1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Украински трупи продреа во Русија: што се знае до сега?

Алексеј Стрелников
8 август 2024

Украинските сили зазедоа неколку села во Курската област на територијата на Русија и успеваат да ја задржат. Кои се целите на украинските вооружани сили и како би можеле случувањата да се развиваат понатаму?

https://p.dw.com/p/4jFGq
Уништени куќи за време на борбите во Суџа
Уништени куќи за време на борбите во СуџаФотографија: Acting Governor of Kursk Region Alexei Smirnov/Telegram/REUTERS

Во Курската област во последните два дена се водат борби. Според наводите на руското министерство за одбрана, како и на воените експерти, единиците на украинската војска напредуваат низ територијата на Руската федерација. Најмалку два руски регрути се заробени, а војската изгубила хеликоптер Ka-52, кој бил урнат со помош на дрон. Руските власти тврдат дека „го стопирале напредувањето на непријателот“ и дека „ја контролираат ситуацијата, но докази дека се водат борби има од градот Суџa со 5 илјади жители. Мнозинството воени експерти со кои разговараше ДВ, се согласуваат дека нападот на украинските вооружени сили на руска територија ќе ја заслабне позицијата на руската војска на главната линија на фронтот бидејќи ќе мора да префрли свои сили во позадина. Украинската страна официјално не ги коментираше наводите за продорот на својата војска на руска територија.

Што велат руските власти за ситуацијата во Курската област

Ни членовите на рускиот Совет за безбедност немаа време да разговараат за „актуелните случувања“. Претседателот Путин во средата на отворениот дел од Советот за безбедност рече дека „мора да почнеме со случувањата во Курската област“ и оцени дека тоа е „провокација од големи размери“. Тој го обвини Киев дека нивните сили „неселективно пукаат од различни оружја, вклучително и со ракети, на цивилни и станбени згради, како и на амбулантни возила“.

Началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов ги уверуваше членовите на Советот преку видео вклучување дека е сопрено напредувањето на украинските сили, кои бројат до илјада луѓе и кои продреле длабоко во Курската област. Според Герасимов, „загубата на непријателска страна“ е 315 лица, уништени 54 оклопни возила, вклучително и 7 тенкови.

Началникот на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов
Началникот на Генералштабот на руската армија Валериј ГерасимовФотографија: Mikhail Kuravlev/AP/picture alliance

Ден пред тоа, во вторникот (6. август) руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот е одбиен и дека „остатоците од диверзантската група се повлекле на украинска територија “. Подоцна пораката од министерството на социјалните мрежи е преработена, а исчезна и од вестите на некои руски државни новински агенции.

Успехот на украинската војска е неуспех на руските тајни служби

Сосема е возможно во затворениот дел на седницата на рускиот Совет за безбедност да се споменал неуспехот на руските известителни служби, која не го забележала движењето на големи единици на вооружените сили на Украина во близина на границата, вели независниот руски воен експерт Јуриј Федоров, кој додава дека „станува збор за отприлика две бригади, од која секоја брои околи 4 илјади лица. Тоа несомнено е успех за украинската страна.“

Според него, силите можеле да бидат доволни за формирање на мостобран на територијата на Руската федерација, каде што нема сериозни одбранбени пунктови, ниту пак доволен број на руски единици за одбрана. „Во Курската област има десет до 12 илјади руски војници расштракани на повеќе места и помалку спремни за борба отколку силите кои се директно ангажирани во воените дејствија“, посочува Федоров и оценува дека главната цел на украинските сили е да го одвратат вниманието на руската војска од главната линија на фронтот. Истовремено, воениот експерт укажува на тоа дека и украинските сили се соочуваат со значајни проблеми и дека „Зеленски  рече оти 14 бригади на Оружените сили на Украинасе недоволно пополнети и дека нема доволно оружје за да се вклучат и тие во борбата“, потсетува Федоров.

Заземени 10 руски села и 15 километри територија

Со тоа се согласува и независниот руски воен експерт Јан Матвејев. Тој напоменува дека на територијата на Руската федерација сега има можеби неколку стотина украински војници, а останатите се и натаму во резерва на територијата на Украина. Според него, ако командата на Оружаните сили на Украина согледа дека може да има успех во оваа офанзива, тогаш и резервистите може да се префрлат во напад. Од 7 август Оружаните сили на Украина успеаја да зазематб десет села и околу 15 километри руска територија, наведува Матвејев и додава дека информациите се базираат на извештаи од про-Кремљ офицери. „Генерално се соочуваме со сериозна блокада на информации, речиси да нема податоци ниту од украинска, ниту од руска страна“, вели тој.

Од психолошка гледна точка, според Метвејев, освоената територија е силен аргумент за украинската војска во контекст на разговорите за можно примирје. Од воена гледна точка, се поставуваат многу прашања како тоа „дали украинската војска ќе потроши повеќе енергија на диверзијата, отколку што ќе потроши руската свои единици. На пример на фронтот во Доњецк, украинската војска се соочува со сериозни проблеми“, потсетува рускиот воен експерт. Губењето контрола над делови од Руската федерација е катастрофа за властите во Москва, оценува украинскиот воен експерт Олег Жданов. Тој напоменува дека ова е прв пат од 1991 година странски сили да контролираат територија на Руската федерација. Притоа руската команда нема слободни резерви за веднаш да ги префрли во новата зона на борбени дејствија. „Во Русија секој месец се мобилизираат 25 до 30 илјади лица и со нив се потпишуваат договори, но се со цел да се надоместат загубите на главниот фронт“, објаснува Жданов.

Тој смета дека украинското раководство може да ја искористи ситуацијата за формирање на помоќна преговарачка позиција ако започне мировен процес за решавање на воениот судир.  „Политичкото значење на ова е многу поголемо отколку воениот успех“, вели украинскиот воен експерт.

Куќа во Суџа уништена при гранатирање
Куќа во Суџа уништена при гранатирањеФотографија: Acting Governor of Kursk Region Alexei Smirnov/Telegram/REUTERS

Евакуација од пограничните населби

Владата на Курската област на социјалните мрежи тврди дека ситуацијата во регионот е „контролирана“ и дека е во тек евакуација на локалното население од пограничните области.   Сепак има докази дека некои граѓани самите се обидуваат да излезат од зоната на борбените дејствија, или да се скријат во населени места. За тоа во видео снимка која активно се шири на руските мрежи, сведочи свештеникот Јевгениј Шестопалов и според кого некои мештани, вклучително и деца, се кријат во црквата Света Троива во Суџе. Тој вели дека „целото место гори. На секои десет до петнаесет секунди има напад. Нема никаков превоз, затоа луѓето ги собираме во храмот.“

Во меѓувреме на сајтот на Кремљ се појави информација дека за преселба на две ипол илјади семејства од пограничниот регион се потребни околу 4,4 милиони рубљи по семејство. До сега од сојузниот буџет е пуштена првата транша од 1,8 милијарди рубљи, изјави вицепремиерот на руската влада, Денис Мантуров. Истовремено, „патриотските“ групи на социјалните мрежи почнаа да собираат вода за пиење и лекови за војската во Курската област. Во самиот Курск се организираше донација на крв, а долги редици имаше уште од рано наутро.