Унгарија попушти - одобрена ЕУ-помошта за Украина
1 февруари 2024Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, соопшти дека договорот за помош од 50 милијарди евра за Украина бил постигнат за неколку минути. Пробивот е направен по средба на неколкумина европски лидери, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц, со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Помошта од буџетот на ЕУ за период од 4 години треба да спречи економска пропаст на Украина. Земјата со тие пари може да ги финансира, на пример, болниците и училиштата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го пофали „силното единство на ЕУ“. Тој изрази увереност дека ветената помош ќе ја зајакне долгорочно економската и финансиската стабилност на неговата земја. По договорот на самитот, тој преку видео им се обрати на сојузниците и им се заблагодари за одлуката.
26 земји членки на ЕУ му оставиле на унгарскиот премиер Орбан можност по две години повторно да се разговара за помошта за Украина. Но, пречките за повторни разговори се високи: сите земји треба да се согласат само за да се одржи дебата. И за можни промени во пакетот со помош е потребен консензус, што се смета за исклучено. Орбан не можеше да надвладее со своето барање за годишна можност за вето на исплатата на средствата.
Учесниците на вонредниот самит реагираа со олеснување. Шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, зборува за „добар ден за Европа“. Естонската премиерка Каја Калас ја пофали способноста на Европејците „заеднички да дојдат до резултат“. Таа на платформата Х напиша: „Ова е важен сигнал за Украина дека ЕУ ја поддржува долгорочно, сѐ до победа.“