Талат Џафери: Рано е за уставни измени
28 јули 2022Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека е рано за уставните измени коишто ќе треба да ги направи земјата на патот кон ЕУ, со внесувањето на Бугарите во Уставот. Тој на денешниот брифинг со новинарите порача дека е прерано да ги коментира „хипотетичките“ најави на опозицијата за референдум за преговарачката рамка со ЕУ.
Собранискиот спикер потенцираше дека не се подготвува за предвремени избори, потсетувајќи ја опозицијата дека за тоа се потребни претходни подготовки - 100 дена пред вакви избори потребно е да се формира техничка Влада.
Во однос на актуелните случувања во парламентот со немањето кворум и активната блокада од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери порача дека пратениците треба да си ја заработат платата и да бидат во салата. „Проблемите во владејачката коалиција треба да се решаваат политички, а не со неприсуство и негласање на законите“, дециден е Џафери, кој смета дека ако односите во извршната власт имаат проблем поради политичките договори, тогаш треба таму да ги решаваат.
„Мене политички договори не ме интересираат. Овде сме дојдени за гласање на закони“, рече Џафери.
Собранието е (не)функционално
Џафери смета дека Собранието е функционално, а вината за тоа што околу 80 точки останале неразгледани ја гледа во претседателите на комисиите кои не закажуваат седници.
„Во овој мандат одржани се 83 пленарни седници, од кои завршени се 54, а незавршени се 29 седници. На 83 седници имало 973 точки на дневен ред, а неразгледани се 80 точки бидејќи претседателите на комисиите не свикуваат седници. Два закони и тоа законот за прекршоци и законот за следење на комуникациите не се донесени и за нив е потребно двотретинско мнозинство“, вели Џафери.
Собранието официјално оди на одмор по Илинден, а првите активности се очекуваат од 29 август. Првата редовна седница ќе биде закажана за 13 септември, а дотогаш ќе се одржуваат седници на комисии и продолженија на незавршени седници.