1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко за нови услови, потешко со претходните

26 јули 2024

Бугарската страна нема намера да поставува „нови услови“, но исто така нема да дозволи отстапување од постигнатите договори, било речено на средбата Кондов - Сарацин во Софија.

https://p.dw.com/p/4ikpI
Седиштето на бугарското министерство за надворешни работи во Софија
Седиштето на бугарското министерство за надворешни работи во СофијаФотографија: BGNES

СДСМ критикува дека ВМРО-ДПМНЕ го вратила процесот на ЕУ- интеграции 10 години назад, ДУИ ја повторува неопходноста од уставни измени и евроинтеграција преку почитување на Преспанскиот, Охридскиот и договорот со Бугарија, а од Вреди се уверени дека во првите 6 месеци од новата Влада ќе се најдат модалитети за решавање на уставните измени. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ е дециден - не прифаќа рокови и ултиматуми.

„Со рокови и ултиматуми не функционирам јас во животот. Нашиот став е принципилен и јасен и тоа го знае цела Европа, цел свет го знае и беше во програмата на партијата на изборите. Ние добивме гласови од граѓаните, не добивме гласови како резултат на ултиматуми. Јас така не функционирам, ниту ВМРО-ДПМНЕ“, изјави вчера Мицкоски. 

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Филипче: Уназадени сите процеси

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на вчерашниот брифинг со новинарите оцени дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема ни план ни патоказ по кој ќе ја креира надворешната политика на земјата.

„Предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ дека тие ќе успеат да издејствуваат подобри услови за преговори со Европската Унија и дека ќе добијат цврсти гаранции за превенирање на понатамошни блокади - сега се разобличуваат.  Како со временска машина ВМРО-ДПМНЕ реши да ги уназади сите процеси и напредокот во меѓународната политика. Отворивме проблем со Грција кој беше целосно затворен. Сега ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе го решавало по судски пат. Ние 20 години тоа се обидувавме да го направиме и не успеавме дури и со пресуди во наша корист. Нема иницијатива со Бугарија, а имаше само еден последен чекор да се направи. Тие ветија подобри услови во преговорите и подобра преговарачка рамка. Ние ова ќе го чекаме и ќе го поддржиме секој напор ова да се постигне и ВМРО-ДПМНЕ согласно ветувањето да го обезбеди. Но нема да поддржиме блокада на процесот“, рече Филипче.

Со оглед дека јунските изборите во Бугарија досега не резултираа со формирање влада, Мицкоски засега нема „редовен“ соговорник во Софија, со кој би почнал дијалог за одглавување на процесот.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко ФилипчеФотографија: SDSM

Претходно, на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон тој разговарал со премиерот на службена влада на Бугарија, Димитар Главчев, а на маргините на самитот на Европската политичка заедница се сретнал и со бугарскиот претседател Румен Радев.

„Разговорот (со Радев -н.з.) се сведе на неколку реченици - дека треба да седнеме и да се договориме, да договориме одржливо решение, бидејќи како добри соседи, регионално ни треба да се претставиме пред трети земји. Тоа беше генерално таа куртоазна средба “, рече Мицкоски.

Посебен фокус на РСМ

Во моментов се чини дека се е ставено на чекање, но темата „Република Северна Македонија“е присутна во дипломатските разговори. Одредни пораки стигнаа и по средбите на специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, со политички претставници на Бугарија. Пред два дена тој се сретна со заменик-министерот на бугарското МНР, Иван Кондов, кој порача дека Софија нема да поставува „нови услови“ за РСМ, но инсистира на спроведување на досега преземените.

„Посебен фокус во разговорот беше ставен врз Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на бугарското МНР по средбата Сарацин - Кондов.

„Заменик- министерот Кондов ја истакна јасната и конзистентна позиција на Бугарија за европската интеграција на Скопје, заснована врз неопходноста од стриктно исполнување на европскиот консензус од јули 2022 година. Увери, дека бугарската страна нема намера да поставува ‘нови услови', но исто така нема да дозволи отстапување од постигнатите договори, од кои прво е впишувањето на Бугарите, на рамноправна основа со другите заедници, во Уставот на Републикa Северна Македонија. Во врска со тоа, изрази загриженост дека зачестените изјави на претставници на Владата во Скопје, кои го ставаат под прашање исполнувањето на преземените обврски и испратени провокации кон Бугарија, водат единствено до дополнително одложување на пристапниот процес на соседната земја“, се вели во во соопштението.

Специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин
Специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел СарацинФотографија: Imago/allefarben-foto

Еден ден претходно, Сарацин се сретна и со бугарскиот претседател.

„На средбата, претседателот Радев изрази надеж што е можно поскоро Република Северна Македонија да пристапи кон исполнување на договорите со ЕУ, вклучително и впишување на Бугарите во нејзиниот Устав, со што ќе биде отворена и вратата за започнување преговори за полноправно членство. Ваквиот чекор би бил позитивен знак за европската перспектива на целиот регион на Западен Балкан", посочил Радев.

Како што соопшти претседателската прес-служба, „Радев изразил и очекување за ефективен ангажман на институциите во РСМ за промена на односот кон бугарската заедница во земјата, ефективно искоренување на јазикот на омразата кон Бугарија и вистински контрамерки против злосторствата од омраза врз локалните Бугари“.

Првостепена цел

Слични пораки беа испратени и ден претходно, од прославата на 145-годишнината од основањето на дипломатската служба на Бугарија.

Радев во таа пригода порача дека „првостепена цел на бугарската дипломатија е да го зајакне авторитетот, улогата и гласот на Бугарија во сојузите во кои членува, и да ги заштитува правата и интересите на бугарските заедници во странство". 

Бугаррскиот претседател Румен Радев
Бугаррскиот претседател Румен РадевФотографија: BGNES

Премиерот на службената влада и в.д. министер за надворешни работи, Димитар Главчев, посочи дека поддршката на доброседските односи е долгорочна цел на билатералната и регионална дипломатија. Потенцира дека Софија го продолжува ангажманот за европска интеграција на Западен Балкан врз основа на сопствени заслуги, но инсистира и на заштита на правата и интересите на бугарските граѓани во странство.

„Во тој контекст од првостепено значење за нас е гарантирањето на правата на Бугарите во РСМ“, порача Главчев.