1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

„Комплицирани“ борби за Бахмут

СН/агенции
28 февруари 2023

Битката за градот во источна Украина станува сѐ потешка за неговите бранители, изјави украинскиот претседател Зеленски. Единиците на Вагнер се обидуваат да го опколат градот, предупреди командант на украинската војска.

https://p.dw.com/p/4O3Mx
Украинските бранители на Бахмут од 80-та ударна бригада
Украинските бранители на Бахмут од 80-та ударна бригадаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во редовното видео обраќање призна дека ситуацијата околу градот Бахмут, на истокот на земјата, се влошува.

„Ситуацијата станува сѐ посложена“, рече синоќа Зеленски. „Непријателот систематски уништува сѐ што може да се искористи за заштита на нашите позиции“, додаде украинскиот претседател, Тој украинските војници кои шест месеци го бранат Бахмут ги нарече „вистински херои“.

Украинската армија го брани градот во своевидна битка за изнемоштување за да врзе што е можно повеќе руски војници и да им нанесе големи загуби. Меѓутоа, руските сили не напаѓаат само од исток. Тие, исто така, направија пробив северно и јужно од Бахмут, оставајќи им на Украинците само еден безбеден пат за можно повлекување.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги нарече бранителите на Бахмут „вистински херои“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги нарече бранителите на Бахмут „вистински херои“Фотографија: Genya Savilov/AFP

Украински командант: Единиците на Вагнер се обидуваат да го опколат Бахмут

Ситуацијата околу зафатениот град Бахмут е „исклучително напрегната“, изјави командантот на украинските копнени сили, Олександр Сирскји. Руските платеници од групата Вагнер се обиделе да го опколат градот, исткна тој. „И покрај значителните загуби, непријателот ги искористи најдобро подготвените единици за напад на Вагнер“, објави медиумскиот центар на украинската војска на својот канал Телеграм, цитирајќи ги зборовите генерал-полковникот. Единиците на Вагнер се обидоа да ја пробијат одбраната и да го опколат градот, вели Сирскји. 

Од минатото лето, руските сили се обидуваат да го заземат Бахмут, чија стратешка важност е спорна, но кој стана симбол на борбата за контрола на Донбас, во источна Украина.

Водачот на проруските сепаратисти во регионот Доњецк (источна Украина), Денис Пушилин, во понеделникот (27.02.2023) на руската телевизија изјави дека сите пристапни патишта до Бахмут се „во дострелот“ на проруските сили.

Руските сили со недели се обидуваа да го опколат Бахмут и успеаја да отсечат неколку главни патишта за снабдување на украинската армија. Командантот на руската паравоена група Вагнер, Евгениј Пригожин, во саботата (25.02.2023) тврдеше дека неговите трупи влегле во селото Јахидње, во северното предградие на Бахмут.