Украина – избори среде војна?
10 ноември 2023„Не верувам дека сега е вистинско време за избори“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во својата дневна видео порака објавена на 6 ноември. Според него, во време на војна, полно со безброј предизвици, „е апсолутно неодговорно, несериозно и налик на игра покер, да се тематизира во општеството прашањето за избори“.
На ова му претходеше внатрешно-политичка дебата за тоа дали навистина е невозможно да се одржат избори поради војната на Русија против Украина. Редовните парламентарни избори требаше да се одржат на крајот на октомври годинава, а претседателските се планирани за март следната година.
Противречни сигнали од претседателот
Уште во текот на летото Зеленски во интервју јасно стави до знаење дека е скептичен за идејата за одржување избори во Украина во воени околности. Треба да се организираат избирачки места во близина на бојното поле, рече тој, додавајќи дека набљудувачите треба да бидат активни и во „рововите“ на фронтот. Малку подоцна, Зеленски за една португалска телевизија пак изјави дека би се кандидирал на претседателските избори доколку тие се одржат пред крајот на војната. Во октомври тој за италијанската телевизија Sky TG24 изјави дека изборите би можеле да се одржат и во воена состојба, под услов парламентот и владата да успеат да најдат одговори на сите предизвици.
Промената во реториката на претседателот е, како што вели Олексиј Кошел, директор на невладината организација „Комитетот на гласачите на Украина“, „типичен начин на дејствување на таборот Зеленски од 2019 година: прво се дистрибуира изјава со цел да се процени реакцијата на јавноста. Да, тие би биле подготвени да одржат избори. Но, анкетите покажуваат дека Украинците во моментов не се подготвени за тоа“, изјави Кошел за ДВ.
Една од тие анкети, имено на Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС) покажа дека моментално 81% од испитаниците се на мислење дека изборите во Украина не треба да се одржуваат сега, за време на војната, туку по завршувањето на конфликтот. Тоа беше „ладен туш“ за Зеленски и за неговиот тим, додава Кошел.
Кој инсистира на избори?
Во Украина всушност со закон е забрането одржување претседателски, парламентарни или локални избори додека е на сила воената состојба. Таквата одредба воведена е во февруари 2022 година и оттогаш е продолжна неколку пати. Но, зошто тогаш воопшто се води јавна дискусија за одржување избори во Украина?
Петро Олешчук, политиколог од Универзитетот Тарас Шевченко во Киев, претпоставува дека западните партнери на Украина вршат притисок врз Зеленски да ги одржи изборите. „Тие го прават тоа за да можат да им кажат на своите граѓани: ,Видете, ние поддржуваме демократска држава и демократски вредности,“, додава овој експерт.
Уште во мај годинава претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Тини Кокс рече дека и покрај војната, Украина треба да организира избори, бидејќи Повелбата на Советот на Европа ја обврзува на тоа. И во август, американскиот републикански сенатор Линдзи Греам го изрази истото мислење за време на неговата посета на Киев. „Би сакал да се одржат слободни и фер избори во оваа земја, и покрај тоа што е нападната. Во минатото Украина беше многу корумпирана земја. Американскиот народ треба да знае дека Украина се променила“, рече тогаш тој.
Володимир Фесенко, раководител на украинскиот центар за применети политички истражувања „Пента“, смета дека од Украина се бара одржување избори за да се спречат критиките дека земјата полека може да се претвора во диктатура. Во тој контекст често се изнесува аргументот дека избори се одржуваат дури и во Русија. Во исто време, додава овој експерт, владејачката гарнитура во Киев смета дека сега е всушност и најдобро време за избори, бидејќи практично нема сериозни политички конкуренти на актуелниот претседател.
„Колку подолго трае војната, толку повеќе ќе се намалува рејтингот на Зеленски и на владејачката партија „Слуга на народот“. Сега е време популарноста на Зеленски да се капитализира во гласови“, објаснува Фесенко. Но, од друга страна, многу Украинци стравуваат дека изборната кампања може да бара потроши премногу ресурси, кои всушност се потребни за одбрана на земјата. Дополнително, неколку милиони украински граѓани моментално се во странство како бегалци - што би го отежнало излегувањето на гласање.
Нема сериозни конкуренти...
Фесенко оценува дека само врховниот командант на вооружените сили, генералот Валериј Залужни - кој ужива исклучително висока репутација во украинското општество – би можел сериозно да се натпреварува со Зеленски на претседателските избори. Сепак, Залужни никогаш не сигнализирал дека има политички амбиции, ниту би се кандидирална изборите бидејќи својата иднина ја гледа во армијата, смета Фесенко. А, сите останати претседателски кандидати, според него, уживаат значително помала поддршка од електоратот отколку сегашниот претседател.