1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ слави убедлива двојна изборна победа

БГ
9 мај 2024

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи следната влада, а Гордана Сиљановска-Давкова ќе биде нов претседател на државата. Христијан Мицкоски најави борба против корупцијата и влада без ДУИ.

https://p.dw.com/p/4feSg
Христијан Мицкоски Република Северна Македонија
Христијан Мицкоски ќе биде новиот премиер на Република Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои убедлива победа на парламентарните и претседателските избори во Македонија отворајќи му можност на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски да ја предводи следната влада. Гордана Сиљановска-Давкова стана првата жена претседател на Република Северна Македонија.

„Криминалот, корупцијата, неспособноста, тендерите, одземената држава, непотизмот и уште стотина други последици кои направија државата да страда, а народот да е резочаран, вечерва конечно се поразени. Поразени се предавствата и поделбата“, порача Мицкоски пред симпатизерите во „Белата палата“ во Скопје и ги повика да му се придружат на прослава на плоштадот Македонија.

Според проекциите на Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 59 пратенички мандати во Собранието. СДСМ доживеа историски пораз и изборите ги завршува со 19 мандати.

Ковачевски најави внатрепартиски избори, оценувајќи дека „на партијата и е зададен тежок удар“. Ковачевски се осврна и на изминатите две години премиерски мандат, оценувајќи дека „системот е полн со дефекти“ и дека постои „корупција на секое ниво, непотизам, лични интереси...“

ДУИ останува трета сила во парламентот со освоени 18 пратенички места, а нивниот ривал, коалицијата Влен доби 13 мандати. Приврзениците на Влен славеа во Скопје и Тетово, а нивните лидери најавија дека веќе од четврток ќе ги започнат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за формирање нова влада.

Пратеничка група со 6 мандати во новото Собрание ќе има Левица, додека новата партија на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, Знам исто така ќе дебитира со пратеничка група од 5 пратеници.

Сиљановска-Давкова убедлива пред Пендаровски

Гордана Сиљановска-Давкова освои над 500.000 гласови и убедливо го порази актуелниот претседател Стево Пендаровски кој, на крајот, со освоени над 220.000 гласови сепак имаше подобар резултат од партијата која го поддржа. Во обраќањето до граѓаните, таа порача дека ќе биде претседател на сите граѓани. 

Гордана Сиљановска-Давкова
Гордана Сиљановска-Давкова освои над 500.000 гласовиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„ Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави Сиљановска- Давкова.

Стево Пендаровски им честиташе на победниците на изборите и порача дека си заминува со чиста совест.

„Мојот концепт на мултиетничка Македонија целосно интегрирана во евроатлантските структури, денеска, за жал, не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Јас сум длабоко убеден дека само така Македонија може да биде демократска и проспиретна држава. Затоа мојата совест е мирна," рече Пендаровски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема