1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
27 септември 2023

Дојде нова есен која ќе ни донесе уште една токсична зима. Останува прашањето: дали ќе видиме вистински мерки или сме осудени да се удавиме во морето на празни изборни ветувања? Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4Wq7X
Загаден воздух во Скопје
Загаден воздух во СкопјеФотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

Премногу работи се случија во последниве две недели. Да не знае човек која тема да ја фати. Од важна-поважна, од интересна- поинтересна. Но, кога подлабоко ќе размислам, сѐ е тоа веќе видено. Македонија предолго се занимава со политика, а премалку се занимава со круцијалните проблеми. Ако треба да ги набројам најголемите проблеми со кои се соочува државава, а кои уживаат најмал фокус на владата, но и јавноста, прв и најголем би бил демографскиот егзодус кој и се случува на државата и нејзиното буквално исчезнување пред наши очи, надополнето со историски најголемото иселување, а втор би бил енормната загаденост на воздухот, водите и почвата.

Како што иселувањето го засенува проблемот со наталитетот, така и сончевото време ја бутка темата за загадувањето во заборав. И така секоја година, сонцето и ветерот го намалуваат загадувањето, но и шансата за решавање на овој огромен егзистенцијален проблем. Но, оваа година шансата за решавање на овој проблем дополнително ја уби најодговорната, Министерката за животна средина, која во интервју за Радио Слободна Европа не информираше дека е илузорно да мислиме дека проблемот со аерозагадувањето можеме да го решиме за четири години! Пази богати, требало најмалку од 10-20 години. Читам, се чудам и се прашувам, па зошто ова не ни го кажавте кога водевте кампања и кога не убедувавте дека ќе донесете живот?

Пред изборите во веќе далечната 2016 година, ветувавте чист воздух и решавање на овој проблем. Дел од народот ви поверува, а еден дел од тие што ви поверуваа, можеби и само заради тоа мега ветување ве поддржале на тие избори. Требаше да поминат повеќе од 6 години за да соберете храброст и да не информирате дека потребни се од 10-20 години за да го решите проблемот. Ни беше ветено чист воздух, но она што го добивме е токсична реалност.

Прописно отруени 

Да не беше Гардијан да ни ги отвори очите и да не освести со фактот дека „најпогодена земја во Европа е Северна Македонија, бидејќи речиси две третини од луѓето ширум земјата живеат во области со повеќе од четири пати повеќе од упатствата на СЗО за PM2.5, додека во четири области беше откриено дека имаат загаденост на воздухот речиси шест пати повеќе од дозволеното, вклучително и во главниот град, Скопје“, сѐ уште ќе живеевме во надежта дека надлежните нешто сработиле на оваа тема. А еколошката администрација, засилена со невладините кои едно чудо пари намлатија овие десетина и повеќе години, ќе продолжат  со инсталирање на мерачи кои повторно ќе ни го потврдат она што одамна го знаеме, дека сме прописно отруени.

Крајот на, веќе далечната, 2019 година ја завршив со колумна посветена на загадувањето, односно со детален предлог како загадувањето да се намали за најмалку 50% во 2021 година. Тогаш предложив воведување на забрана за греење со дрва, јаглен, нафта и мазут од 1 мај 2021 година, проследено со план за ширење на топлификационата мрежа особено во Скопје и Битола. Предложив да се донесе закон кој ќе забрани да се даде дозвола за нова изградена зграда ако не е приклучена на централна топлификациона мрежа, доколку таква мрежа постои во близина, како и да се забрани исклучување од постојната топлификациона мрежа, а државата од буџет да го субвенционира ширењето на топлификационата мрежа со цел приклучокот за граѓаните да биде бесплатен. Предложив нов модел за утврдување на цената која домаќинствата ќе ја плаќаат за парно греење, која ќе се базира на месечниот приход на домаќинството, па така тие со помали приходи би плаќале помала сметка во однос на тие со поголеми приходи. Предложив онаму каде не е можно, односно исплатливо, да се изведе топлификациона мрежа, да се набават печки на пелети, бидејќи е докажано дека печките на пелети загадуваат и до 32 пати помалку од старите печки на дрва. За ова да се олесни, предложив Владата да распише оглас со кој ќе привлече приватна компанија која ќе изгради фабрика за печки на пелети во некоја од слободните економски зони, а со која фабрика владата ќе склучи договор за набавка на 75.000 печки на пелети во период од 3 години. Печките на пелети да се дадат бесплатно на секое домаќинство во градовите каде нема топлификациона или гасификациона мрежа и чиј приход на ниво на домаќинство не надминува 45.000 денари месечно со што одлични 14% од домаќинствата ќе добијат бесплатна печка на пелети. Воедно, за да се контролира цената на пелети, предложив македонски шуми да изградат две фабрики за производство на пелети, една во реонот на Крушево и Демир Хисар, а другата во реонот Берово/Пехчево/Делчево, се цел ем да се вработат луѓе во тие региони, ем да се обезбедуваат пелети по пристапни цени за граѓаните и субвенционирани цени за граѓаните со ниски примања.

Залажување наместо мерки 

Предложив до октомври 2021 година да нема ниту една болница, школо, здравствен дом, амбуланта, зграда на општина, дом на култура, библиотека, касарна, подрачна единица на државен орган или било која јавна установа што нема да се грее на гас, компримиран течен гас или на пелети, без разлика дали се наоѓа во град или во село. Предложив да се донесе одлука за сите автобуси на градскиот превоз до мај 2021 година во Скопје да бидат или на метан или на електричен погон, да се субвенционира инсталирањето на гасни уреди кај таксистите, со цел до 2023 година сите такси возила или да го исполнуваат ЕУРО 6 стандардот, или да се на плин или метан. Целта ми беше, бидејќи знам дека загадувањето не се решава со магично стапче, ефектот да се почувствува веќе во 2021 година, односно до тогаш, да го намалиме загадувањето за најмалку 50%. 

Аерозагадување - Скопје се гуши во отровна магла

Ништо од ова не се направи! Надлежните со мал прст не мрднаа. Предложив план, кој можеби некој ќе го искритикува како неквалитетен, или застарен, особено во делот за набавката на печки на пелети, но за жал друг план не видов. Еве бидете модерни и предложете план за греење на обновливи извори, преку поставување на соларни панели, геотермални пумпи или слично, ама ве молам барем предложете нешто и фатете се за работа. Вака, гледаме само изговор дека е илузорно да се мисли дека може да се реши загадувањето за четири години. Јас пак тврдам дека може, доколку песочниот часовник во секое министерство и владата не се ресетира и почнува да тече одново со секоја нова влада или со секој нов министер. Сите знаеме дека повеќе од 50% од проблемот со загадувањето е греењето, особено греењето на дрва, јаглен и мазут, но наместо да го удриме проблемот фронтално и да се воведе забрана за греење на дрва, јаглен и мазут во урбаните центри, ние ќе се залажуваме со инсталирање на мерачи за да докажеме дали греењето учествува со 55 или 56% во загадувањето. Многу неважно и многу манипулантски.

Еве дојде нова есен во оваа 2023 година, која ќе ни донесе уште една токсична зима. Останува прашањето: дали ќе видиме вистински мерки или сме осудени да се удавиме во морето на празни изборни ветувања?  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема