Владата пред реконструкција, АА пред „потпис“ за влез
10 февруари 2023Централниот одбор на СДСМ синоќа го овласти претседателот на партијата, Димитар Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата. Претходно, на состанок на Централното претседателство на Алијанса за Албанците, беше донесена одлука оваа партија да биде дел од Владата, откако и во ограноците бил спроведен референдум преку онлајн прашалник.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, синоќа се воздржа од одговор на прашањето кои министерски места ќе ги добие Алијанса за Албанците, повикувајќи се на одлуката дека „лидерот на СДСМ е овластен да ги заокружи разговорите и да предложи кадровски решенија“.
Од Алијанса за Албанците не беа воздржани по ова прашање.
„Во Владата ќе имаме двајца заменици-министри и тоа за одбрана и за земјоделство, како и три министерства - правда и здравство, а третото ќе биде или заменик-премиер за економски прашања, или ресорот информатичко општество. Најверојатно утре (10.2.) ќе имаме состанок со премиерот Димитар Ковачевски, на кој ќе ги потпишеме веќе синхронизираните програми и можеби утре ќе се дадат имињата за идните можни министри и заменици-министри“, најави лидерот на АА.
АА ќе добие и директорски позиции, но Таравари рече дека не би влегувал во дискусија па тоа прашање, пред да се избере Владата.
„Во периодот што е пред нас ќе се знае и кои се институциите што ќе ги раководи Алијанса за Албанците. Нашата мисија е оваа година да ја направиме разликата во раководењето со одредени институции и, се надевам, да се постигне целта на нашата мисија“, рече Таравари.
Што добива Владата?
Според портпаролката на СДСМ, кадровското освежување ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата.
„Јасно е дека изборите ќе се одржат според планираното во 2024 година. Ова е добро за стабилноста, за инвеститорите и за економијата. Работите се јасни. СДСМ го задржува бројот на министри како и досега, имаме зголемено мнозинство во Собранието, поголема поддршка на реформскиот и на европскиот курс на земјата и политичка стабилност“, рече Кузеска.
Таа посочи дека стабилноста и ефикасноста со новото мнозинство ќе придонесат за продолжување со реформите во економијата, во судството, за интеграцијата во ЕУ, за соработка на локално ниво, за унапредување на владеењето на правото и борба против корупцијата, за поголема поддршка на планот за стратешко партнерство со САД и за унапредување на добрососедските односи.
„Опасноста е земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица, кои сакаат да го сменат нашиот пат кон ЕУ и да не испратат во изолација и сиромаштија. Разликата е јасна. За жал, Левица го зеде ВМРО-ДПМНЕ како заложник. Исто како во деновите на Груевски, кога беа блокирани евроинтеграциите. Денеска повторно закана за нашата иднина доаѓа од страна на Апасиев и Мицкоски. Мора да ги здружиме силите и да не им дозволиме повторно да не блокираат 11 години, како минатиот пат“, рече Кузеска.
Отворена врата
Од Алтернатива чекаат да го видат епилогот, кој ќе покаже дали СДСМ го испочитувал договорот со Алтернатива од декември 2021 година, или еднострано го раскинал. Од друга страна, премиерот Ковачевски не крие дека очекува поголема флексибилност од Алтернатива.
„Сакаме Алтернатива да остане како дел од парламентарното и владиното мнозинство. Со оглед на тоа дека се разговара за влез на нов партнер во владината коалиција, тоа значи и зголемување на мнозинството. Тоа значи и распоред на пратеничките мандати, различен од оној во моментов. Тоа значи дека политичките партии кои се дел од постојното мнозинство ќе треба да направат одредени прилагодувања, со цел да може да се оствари таа идеја. Значи, вратата за Алтернатива останува отворена“, порача вчера премиерот.
Неофицијално, голем дел од членството во Алтернатива било против ваквото „прилагодување“, бидејќи сметаат дека товарот за отстапување на позиции за АА треба да го понесат оние партии кои изубиле поддршка меѓу нивните пратеници. Алудираат на ДУИ и тамошните внатрешни тензии предизвикани од „Огнената група“, за која се шпекулира дека под своја контрола има шест пратеници.
„За тоа колку пратеници имаат, треба нив да ги прашате“, рече вчера министерот Крешник Бектеши од редовите на ДУИ.
„Колку што јас знам, во Огнената група, во наводници, се само двајца пратеници - господинот Меџити и госпоѓата Коџаџику“, изјави Бектеши, додавајќи дека од таа група „секогаш изјавуваат дека работат во рамките на органите на ДУИ, согласно со статутот".
Седница в понеделник?
Но, дали нештата се менуваат? Весникот „Лајм“ објави дека потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити и организацискиот секретар на оваа партија, Блерим Беџети (и двајцата дел од „Огнената група“) немало да учествуваат на денешната средба меѓу претседателот на ДУИ, Али Ахмети со членови на Генералниот совет, кои се делегирани од ограноците на партијата. Вчера на таква средба биле поканети претставниците на гостиварскиот огранок, а денеска токму од ограноците во Чаир и Сарај.
„Подготвени сме да седнеме на маса за сериозни разговори и сериозни заклучоци, а не за празно зборување“, изјавиле претставниците на „Огнената група“ од Чаир и Сарај.
Кој го има мнозинството и колкаво е тоа, ќе се види на седницата на која ќе се гласа за реконструкција на Владата. Според претседателот на Собранието, таа седница може да биде закажана и за понеделник, ако премиерот Ковачевски денеска го достави предлогот до Собранието.