1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Тајни документи за атомско оружје во вилата на Доналд Трамп?

ЖА / агенции
7 септември 2022

Екс американскиот претседател Трамп во својата вила чувал изгледа и документ за атомското оружје на странска држава. Дел од другите пронајдени документи во неговиот приватен имот се со доверливост од највисок степен

https://p.dw.com/p/4GVDI
CPAC-Konferenz in Texas | Donald Trump
Фотографија: Brandon Bell/Getty Images/AFP

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, по напуштањето на функцијата, зачувал и строго доверливи документи во својата вила. Меѓу нив се наоѓа и таен материјал за атомското оружје на друга држава, известува весникот „Вашингтон пост“, без објавување детали за која држава станува збор.

При  претресот на приватниот имот на Трамп,  Мар-а-Лаго на Флорида на почетокот на август, истражителите заплениле документи со ознака на највисока тајност, толку сензибилни што до нив немаат пристап ни високопозиционирани членови на националната безбедност, пишува весникот. Единствено претседателот и мал број најблиски соработници од неговиот кабинет имаат овластувања да овозможат другите членови на владата да дознаат информации за овие документи. Кај одделни тајни американски операции, само неколку луѓе во целиот владин апарат се повластени да ја дознаат воопшто нивната егзистенција, а документите за нив вообичаено се чуваат во високо обезбедени објекти, под надзор на контролори.

Кратко по претресот кај Трамп,  „Вашингтон пост“ извести дека федералната полиција ФБИ барала тајни документи за атомско оружје, што Трамп го отфрли како обична „лага“. При рацијата се запленети преку 11.000 владини документи и фотографии, произлегува од судските извештаи. Познато е дека меѓу пронајдените се наоѓале повеќе од 100 доверливи документи, од кои дел се класифицирани како најстрога тајна. Трамп, со тоа што ги задржал на својот приватен имот документите по заминувањето од функцијата,  може да ги прекршил законите,  за што сега се води истрага.

Уште во мај федералната полиција ФБИ извршила проверка на  15 картони со документи,  кои Трамп по долги натегања ги предал од својот приватен имот во Националниот архив на САД.

Истражителите во таа прилика наишле на 184 доверливи документи со различен степен на тајност. По судски налог, кратко потоа тимот на Трамп на ФБИ предал дополнителни 38 доверливи документи, од кои 17 со ознака „строго доверливо“. Вкупно, станува збор за најмалку 300 доверливи документи кои Доналд Трамп ги зачувал кај себе по завршувањето на претседателскиот мандат.