Упад во Белгород: неонацисти и десничари против Путин
27 мај 2023Тие позираат заеднички пред новинарите на североистокот на Украина, од едно место каде се обучува украинската армија и кое не смее да се именува. Членови на т.н. „Легија Слобода на Русија“ и „Корпусот на руски доброволци“ се застанати околу едно оклопно возило од советски тип кое наводно го одзеле од руските погранични трупи.
Смеат да зборуваат само двајца мажи, а прв почнува Денис Капустин, облечен во црна униформа на „Корпусот на руски доброволци“. Тој важи за неонацист со руски пасош кој се смета за влијателен во десничарската екстремистичка сцена. Пред повеќе години тој ја основаше неонацистичката модна линија „Вајт Рекс“, која ја професионализираше сцената на неонацистички боречки спортови во Европа. Логото ја краси црната капа на Капустин. Експертот за десничарски екстремизам Роберт Клаус неделава на Твитер напиша дека Капустин е клучна фигура во милитантниот неонацизам на европско ниво. Одговарајќи на овие обвинувања, Капустин за германскиот јавен сервис изјави:
„Јас сум прилично традиционален, десничарски конзервативец. Не разбирам зошто тоа е навреда во светот денес“.
Роден во Москва, Капустин се сели во Германија на почетокот на 2000-те години. Потоа се враќа во Русија, а веќе неколку години живее во Украина.
Екскурзија во Русија
Самото преминување на границата кон Русија во регионот Белгород е успех, објаснува Капустин. Таму биле вкупно 24 часа. Билансот бил двајца мртви и 10 ранети на нивна страна, а не 70 мртви како што тврди руската пропаганда.
„Корпусот на руски доброволци“ е основан во август 2022. Но, одделни членови активно се борат против руските трупи уште од почетокот на војната во Донбас во 2014 година. Украинската армија ги поддржува, вели Капустин, со гориво, медицинска опрема, информации, храна и грижа за повредените. Сите операции на украинска територија се координираат со украинската армија. „За сѐ што правиме од другата страна на границата одлучуваме самите“, вели Капустин.
Ослободување на Русија како крајна цел
Разговорот на новинарите потоа продолжува со Цезар, заменик-командант на т.н. „Легија Слобода на Русија“. За оваа групација е многу малку познато. Се верува дека таа се состои од националисти и поранешни припадници на руските воени сили. Исто толку малку се знае и за Максимилијан Андроников, алијас Цезар. Според независните руски медиуми, и тој има националистичко минато. И сака да го урне системот на Путин.
Руската агресија врз Украина, според Андроников, е трагедија. Тој носи маскирна униформа и коњско опавче и ја опишува неговата групација на следниот начин:
„Ние сме ослободители, загрижени руски граѓани кои ја сакаат слободата и ослободители на нашата татковина. Ја браниме Украина и пред неколку месеци се боревме во и околу Бахмут. Пред сѐ, сакаме да ја заштитиме Украина од агресијата на нашата држава“.
Откако ќе бидат ослободени сите региони, сакаме да ја ослободиме и Русија, вели Андроников. Информациите се нејасни и многу прашања остануваат отворени. Нивниот ангажман продолжува и планирани се нови операции, велат Андроников и Капустин.
Киев демантира вмешаност
Во акцијата во Белгород немало учество на украински трупи, се вели едногласно од Киев. Советникот на претседателот Михајло Подољак зборува за „вооружено герилско движење“, со кое тие немаат ништо. Тоа се руски граѓани, а тенкови можат да се купат во секоја руска воена продавница.
Со таквиот став, Подољак се потсмева со изјавата на рускиот претседател од 2014 година при анексијата на украинскиот полуостров Крим. Владимир Путин тогаш изјави дека војниците на Крим се локални милиции, а руски воени униформи можат да се купат во секоја продавница за воена опрема.