1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Тасева за Соравија: Да се следат финансиските текови

27 јуни 2023

Активностите околу купувањето на загубарот Соравија се предизвик за институциите кои се задолжени за организирана превенција и борба против корупцијата, вели претседателка на ТИМ, Слаѓана Тасева

https://p.dw.com/p/4T6No
Али Ахмети ДУИ Северна Македонија
Али Ахмети, лидерот на ДУИ и чичко на Дрин Ахмеди, еден од купувачите на загубарот „Соравија“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Зошто некој би влегол во процес на купување загубар со долг од 20 милиони евра, а притоа со партнер кој во таа зделка влегува со нула денари? Ова е прашањето на кое нема одговор од вчерашната прес- конференцијата на актерите вклучени во преземањето на деловниот центар Соравија: сопственикот на „Тор индустрис“ Дрин Ахмеди (внук на Али Ахмети) и албанската „Пе-вла-ку ШПК“ на Владимир Пјетерѓокај.

Дали „хемијата што се создала“ меѓу учесниците во оваа зделка, како што беше речено, навистина се должи на претприемачкиот дух, или повеќе на надеж во моќното политичко опкружување на едниот од нив?

Во јавноста доминираат сомневања дека „нула денари“ инвестиција не мора и реално да биде нула, ако низ трговија со влијание тоа се надомести со прилив на средства, обезбедени преку арбитрарно вклучување на актерите во некој капитален проект во земјата.

Како да се елиминираат ваквите опасности?

„Мојата препорака е службите од двете страни на границата, па и пошироко, подобро да се организираат во ефикасно следење на финансиските текови поврзани со бизниси вклучени во развојни проекти“, вели Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси Интернешнл - Македонија.

„Активностите околу купување на загубарот Соравија претставуваат посебен предизвик за институциите кои се задолжени за организирана превенција и борба против корупцијата.Овие дејствија содржат елементи на меѓународна (прекугранична) активност и вклучуваат поврзаност со политички експонирани лица, како и со лица од бизнисот кои делуваат во сфери на високопрофитна дејност заснована на трошење на јавни пари и државни заеми, како што се изградба на патишта, а тесно се поврзуваат и со банкарскиот сектор кој се јавува како кредитор“, укажува Тасева.

Првите тендерски обиди - неуспешни

Сумата за која се продава Соравија е деловна тајна, а долгот од 20 милиони евра, настанат заради кредитите со кои Хано Соравија го купил деловниот центар, не ги премислил Ахмеди и Пјетерѓокај да преговараат за преземање на центарот. Засега се знае само дека купувањето се спроведува со кредитна линија во износ од шест милиони евра обезбедени преку „Крединс банка“, каде албанскиот партнер Пјетерѓокај бил акционер. Тоа е почетната сума со која идните сопственици ќе се обидат да го намалат долгот од 20 милиони евра. Вредноста на трансакцијата ќе биде објавена во септември кога ќе завршат сите процедури. Во „Соравија инвест“ мнозински сопственик со 51 отсто ќе биде „Пе-вла-ку ШПК“, 39 отсто ќе има „Тор индустрис“, а 10 отсто ќе останат на сегашниот сопственик Хано Соравија. Во „Соравија менаџмент“ албанската фирма исто така ќе поседува 51 отсто, а компанијата на Ахмеди 49 отсто.

Албанската „Пе-вла-ку“ е основана во 2005 година во Тирана и има подружници во Македонија, Косово и Хрватска. Била дел од фирмите кои ја граделе обиколницата во Тирана. Албанскиот бизнисмен посочи дека со Хано Соравија соработуваат на голем проект кај Валона, што било и една од причините да реши да влезе на македонскиот пазар преку неговиот деловен центар.

Првиот бизнис на албанската и косовската подружница на „Пе-вла-ку“ во Хрватска бил изградба на новите градски гробишта во Задар, кој го добиле лани на јавен тендер и врз база на најниска понуда, во вредност од 24,8 милиони куни.

Пјетерѓокај досега неколкупати се обидел да добие некој државен тендер во Македонија, но не добил. Прашан дали ќе биде дел од фирмите ангажирани за изградбата на коридорите 8 и 10-д кои треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, рече дека размислува, но сè уште не одлучил. Дрин Ахмеди, пак, стави до знаење дека неговиот чичко Али Ахмети му бил пример и мотивација во животот, но дека тој нема никаква врска со неговите бизниси.

 лого на Транспаренси интернешнл
Влијанието обично се поврзува со корупцијата и во тој контекст е незаконско и под будно око на институциите кои се задолжени за организирана превенција и борба против корупцијатаФотографија: Soeren Stache/picture alliance/dpa

Превенција на противзаконито влијание

За да се утврди дали е така, според експертите, вниманието треба да се насочи кон невидливата рака на трговијата со влијание.

„Во криминологијата, па и во типологијата на коруптивни кривични дела, вградени се и дејствијата на искористување на влијание, свое или туѓо за остварување на корист“, потсетува Тасева.

„Влијанието е практика на користење на нечие влијание во Владата или врските со властите за добивање поволности или повластен третман за друг, обично за плаќање. Исто така се нарекува сообраќај на влијание или тргување со влијание. Влијанието само по себе не е нелегално, бидејќи Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) често го користела изменетиот термин „неосновано влијание“ за да се однесува на нелегалните дејства на лобирање. Меѓутоа, влијанието обично се поврзува со корупцијата и затоа може да ја делегитимира демократската политика со пошироката јавност“, објаснува претседателката на Транспаренси Интернешнл - Македонија.

Тоа е казниво како кривично дело во повеќе држави, а нашиот Кривичниот законик содржи одредби со кои се инкриминира Примање награда за противзаконито влијание, за оној што со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед ќе бара, интервенира, поттикнува или на друг начин ќе влијае да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши. Истото се однесува и за оној што тоа ќе го стори за награда, подарок или друга корист.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема