Апел до Израел и Хамас да ги обноват преговорите за примирје
9 август 2024Посредниците во тешките преговори за прекин на огнот во војната во Газа побараа од Израел и од палестинската радикална група Хамас да ги продолжат преговорите на 15 август во Доха или во Каиро „за да се затворат сите преостанати празнини и да се започне со спроведување на договорот без натамошно одлагање“, се вели во изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден, египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и Катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веќе потврди дека сака да испрати свои претставници на состанокот. „По понудата на САД и посредниците, Израел на 15 август ќе испрати делегација на преговарачи на локацијата која допрва треба да се одреди за да се разјаснат деталите и да се имплементира привремениот договор“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.
Загриженост за натамошна ескалација на Блискиот Исток
Изјавата на посредниците доаѓа во критичен момент кога Иран и неговите сојузници како Хамас најавија одмазднички напади против Израел поради убиството на двајца високи лидери на Хамас и еден на либанскиот Хезболах. Постои загриженост дека војната во Газа целосно ќе ескалира.
Време е да се постигне „моментално олеснување“ и за измаченото население во Појасот Газа, како и за заложниците и нивните семејства, се вели во соопштението на трите земји. Тимовите за посредување неуморно работеа со месеци на создавање на рамковен договор кој сега е на маса и треба да се разјаснат само деталите за имплементацијата, се вели во соопштението. „Нема повеќе време за губење и нема изговори за натамошни одложувања.“
Време е да се ослободат заробените заложници, да се постигне прекин на огнот и да се спроведе договорот. Доколку е потребно, тие се подготвени да излезат со конечен предлог за премостување кој ќе ги реши преостанатите прашања за имплементацијата на начин „кој ги исполнува очекувањата на сите страни“, велат посредниците.
Бајден претстави план
Со месеци Катар, Египет и САД преговараа зад кулисите за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа и за ослободување на заложниците. Разговорите се фокусираат на планот кој американскиот претседател Бајден го претстави во мај и за кој рече дека е предложен од Израел.