1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

Во Балтимор се урна мост откако во него удрил брод

ЕМФ | агенции
26 март 2024

Во градот Балтимор, во американската сојузна држава Мериленд, се урна мост долг два километри, откако во него удрил брод.

https://p.dw.com/p/4e7Wv
Мост Балтимор
Урнатиот мостот бил долг околу 2,57 километри Фотографија: Harford County MD Fire & EMS/Handout via REUTERS

Според наводи на сообраќајните власти во американската сојузна држава Мериленд, мостот Френсис Скот Ки во американскиот град Балтимор се урнал по судар со товарен брод. Првите повици за итна помош во спасувачките служби биле примени околу 1:30 часот по локално време.

На социјалните мрежи кружи видео на кое се гледа контура на товарен брод на еден од столбовите - од таа точка почнува уривањето на целата коловозна плоча. Неколку возила паѓаат во вода. Врз основа на информации од веб-страницата „Marine Traffic", новинските агенции утврдиле дека веројатно се работи за контејнерски брод со знаме на Сингапур.

Балтимор мост
Бродот удрил во мостот околу 1:30часот по локално времеФотографија: Port of Baltimore/NTB/IMAGO

Мостот долг околу 2,57 километри беше завршен во 1977 година. Станува збор за мост со четири ленти преку кој минува меѓудржавниот автопат 695, наречен „Балтиморски појас“. Мостот ги поврзува населбите Хокинс Поинт и Дандалк, кои се разделени со реката Патапско. Од управата за транспорт во Мериленд соопштија дека автопатот е затворен и сообраќајот се пренасочува.

Градоначалникот на Балтимор, Брендон М. Скот на платформата X напиша дека службите за итни случаи се на местото на несреќата и дека почнале со работа. Сѐ уште не е јасно колку возила се наоѓале на мостот во моментот на несреќата. Исто така нема информации за евентуални жртви. Портпарол на противпожарната служба соопшти дека пожарникарите се во потрага по најмалку седум лица во водата. Како што се нагласува, спасувачите мора да работат внимателно со оглед на тоа што во водата сѐ уште може да се уриваат делови од мостот. 

Товарен брод урна мост во Балтимор, САД