1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

Северно Косово: Отстранување на уличните блокади

Тагесшау (АРД) | БЈ | агенции
29 декември 2022

Започна отстранувањето на барикадите во северно Косово, кое го најави српскиот претседател Вучиќ. Претходно суд во Приштина му го замени затворот со домашен притвор на српскиот полицаец чие апсење ги предизвика тензиите.

https://p.dw.com/p/4LWHO
Утрината (29 декември 2022)  косовските Срби веќе ја отстраниле барикадата кај Мердаре
Утрината (29 декември 2022) косовските Срби веќе ја отстраниле барикадата кај МердареФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Во време на продлабочување на кризата меѓу Србија и Косово на повидок е решение за 19 дневната блокада на патиштата. како што јавуваат српските медиуми Србите утринава веќе ќе започнаа со отстранување на барикадите, како што доцна синоќа беше најавено од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со Србите од северно Косово во Рашка. „Тоа е долг процес и ќе потрае некое време,“ рече Вучиќ. Прва според медиумите во Белград, била отстранета барикадата кај местото Мердаре а во тек е и отстранувањето на останатите блокади на патиштата. 

Причина за најновите тензии беше апсење на српски полицаец, кој наводно за време на претходните демонстрации нападнал полицајци од Косово. Српските демонстранти бараа негово ослободување и поставија блокади на улиците за време на протестите кои беа делумно насилни. Судот во Приштина сега одреди полицаецот да биде ослободен од затвор и да биде ставен во домашен притвор. 

Тензиите во регионот неделава се заострија откако Србија во понеделникот ја стави армијата во состојба на зголемена борбена готовност, а Косово во средата го затвори најголемиот граничен премин. НАТО, САД и ЕУ изразија загриженост од развојот на настаните и повикаа на воздржаност и решение преку дијалог.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со косовските Срби во Рашка договори отстранување на блокадите
Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со косовските Срби во Рашка договори отстранување на блокадитеФотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance

Судот во Косово нареди ослободување на српскиот полицаец

Работите се чини се придвижија откако судот во Приштина нареди ослободување на српскиот полицаец, чие апсење беше причина за последните тензии. Судот на Дејан Пантиќ му го замени затворот со домашен притвор, соопшти неговиот адвокат Љубомир Пантовиќ за агенцијата АП. Сега треба со полиција да биде спроведен до неговиот дом, што може да предизвика нови проблеми бидејќи, како што посочува Пантовиќ, треба да ги поминат барикадите кои ги поставија Србите во знак на протест против апсењето на Пантиќ. Српскиот полицаец е обвинет дека за време на протестите нападнал косовски колега. Неговото апсење и обвинение за тероризам, предизвика протести од Србите на Косово, кои поставија блокади на Северот на земјата. Дојде и до истрели од огнено оружје и експлозии во близина на војници од мисијата КФОР предводена од НАТО, но немаше сериозно повредени. Косовската влада се закани дека насилно ќе ги отстрани барикадите, а Србија најави зголемена борбена готовност на своите трупи долж границата.

Косовскиот премиер ја критикуваше одлуката

Косовскиот премиер Албин Курти ја критикуваше одлуката. „Многу сум љубопитен да дознаам кој е обвинителот што поднел барање и кој е судијата кој донел одлука, да му се одреди домашен притвор на некој кој е обвинет за тероризам,“ рече тој. Државните медиуми и властите во Белград го претставија ослободувањето на поранешниот полицаец како “триумф“ на политиката на Вучиќ.

Блокадата на патиштата во северно Косово траеше 19 денови
Блокадата на патиштата во северно Косово траеше 19 деновиФотографија: Vudi Xhymshiti/AA/picture alliance

САД и ЕУ во средата во заедничко соопштение изразија загриженост за состојбата. „Повикуваме на најголема воздржаност и преземање итни мерки за безусловна деескалација на ситуацијата, како и сите да се воздржат од провокации, закани и заплашувања,“ се вели во пораката од САД и ЕУ. Во соработка со Вучиќ и Курти се стреми кон изнаоѓање политичко решение околу тоа како ќе се одвиваат работите во иднина. Француското министерство за надворешни работи ги предупреди сите патници во близина на српско – косовската граница да бидат особено внимателни и да избегнуваат собири, сѐ додека траат тензиите.

Конфликтот во регионот тлее веќе 20 години. На северот на Косово живеат околу 50 илјади Срби и тие одбиваат да ја признаат владата во Приштина и Косово како држава. И Србија не ја признава независноста на Косово.