1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Tелефоните на СОЗР под лупа на Обвинителството

22 август 2018

Денеска треба да започне судскиот процес за насилството од 27-ми април, но Обвинителство ќе истражува и други случаи кои водат кон расветлување на настанот. Еден од нив е злоупотреба на телефоните од СОЗР.

https://p.dw.com/p/33X5p
Secusmart Abhörskandal NSA Deutschland
Фотографија: PATRIK STOLLARZ/AFP/Getty Images

Злоупотребата на службените телефони со кои располагала Службата за општи и заеднички работи, ќе се најде под лупа на Обвинителството. Под сомнение за злоупотреба на службени позиции и на материјално-финансиски средства, од Службата била поднесена кривична пријава поради голем број незаконитости во однос на (не)регистрирањето на корисниците и на злоупотреба на телефоните во сопственост на СОЗР. Овој, навидум „интерен“ проблем, во еден сегмент може да е тесно поврзан и со настаните од 27-ми април, бидејќи истрагата на ЈО откри дека токму од телефонски број во сопственост на СОЗР бил испратен првиот повик за мобилизација за „крвавиот четврток“. Бројот бил користен од лице што го обезбедувало Никола Груевски во Виена, каде тој еден ден пред крвавиот настан имаше средби од позиција на партиски лидер, откако веќе не беше премиер.

Иако станува збор за еден од телефонските апарати во сопственост на СОЗР (која врши општи работи и услуги за потребите на Претседателот, Владата, министерства, секретаријати, стручни служби на Владата и за Уставниот суд), нема никаква службена документација за идентитетот на лицето на кое му бил даден овој телефон на користење. Но, има докази дека тоа не бил единствениот службен телефон со непознат корисник.

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Во Кривичниот суд денеска треба да започне судскиот процес за насилствата од „крвавиот четврок“Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Организиран“ хаос

Според нашите сознанија, со години во СОЗР не се водела евиденција колку телефонски броеви и апарати се задолжени за службени цели. Не се најдени никакви документи во кои се заведени марката на апаратот, неговиот ИМЕИ-број (International Mobile Equipment Identity) кој е единствен код за „идентитетот“ на секој мобилен телефон, податоци за корисникот, ниту за периодот на негово користење. Пронајдени биле само различни и невалидни реверси, без впишано цело име и презиме, туку со кратки и нејасни потписи од кои не може да се утврди идентитетот на корисниците. Она што се смета за врв на злоуптребите и хаосот во СОЗР, биле сознанија дека мобилни телефони користеле и голем број лица кои не работеле во службата. Заради воспоставување ред и процедура во евиденцијата за користење на службените телефони, од употреба прво биле исклучени околу 130 телефонски броеви и била направена нова евиденција според процедурите, а потоа истата постапка била спроведена за уште 150 телефони. Како што дознава ДВ, од извори упатени во случајот, лица задолжени за следење и анализа на трошоци на фиксна и мобилна телефонија во СОЗР, „не знаеле“ кој сѐ бил задолжен со телефонските броеви и апарати. А непосредно по настаните од 27-ми април, токму голем дел од нив биле „раздолжени“ од непознатите корисници како целосно уништени или со големи механички оштетувања кои може да бидат пречка за вештачење и откривање од кого биле користени, кој ги оштетил, вклучително и во контекст на настаните од 27-ми април.

Дека практично владеел хаос во евидентирањето и задолжувањето на телефоните, сведочи и податокот дека голем број фиксни и мобилни броеви се водени на име „претседател на државата“, исто така без да се знае поименично кој ги користи. Но, дури и тоа не било испочитувано, бидејќи тие телефони ги користеле и лица кои никогаш не работеле во кабинетот на Иванов. Таков е примерот со владината секретарка на Груевски, Ленче Самарџиска, која користела „претседателски број“ и додека била секретарка на премиерот, но и кога нејзинот шеф останал само лидер на партија.

Трагите на „крвавиот четврток“

Проширување на истрагата

Злоупотребата на службените телефоните од непознати корисници, не е единственото нешто што ја инволвира СОЗР во контекст на настаните од 27-ми април. На 27-ми април во Клубот на пратениците, кој исто така е под надлежност СОЗР, стигнал налог да се подготви големо количество сендвичи. Поради развојот на настаните таа вечер, и неможноста да се пристапи до парламентот, количеството сендвичи никогаш не било дистрибуирано до оние за кои било наменето. Долг период останало замрзнато во фрижидерите, а подоцна и документирано.

Обвинителството и претходно најави дека е можно проширување на истрагата за 27-ми април и против други лица, доколку се обезбедат нови докази. Со доказите што се досега обезбедени, во Кривичниот суд денеска треба да започне судскиот процес за насилствата од „крвавиот четврок“. Јавното обвинителство во март годинава објави дека е поднесен обвинителен акт против 30 лица, од кои 28 за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста според членот 313 од Кривичниот законик, а две лица се обвинети за помагање при вршење на истото кривично дело. Со обвинителниот акт се опфатени три лица од МВР, кои како овластени службени лица биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда, потоа лица кои биле во група што вршела мобилизација за насилство, а меѓу обвинетите се и водачите на движењето „За заедничка Македонија“.