Во Иран пронајден високо облагороден ураниум
20 февруари 2023Новинската агенција Блумберг, повикувајќи се на два дипломатски извора, објави дека инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Иран пронашле ураниум со чистота од 84 отсто. Тоа значи дека облагородениот ураниум е нешто под 90 проценти, вредност која е потребна за изградба на атомска бомба.
МААЕ во неделата (19.02) на Твитер објави дека е запознаена со медиумскиот извештај. Организацијата води разговори со Иран за „резултатите од неодамнешните активности за проверка“.
Намера или технички проблеми?
Инспекторите сега мора да утврдат дали Иран го произвел материјалот намерно или пак концентрацијата е резултат на ненамерна акумулација, јавува Блумберг.
Се вели дека е можно материјалот да е создаден како резултат на технички проблеми во работата на центрифугите. Вакво нешто веќе се случило во минатото.
Долги преговори
Со меѓународниот нуклеарен договор со Иран, кој моментално е „под мраз“', во 2015 година за облагородување ураниум беше договорен праг од 3,67%. Неодамна беше побјавено дека Техеран произведува ураниум облагороден до 60 проценти, што е значително повеќе од предвиденото со нуклеарниот договор.
Во мандатот на американски претседател Доналд Трамп, САД во 2018 година еднострано се повлекоа од договорот и воведоа нови санкции кон Техеран. Како резултат на тоа, и Иран почна постепено да се повлекува од своите обврски и ги ограничи инспекциите на неговите објекти од страна на МААЕ.
Преговорите за повторно заживување на меѓународниот нуклеарен договор, кои почнаа во април 2021 година, се заглавени со месеци. Со договорот би требало да се ограничи иранската нуклеарна програма и да се осигура дека Иран нема да создаде атомско оружје. Техеран постојано негира дека сака да произведе нуклеарно оружје.