirim/ DW

„Ако овие движења стануваат посилни, се зголемува и нивото на закана“

АфД беше критикувана  во јануари по извештајот за одржан таен состанок на кој се разговарало за тоа како масовно луѓе со миграциско потекло да бидат „ремигрирани“, односно депортирани од Германија.

На загриженоста во групите на мигрантско население не се одговара соодветно, критикува Тахир Дела од иницијативата „Црни луѓе во Германија“. „Напротив, постои загриженост за губење на гласачите, за губење на довербата и затоа, така да се каже, губење на моќта“, вели Дела за ДВ. Меѓутоа, централниот проблем енешто друго: „Како што овие движења се зголемуваат и добиваат сила, се зголемува и нивото на закана за обоените луѓе, мигрантите и бегалците“.

Советувалиштата за жртви и полицијата неодамна предупредија на значително зголемување на десно политички мотивираните кривични дела во Германија, особено од расистички и антисемитски мотиви. По европските избори, многумина стравуваат дека сè уште не е стигнат крајот на овој развој на целиот континент.

Соработка: Јунас Кан (Париз), Елмас Топчу