1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само зборови не се доволни против корупцијата

ДТЗ
14 декември 2022

„Сега секој ќе полага испит за политичка зрелост. Оние кои ќе го положат ќе опстојат, а останатите кои ќе се борат да остане статус кво состојба, ќе бидат избришани од граѓаните“, порача вицепремиерката Славица Грковска.

https://p.dw.com/p/4KuFX
Славица Грковска Северна Македонија
Вицепремиерката Славица ГрковскаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата. Од Северна Македонија се очекуваат конкретни резултати - не само истраги, туку и повеќе обвиненија со цел корупцијата да не пушти уште подлабоки корени во општеството. Ваквите пораки амбасадорите во земјата ги повторија и на денешната регионална конференција за борба против корупцијата во Скопје. Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска вели дека нема илузии дека корупцијата може целосно да се победи, но децидна е дека мора да се покажат видливи и конкретни резултати, да се создадат услови за владеење на правото и еднаквост на институциите. „Мислам дека сега секој ќе полага испит за политичка зрелост. Оние кои ќе го положат ќе опстојат, а останатите, кои ќе се борат да остане статус кво состојба, ќе бидат избришани од граѓаните. Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како досега, едноставно веќе нема да може“, порача Грковска. 

Корупцијата не познава граници 

Корупцијата не познава граници, ниту пак може или смее да се третира изолирано, укажуваат надлежните. 

„Нема општество, нема институција, целосно имуна на корупција. Случајот со потпретседателката на Европскиот парламент покажува дека тоа не е предизвик со кој се соочува една институција од една земја, не е предизвик само на еден регион, туку интернационален проблем кој никогаш нема да биде сосема искоренет. Факт е дека има многу примери за корупција насекаде, но исто така е факт дека секоја држава е различно подготвена и различно реагира на ваквите појави“, вели Грковска.  

Слаавица Грковска
„Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како до сега, едноставно веќе нема да може“, порача Грковска. Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Судската независност и зајакнување на професионализмот на државните институции мора да станат главен приоритет во регионот за постигнување на одржливи резултати во борбата против корупцијата. Соработката меѓу владите и граѓанскиот сектор е исто така клучна во оваа борба. Шефицата на одделот за меѓународен сериозен и организиран криминал – билатерален заменик-директор при Министерството за внатрешни работи на Обединетото Кралство и FCDO, Сузи Дајкин, вели дека треба да се зајакне усогласеноста и транспарентноста во бизнис секторот, но и да се зајакне соработката со граѓанскиот сектор, за корупцијата да не пушти корени во општеството. 

„Корупцијата е огромен предизвик за владеење на правото во овој регион и креира плодна средина за организираниот криминал. Корупцијата и наштетува на економијата и на општеството и има големи и опсежни импликации, вели Дајкин. 

Ерик Мејер, заменик шеф на мисијата во амбасадата на САД во Северна Македонија вели дека корупцијата, финансискиот криминал и други коруптивни активности се заеднички закани во регионот. САД ќе продолжи да ги поддржува напорите на регионот во борбата против корупцијата, но за да се постигне успех, во секоја земја треба политичка волја од лидерите, потребно е судство кое ќе е независно и ослободено од политичките влијанија.  

Регионален форум за борба против корупција Скопје
Регионален форум за борба против корупција во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Убавите зборови не се доволни 

Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека државните институции мора заеднички да работат да го намалат обемот на корупција, да воведат закони и правила на однесување и санкции за коруптивно однесување, но и треба да ги спроведуваат и извршуваат овие мерки. Борбата против корупцијата подразбира и градење негативна средина за сите коруптивни навики преку засилување на клучните системи за интегритет, јавните набавки и управување со јавни финансии, како и градење државни ревизорски институции и антикорупциски тела и партнерства со граѓанското општество, компаниите и слободните и независни медиуми.

Според Гир, убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата, додека граѓаните очекуваат резултати.

„Сите истражувања укажуваат на уништувачкиот ефект на корупцијата врз образовните и работните можности и тоа се клучните фактори кои што ги бркаат младите од државата“, изјави Гир.