Џафери: Процесот за уставни измени ќе почне и без консензус
30 мај 2023Најмалку четири ипол месеци ќе бидат потребни за усвојување на уставните измени од моментот на доставување на иницијативата во Собранието до нивното усвојување. Процесот може да почне и без постигнат политички дијалог и да се искористат 30 дена до првото гласање за постигнување договор, порача на брифинг со новинарите претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Според него, процедурално не е пречка да се отпочне процесот и да продолжат преговорите за политички консензус. „Не е невозможна мисија имајќи ги предвид овие рокови. И додека течат тие рокови има време за дебата“, вели Џафери, откако во понеделникот (30.05) и претседателот Стево Пендаровски рече дека дури и да не е обезбедено потребното мнозинство, постапката во парламентот треба да почне.
„Албанскиот јазик“ ќе почека
Засега нема да се излегува во пресрет на барањето за промена на формулацијата „20 отсто“,со што „албанскиот јазик“ ќе треба да почека некоја наредна иницијатива за отворање на Уставот. Џафери ја отфрли можноста, откако ќе стигнат нацрт амандманите од Владата, да може да се поднесуваат нови. Според него, ниту Владата како иницијатор не може да предлага нов амандман кога ќе почне постапката.
Па така, амандмани може да се поднесат само за она што е предмет на измените на Уставот и тоа право го имаат пратеник, работно тело и Владата како предлагач, најдоцна осум дена пред Седницата на Собранието.За да се изгласаат предлог-амандманите потребни се 80 гласови.
„Консензус е неминовен во оваа процедура затоа што не може се помине ни во една постапка без тој консензус. Во овој случај, ова веќе ги надминува интересите на мнозинството. Ова веќе не е само интерес на мнозинството, ова е интерес на државата и на граѓаните“, порача Џафери.
Доколку нема две третини на првото гласање, процедурата ќе прекине. За тоа дали во вакво сценарио би имало избори, Џафери вели дека за тоа да се случи потребни се 61 глас за распуштање на парламентот. Државниот врв, според него, досега не разговарал доколку не се усвојат уставните измени, што може да предизвика нова длабока политичка криза.
Процедури
Од пристигнувањето на иницијативата за уставни измени во Собранието, потребни се 30 дена за таа да биде разгледана, по што ќе се одржи пленарна седница на која треба да се гласа.
„Седницата може да почне и со 61 пратеник за усвојување на дневниот ред, со точка на дневен ред иницијатива за пристапување кон измени на уставните измени. Се усвојува дневниот ред со присуство на 61 пратеник, а од нив минимум една третина да изгласа „за“ е поминат дневниот ред. Одлуката за пристапување што треба да ја донесе Собранието е со двотретински гласање (од 120 тоа се 80 пратеници). Оваа иницијатива ќе има две точки, барем првично каде што треба да се гласа и со Бадентерово мнозинство“, вели Џафери.
Од вкупниот број пратеници 40 се припадниците на заедниците, а од нив за овие гласања потребни ќе бидат гласовите на 21 пратеник од заедниците.
Предлог-иницијативата за уставните измени се разгледува во Министерството за правда. Откако ќе биде преведена на албански јазик ќе биде испратена во Владата, а потоа и во Собранието. Работната група за уставни измени предложи, освен Бугарите во Преамбулата да бидат впишани и Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните.