1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската влада цели на членство во ЕУ до 2030 година

5 септември 2022

Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач со ЕУ, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како и странски експерти.

https://p.dw.com/p/4GQnd
Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Македонската влада се надева на завршување на пристапните преговори со ЕУ до 2030 година, изјави во понеделникот премиерот Димитар Ковачевски, информирајќи за воспоставената структура за преговори. Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како и странски експерти. 
Ковачевски верува дека институциите имаат капацитет за преговори со ЕУ и очекува квалитетна и ефикасна структура што ќе се носи со предизвиците. Тој упати апел за општествен консензус за постигнување напредок кон ЕУ, за вклучување на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, академската заедница, како  и повик до опозицијата активно да учествува, да го поддржи и помогне процесот. 
„Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е целта која си ја поставуваме. Таа е реална и достижна и јас сум силно убеден дека до следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија“, рече Ковачевски.  
„Особено сум горд што дојдовме до моментот кога почнуваме да зборуваме за техничките елементи врзани со преговорите со ЕУ. На 19 јули кога ги отпочнавме преговорите свртевме нова страница во македонската историја“, рече Ковачевски.  

Маричиќ- главен преговарач  
Главен преговарач со ЕУ ќе биде вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, а негов заменик ќе биде државниот секретар за европски прашања, Дрита Абдиу Халили.  
Маричиќ објасни дека преговарачката структура содржи и Комитет за преговори, претседаван од Владата и премиерот Димитар Ковачевски, четворицата вицепремиери, министерот за надворешни работи и министерот за финансии. Шеф на Државната делегација за преговори ќе биде министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во составот на преговарачката структура вклучена е и група за преговори составена од главен економист, главен правник и главен анти-корупционер. Формирани се и Работен комитет за европска интеграција и работни групи за пристапни преговори, како помошни тела поделени по кластери, три области и 33 поглавја. Преговорите ќе ги координира Секретаријатот за европски прашања.  
„Заради важноста и улогата на Собранието, неговата одлука ќе се дефинира со меѓусебен договорен акт во кој ќе биде дадена и дефинирана улогата на опозицијата. Во наредните денови се планирани средби со претседателот на националниот совет за евроинтеграции за што подаваме рака и опозицијата да се вклучи во овој процес“, рече Маричиќ.
 

Бојан Маричиќ Бујар Османи
Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главен преговарач со ЕУ, а шефот на дипломатијата Бујар Османи- шеф на ДелегацијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи