1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставен суд: НПД нема веќе да добива пари од државата

ЕМФ | Тагесшау
23 јануари 2024

Партијата „Татковина“ - порано НПД - веќе нема да добива пари од државата, одлучи германскиот Уставен суд. Причина е нејзината цел да го наруши или елиминира слободниот демократски поредок.

https://p.dw.com/p/4ba8A
Уставен суд на Германија
Според Уставниот суд, партијата Татковина нема да добива државно финансирање поради тоа што за цел има да го наруши или елиминира слободниот демократски поредокФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Поранешната Националдемократска партија (НПД), која сега го носи името Татковина, шест години нема да добива пари од државата, одлучи денеска (23.01) Уставниот суд на Германија. Според судот, партијата Татковина нема да добива државно финансирање поради тоа што за цел има да го наруши или елиминира слободниот демократски поредок. Ова е прва постапка од ваков вид во Уставниот суд.

Партијата НПД, во меѓувреме наречена Татковина, не беше забранета во 2017 година бидејќи, според мислењето на судот, не можеше да ги постигне своите антиуставни цели поради недостаток на влијание. Потоа следуваше измена на Уставот, според која државното финансирање на една партија може да се прекине дури и ако таа не е забранета.

Знаме на НПД
Поранешната Националдемократска партија (НПД), која сега го носи името Татковина, шест години нема да добива пари од државатаФотографија: picture-alliance/dpa/F. Schuh

Бундестагот, Бундесратот и Владата на Германија побараа од Уставниот суд да го запре државното финансирање на НПД и можните партии кои од неа би произлегле за период од шест години. Периодот е одреден со закон. Одлуката на судот значи и дека отпаѓаат и даночните поволности за партијата, како што се донациите за неа. Сепак, предуслов е таа или нејзините поддржувачи да следат антиуставни цели.

За разлика од забраната за една партија, за кратење на државните средства не е неопходно засегнатата партија да има и потенцијал за постигнување на своите антиуставни цели.

Протести во Берлин со барање за забрана на АфД
Дали и деснопопулистичката партија АфД може да биде исклучена од државното финансирање? (фото: Протести во Берлин со барање за забрана на АфД, 12.01.2024)Фотографија: Christian Ditsch/epd/IMAGO

Последици за АфД?

Партиите добиваат субвенции доколку добијат доволно гласови на избори. Тоа, на пример, веќе не беше случај со НПД, односно Татковина. Сепак, таа имаше корист од даночните олеснувања.

Со пресудата на Уставниот суд сега се поставува прашањето дали деснопопулистичката партија АфД може да биде исклучена од државното финансирање. Ова го бараат политичките противници на АфД со образложение дека таа е потенцијална закана за демократијата. Притоа, меѓу другото, се упатува и на Саксонската служба за заштита на Уставот, која тамошниот покраински огранок на АфД го класифицира како десноекстремен. Како и во случајот со партијата наследничка на НПД, за ова одлука мора да донесе Уставниот суд на Германија.