1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЈапонија

Три партнери од Г7 сакаат да развијат нов борбен авион

СН/агенции
9 декември 2022

Лондон, Токио и Рим ги здружуваат своите вештини во свет „во кој заканите и агресиите се во пораст“. Колку ќе чини проектот за развивање на новото борбено летало, трите земји сѐ уште не соопштиле.

https://p.dw.com/p/4KhyE
Се бара наследник: Еурофајтер Тајфун на британското кралско воздухопловство (архивска фотографија)
Се бара наследник: Еурофајтер Тајфун на британското кралско воздухопловство (архивска фотографија)Фотографија: Jon Hobley/MI News/NurPhoto/picture alliance

Јапонија, Велика Британија и Италија ќе соработуваат на проект за нова генерација борбени авиони, соопштија денеска трите земји, членки на Г7, во време кога Токио настојува да ја зајакне одбранбената стратегија во сложените геополитички прилики.

Токио, Лондон и Рим ќе започнат амбициозен проект за развој на нова генерација борбен авион, а прототипот се очекува до 2035 година, во рамки на „Глобалната борбена воздухопловна програма“, соопштија владите на трите земји во заедничкото соопштение.

Како што се наведува, тоа ќе биде можност и за соработка со други партнери. Јапонија ќе настојува да ја прошири соработката во областа на одбрана на други партнери покрај својот традиционален сојузник САД.

Соработката ќе се базира на истражувања кои веќе ги започнаа овие три земји во областа на високи технологии во борбеното воздухопловство, како што се беспилотни летала и претставува прво здружување на Јапонија со европските партнери во оваа област.

Многу детали за проектот сѐ уште не се познати, ни колку ќе чинат, рече претставникот на јапонското Министерство за одбрана, кој прецизираше дека производството треба да започне околу 2030 или 2031 година за да може да се направи прототип до 2035 година.

Американски борбен авион од типот Ф-35
Американски борбен авион од типот Ф-35Фотографија: Jose Miguel Tamondong/U.S Ai/Planet Pix/ZUMAPRESS/picture alliance

„Кога ги гледате другите земји, САД ги имаат Ф-35, а Европа Еурофајтер. Ние секако ќе настојуваме да развиеме борбени авиони кои ги надминуваат капацитетите на овие модели“, рече јапонскиот претставник.

Во центарот на проектот треба да бидат јапонскиот Мицубиши хеви индустрис, британскиот БАЕ Системс и италијанскиот Леонардо, според податоците на јапонскиот економски весник Никеи.

„Решени сме да го браниме слободниот меѓународен поредок, отворен и заснован на правилата, што е сега поважно отколку кога било, бидејќи овие принципи забавуваат и растат заканите и агресијата“, наведоа трите земји во соопштението.

„Имајќи предвид дека е важно да се брани нашата демократија, нашата економија и нашата безбедност и да се заштити регионалната стабилност, потребни ни се солидни партнери во областа на одбраната и безбедноста, опремени и засилени со вредостојна сила на одвраќање“, се додава во соопштението.