1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Перипетии околу влез на трет мобилен оператор во Македонија

ДТЗ
19 август 2024

Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека „се подготвени за напад“ од двата оператори, затоа што не им одговара да се разбие пазарот и да се воведе конкуренција.

https://p.dw.com/p/4jd6u
мобилен телефон
Уште нема одлука дали ќе се воведе трет мобилен оператор или ќе се намалат цените на постојните два операториФотографија: Panthermedia/IMAGO

Во пресрет на најавите дека во Северна Македонија се прави терен за влез на трет мобилен оператор од Унгарија, министерот за транспорт Александар Николоски вели дека „се подготвени за напад“ од двата оператори, затоа што не им одговара да се разбие пазарот и да се воведе конкуренција, но и дека се неколку чекори пред нив.

„Секогаш сме чекор пред нив од причина што тие 'ги газат' и 'ги цицаат' граѓаните, а ние сакаме граѓаните да имаат подобар квалитет за помалку пари“, изјави Николоски при посетата на Кавадарци. 

Стратешка одлука - ќе има или не трет мобилен оператор? 

Операторот 4iG групација од Унгарија неодамна достави писмо со намери до македонската Влада. Николоски вели дека во наредниот период ќе се донесе стратешка одлука дали ќе се воведе трет мобилен оператор или ќе се работи на намалување на цените на постојните два оператори. Но, додава тој, факт е дека во моментов има дуопол помеѓу постојните два оператори и пазарот е идеално поделен 51:49 помеѓу првиот и вториот оператор.

„Цените на услугите не само што не се намалуваат, туку се зголемуваат. Нема никаков натпревар ниту во делот на нудење на подобри услуги, ниту во делот на поевтини цени за граѓаните. Се соочуваме секој ден со проблеми затоа што постои овој дуопол – дали се работи за начин на којшто се поставуваат базни станици, дали се работи за услуги коишто се испорачуваат кон граѓаните, квалитетот не е на соодветно ниво“, вели Николоски. 

Александар Николоски
Александар Николоски вели дека „се подготвени за напад“ од двата оператори, затоа што не им одговара да се разбие пазарот и да се воведе конкуренција, но и дека се неколку чекори пред нивФотографија: Petr Stojanovski/DW

Зошто да не унгарска компанија? 

На новинарското прашање зошто се размислува за  влез на унгарска компанија за која се знае дека е блиска до претседателот Виктор Орбан, Николоски вели: „Па, зошто да не?“. 

„Ако сега граѓаните плаќаат 5.100 денари за одредена услуга, а утре плаќаат 3.100, што е битно кој ја дава услугата. А, зошто да плаќаат на оператор од Австрија или Германија?“, вели Николовски и додава: 

„Стравот кај овие два оператори е дека цените драстично ќе се намалат и нема да можат да прават десетици милиони евра профит секоја година, тие пари ќе останат кај граѓаните. Во јавноста да се поставува прашање дали ќе се почитува законот, па нормално ќе се почитува. Никој не е луд да направи нешто што е надвор од законот, тоа е основна работа, тоа е основно правило. Но, суштината е многу подлабока“, рече Николоски.

Николоски на 6 август ја информираше Владата дека е пристигнато писмо со намери од унгарскиот оператор 4iG групација, откако претходно во Будимпешта оствари средба со претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи.

На пазарот на мобилни комуникации во државата активни се два мобилни мрежни оператори, три виртуелни мобилни оператори и еден оператор препродавач. На пазарот на мобилна телефонија се регистрирани 2.074.021 активни претплатници, во кои мрежните оператори А1 Македонија и Македонски Телеком имаат удел од по 47,62  односно 47,24 проценти.  

Опасна зависност од смартфон