1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талат Џафери пред нов референдумски испит

23 септември 2022

Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските Заклучоци од 16-ти јули 2022 година - е прашањето со кое Левица планира иницијатива за референдумско изјаснување.

https://p.dw.com/p/4HFAP
Како Талат Џафери ќе одговори на новата иницијатива за референдум?
Како Талат Џафери ќе одговори на новата иницијатива за референдум? Фотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ критикува, ВМРО-ДПМНЕ чека да го слушне образложението, правни експерти исто така, а Левица верува дека има дефинирано прашање со кое е невозможно формално-правно да се одбие нивната иницијатива за референдумско изјаснување на граѓаните.

„За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе ги напаѓаме Заклучоците, за да не му даваме муниција на Талат Џафери да изигрува уставен судија, односно да толкува Устав“, рече вчера (22.09) лидерот на Левица, Димитар Апасиев, објаснувајќи како е дефинирано референдумското прашање.

„Прашањето би било: ‘Дали сте за продолжување на преговорите со Европската Унија, со прифаќање на собраниските Заклучоци од 16-ти јули 2022 година?’ Со ова мислиме дека е практично невозможно формално-правно да се одбие иницијативата и затоа одиме на оваа варијанта, чиј наратив е продолжување на духот на антивладините протести. Значи, наративот да биде ‘против’, а не ‘за’“, образложи Апасиев во гостување на ТВ „Канал 5“.

Тој потенцираше и дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ формално-правно била чиста, но проблемот е што Џафери „силеџиски“ постапил кон неа.

Во намерата да поднесе иницијатива за задолжителен рефрендум, Левица се повикува на член 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, кој предвидува: „Референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието (претходен референдум) и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието (дополнителен референдум).“

„Имено, тие ‘други прашања за кои одлучувало Собранието’ се овие Заклучоци кои ние ги ставаме на референдум“, објасни Апасиев.

Според него, проблемот на Заклучоците е во точката 1 и точката 3.

„Aко ги читате Заклучоците, си велите сѐ е заштитено – јазикот е заштитен... Меѓутоа, точката 1 ја внесува Преговарачката рамка - тоа се трите документи коишто нам како пратеници не ни ги даваа, па моравме да бараме да ни ги достават, и точката 3 Г - тоа е предлогот на француското претседателство. Тие се спорните документи“, oбразложи лидерот на Левица.

Левица смета дека има дефинирано прашање со кое е невозможно формално-правно да се одбие нивната иницијатива за референдум (фото: Димитар Апасиев)
Левица смета дека има дефинирано прашање со кое е невозможно формално-правно да се одбие нивната иницијатива за референдум (фото: Димитар Апасиев)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Првични дилеми

Правници со кои разговараше ДВ велат дека треба да се анализира прашањето и образложението. Но, првично презентираното, кај дел од нив, создава дилеми.

„Многу е генерално прашањето. Во една иста реченица се ставени сите Заклучоци, а, од друга страна, сите заклучоци не се спорни, туку само дел се посочени како проблематични“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур.

За други е нејасно - што со Заклучоците, односно дали при евентуално успешен референдум тие се ништат.

Некои од соговорниците потсетуваат дека токму за тие Заклучоци дел од пратениците не ја исполниле пратеничката обврска – не гласале ниту „за“, ни „против“, ниту биле „воздржани“, ниту, пак, побарале да бидат испитани пред Уставниот суд. Оттаму, не се сигурни што е целта на референдумот.

„Ние не го напаѓаме директно францускиот предлог, бидејќи во тој случај, Џафери ќе рече тоа не е надлежност на Собранието и ќе биде во право“, рече вчера Апасиев.

Според него, со Заклучоците кои Собранието не морало, но ги усвоило, самото си дало автогол. Односно, сакајќи да покаже некаква општонародна поддршка за предлогот, Собранието донесло акт кој сега може да се спори, односно да биде ставен на референдум.

„И сега, рацете на Џафери ќе бидат прилично врзани за одбивање“, смета Апасиев.

Меѓу воздржаност и реакции

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е добро што се говори за референдум, но чекаат да го слушнат образложението на Левица.

„Добро е што се зборува за референдум, тоа беше наша иницијатива - народот да се изјасни. Ќе го почекаме образложението на Левица за предложеното прашање“, кусо изјавија за ДВ од ВМРО-ДПМНЕ.

- повеќе: Еднонационални референдуми се опасни преседани, предупреди Османи

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој на 13-ти септември ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на задолжителен референдум - со образложение дека не е во согласност со Уставот, не беше достапен за коментар на најавената иницијатива.

Од ВМРО-ДПМНЕ чекаат да го слушнат образложението на Левица
Од ВМРО-ДПМНЕ чекаат да го слушнат образложението на ЛевицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од СДСМ се уверени дека тоа е уште еден обид на неуставен начин да се блокира европскиот пат на државата.

- повеќе: Целосна блокада на умот

„Овој обид нема да помине и државата ќе продолжи и понатаму кон европскиот пат, секако со сите придобивки којшто ги носи овој процес“, порача вчера Дарко Каевски, пратеник и портпарол и на СДСМ, одговарајќи на новинарско прашање.

„Единствени коишто се против ЕУ токму во оваа фаза во која се наоѓаме со почеток на преговорите и скрининг процесот - се Христијан Мицкоски и Левица. Криминалната антиевропска коалиција бара спас за својата фотелја, бара спас преку блокирања и штета врз државата. Северна Македонија ги започна преговорите и скрининг процесот, и како државотворна и одговорна партија верувам дека ќе продолжиме по вистинскиот пат, забрзан, сѐ со цел час поскоро да ги завршиме обврските и да ги имаме придобивките којшто ги носи европскиот процес на нашата држава“, рече Каевски.