1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Колку чини војната?

24 декември 2022

Западот ѝ помага на Украина со милијарди евра. Тешко е да се пресмета колку точно воена помош добива земјата. Економистите од Килскиот институт за светска економија сепак се обидуваат да направат преглед на трошоците.

https://p.dw.com/p/4LETF
Уништување предизвикано од руски напад: селото Петропавливка во регионот Харков ослободено од украинската армија
Уништување предизвикано од руски напад: селото Петропавливка во регионот Харков ослободено од украинската армијаФотографија: Sergey Bobok/AFP

Секоја недела, Андре Франк и неговиот тим од Килскиот институт за светска економија (ИФВ) во северна Германија прегледуваат планина од јавно достапни информации за помошта од Западот за Украина. Во нивниот, досега единствен, „Тракер за помошта за Украина“ (од англиски tracking, што значи следење, н.з.) тие се обидуваат да ја пресметаат висината на вистинската помош во воена опрема, хуманитарни услуги и финансиска помош за земјата нападната од Русија.

Најголемиот предизвик за економистите е да го пресметаат финансискиот удел на воената помош во вкупните расходи на помошта за западна Украина од, во меѓувреме, 100-те милијарди евра што се дадени и ветени.

Задачата не е лесна: официјалните информации од САД или Велика Британија за воена помош се нецелосни. Ова важи и за публикациите на германската сојузна влада, која редовно ја ажурира листата на воена опрема што се испорачува. „На прв поглед изгледа многу транспарентно, бидејќи се дадени и бројките“, вели економистот на ИФВ, Андре Франк, во интервју за ДВ. „Но, ние сакаме на испораките за Украина да им дадеме парична вредност“, односно да покажеме колку всушност чини помошта. 

Тоа е особено тешко заГерманија, бидејќи во изминатите десет месеци од војната, Берлин предаде воена опрема од залихите на Бундесверот, која долго време беше деактивирана или отпишана - и затоа нема моментално валидна проценка на цената. На пример, тенкот Гепард, кој датира од времето на Студената војна. Во меѓувреме, од Германија се испорачани 30 единици од овој систем за противвоздушна одбрана, кој ѝ помага на украинската армија да се одбрани од руски ракетни напади. И, во Украина е од голема воена вредност, се вели од Киев.

Сопствена листа со цени за оружјето

Затоа, економистите од Кил постојано развиваат долг „ценовник“ на воена опрема и други средства за помош за да можат на крајот сепак да ја пресметаат финансиската помош. По интензивни консултации, тие го ценат гепардот на 1,2 милиони американски долари. Слична е ситуацијата и со полските тенкови Т-72, ​​кои првично потекнуваа од советско производство и беа префрлени од Варшава во Киев. Овде, истражувачите очекуваат единечна вредност од 1,6 милиони американски долари.

Друг пример е испораката на вреќи за спиење, вели Франк. Дел од него обезбедува хуманитарна помош, друг контингент е наменет исклучиво за украинските војници на линијата на фронтот.

Кристине Ламбрехт Украина тенк Гепард
Германската министерка за одбрана Ламбрехт (втора од десно) во Одеса во октомври со нејзиниот украински колега Ресников (д.) пред тенк Гепард: наскоро треба да бидат испорачани уште седум вакви тенковиФотографија: Jörg Blank/dpa/picture alliance

Германија веројатно испорачува повеќе отколку што е познато

За Германија, „Тракер за помошта за Украина“ сега прикажува воена помош од минатото и дополнителни ветувања од над 2,3 милијарди евра, додека на списокот на германската влада од почетокот на декември оваа бројка изнесува 1,9 милијарди евра. И двете вредности веројатно се под висината на дадената помош. „Претпоставуваме дека германската воена помош е дури и повисока од вредноста што во моментов ја наведуваме“, вели Франк. На пример, сојузната влада не обезбедува никакви информации за обемот на испораките на муниција за најсовремениот противракетен одбранбен систем Ирис-Т.

Системот од есенва веројатно го штити регионот на украинскиот главен град Киев од руски ракетни напади. Ова може да се заклучи од објавите на социјалните мрежи од украински владини кругови за успешно соборени руски ракети. Киев не открива оперативни детали за украинската армија. Од есенва руската армија секоја недела со масовно гранатирање го гаѓа украинскиот енергетски систем. Една ракета Ирис-Т на светскиот пазар чини 616.000 долари. „Во зависност од тоа колку ракети има, тоа секако може да направи голема разлика“, вели истражувачот на ИФВ, Франк. „Но, официјалните информации што ги имаме од Германија не ни даваат шанса да ја процениме вкупната вредност. Не е јасно колку ракети за портиввоздушна одбрана досега испукала украинската одбрана и колку ракети биле дополнително доставени. „За нас нема начин тоа да го утврдиме вистински со официјално достапните извори.“

Систем за противвоздушна одбрана Ирис-Т од германската компанија Дил
Систем за противвоздушна одбрана Ирис-Т од германската компанија ДилФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Слична е ситуацијата и со таканаречената размена. Тоа е кога источните држави на НАТО, како Словачка или Словенија, ќе ѝ предадат на Украина стари советски тенкови и за возврат добиваат воена опрема од Германија. „Ние не ја категоризираме целосната размена како помош од Германија за Украина, бидејќи тоа не ѝ користи директно на Украина“, вели истражувачот Франк.

Најмногу воена помош од САД

Сепак, економистите од Кил се убедени дека нивните пресметки, дури и со последното ажурирање од почетокот на декември, се многу блиску до реалноста на оваа војна. Пристапот на работа со посебен „ценовник“ за испорачаната воена опрема ја олеснува споредбата. „Дури и ако ја прецениме воената помош кога станува збор за одделно оружје и друга воена помош“, вели Франк, „ова се компензира на друго место“.

Кога станува збор за билатералната испорака на воена опрема, САД остануваат убедливо најважен поддржувач на Украина со 23 милијарди евра, потоа Велика Британија со 4,1 милијарда евра, а по неа е пресметаната воена помош од Германија од 2,3 милијарди евра.

Полесно е да се добие преглед на големите вкупни суми на помош за Украина, т.е. целата хуманитарна помош, финансиска помош и воени добра што ги обезбедуваат западните држави кои ја поддржуваат Украина. Со одлуката од јануари да ѝ помогнат на Украина со дополнителни 18 милијарди евра, државите од ЕУ и институциите на Европската унија ги претекнуваат САД кога станува збор за помошта за Украина. Европа тогаш ќе го поддржи Киев со вкупно 52 милијарди евра во споредба со 48 милијарди евра од САД за „воена, финансиска и хуманитарна помош“, пишуваат економистите од Кил во нивната изјава за актуелниот „Тракер за помошта за Украина“, во кој се наведени дадената помош и најавите за помош до 20 ноември годинава.