Анкетите, сепак, погодија. И покрај големата фама која се дигна околу истражувањата на јавното мислење пред изборите, нивната веродостојност и валидност, резултатите на изборите, во најголема мерка, ги потврдија резултатите на предизборните истражувања. Точно, некои политички субјекти беа на горната граница на маргините во кои рамки се очекуваше нивниот резултат, некои дури малку и натфрлија или потфрлија од статистички предвидените резултати, но, драстични отстапувања немаше. Не се случи анкетите да му даваат предност на еден субјект, а всушност да победи друг, дури и разликите беа во рамки на статистичка грешка. Ова во прилог на тезата дека предизборниот период ќе биде (и беше) релативно здодевен, без некои подраматични поместувања на изборните очекувања, политичките платформи, понуда, или идеологија.
Сега, откако ќе го поминеме изборниот хоризонт за една недела, работите ќе станат поинтересни. Се поставува прашањето кои комбинации за влада се возможни и веројатни, но истовремено, и што нѐ чека, во смисла на предизвици, зад овој хоризонт. По првото прашање, иако најголем дел од политичките позиции се веќе заземени, но тоа не исклучува изненадувања, така што тој дел од равенката ќе биде интересно да се следи. Второто прашање е поинтересно, зашто нѐ засега сите, не само политичките партии, и во голема мерка ќе ја дефинира вкупната политичка атмосфера во текот на наредните години, можеби и децении.
Политичка идила
Во смисла на постизборна математики, ситуацијата, повторно, изгледа детерминирана. ВМРО ДПМНЕ, како фаворит за изборна победа, веќе најави со кого, и под кои услови, би формирал владино мнозинство. Ако нема поголеми изборни изненадувања, а нема причина да се верува дека ќе има, единственото прашање е, дали најавените владини партнери ќе успеат да направат програмско усогласување во рамки на владината коалиција. Како во секое предизборие, секоја партија има свои услови и постулати, кои често се некомпатибилни, или дури дијаметрално спротивни со другите партии, особено кога се работи за македонски и албански партнери. Прашањето е дали ваквите некомпатибилни наративи ќе се спојат во преговорите, со кое објаснување, или пак преговорите ќе пропаднат. Моето предвидување е дека нема да има, ама баш никаква, пречка за составување владино мнозинство, и дека тоа ќе биде една политичка идила, во која за важните работи (фотељите) партиите ќе се договорат веднаш, а за ситниците (програма, уставни измени, генералниот курс на државата) ќе се договараат „во од“, секако седнати на удобните фотељите кои веќе ги договориле. Не треба да се очекува дека било која партија од помалите владини партнери, ќе условува за влез во влада. За нив, влегувањето во владата е еден вид прашање на политички опстанок, па така, сите други елементи уредно ќе станат секундарни.
Ниту пак очекувам поголем притисок за уставните измени пред формирање влада. Прво, роковите не работат во полза на таа математика, односно уставните измени бараат повеќе законско време одошто правењето влада, но тоа е секундарно. Имам впечаток дека Мицковски нема да прифати разговор за уставните измени пред формирање влада, тврдејќи дека за тоа прашање треба посериозни анализи, општествен консензус и слично. Партиите нема да можат веднаш да го одбијат тој пристап, зашто, на крајот, за нив владината коалиција е поважна. Со други зборови, ВМРО ДПМНЕ нема да има потреба конечно да се изјасни за уставните измени пред формирање влада, и партиите во идната владина коалиција ќе мора тоа да го прифатат.
Децениски инает
Но, уставните измени постојано ќе „и дишат во врат“ на новата владина коалиција. Целата меѓународна заедница е во трка со времето, додека геостратешките позиции се поволни, да затвори што е можно повеќе прашања на Балканот. Босна доби почеток на преговори. Црна Гора покажува поместување (ќе видиме колку тоа ќе трае). Албанија очекува одвојување од Македонија, ако не успееме да ги откочиме преговорите. Белград и Приштина се во ќорсокак, но очигледен е обидот, во новиот ентузијазам за некаква европска перспектива, за креативност и помош од ЕУ и целата меѓународна заедница. Ако го фатиме тој воз, можеби можеме да добиеме поволна позиција. Сепак, ако чекаме премногу (искуството досега би требало веќе да не научи), условите ќе станат потврди, а интересот ќе се намалува. Затоа, клучно за нас ќе биде колку брзо можеме да се мобилизираме со вистински план околу преговорите. Тоа нужно ги засега уставните измени, но просторот за маневар по тие прашања ќе постои најмногу до октомври оваа година. Потоа следуваат изборите во САД, па локални избори во Македонија… читај ризик повторно да влеземе во децениски инает. По тоа сме, рака на срце, и познати.