Кога ќе бидат казнети злосторниците од Буча?
31 март 2023Валентина Сен, Русите ја застрелале во дворот на нејзината куќа. Мртвото тело на оваа 69-годишна пензионерка лежело таму шест дена додека киевското предградие Буча не беше ослободено од украинската војска на 31 март минатата година.
Нејзината ќерка Тетјана всушност останала со мајка ѝ во првите недели од руската окупација и успеала да побегне во Киев само еден ден пред злосторството. Валентина не сакала да го напушти домот: што сум им згрешила? Ништо нема да ми се случи.
Соседите виделе што се случило со Валентина: таа излегла да земе вода во улицата Склосаводвска, токму тогаш таму биле руските војници. Истиот ден потоа дошле во нејзиниот двор и едноставно почнале да пукаат во неа. „Секој ден убивале најмалку двајца во нивните дворови“, ни вели Тетјана. „Мајка ми само што телефонирала кога ги видела Русите и го слушнала пукањето. Таа веднаш почнала да бега и сепак успеала да влезе во куќата, но куршумот поминал низ вратата и ѝ го прободел црниот дроб. Мајка ми искрварила до смрт“. Сето ова ѝ го кажале соседите кои тоа го виделе.
И една година по убиството на нејзината мајка, истражителите сѐ уште не ја сослушале Тетјана. Нејзиното семејство не знае ни дали е покрената кривична постапка. Само еднаш, уште во април 2022 година, синот на Тетјана бил сослушан. Всушност, тој ја пронашол мртвата баба откако украинските војници дошле во Буча и со сопствени раце ја закопал на локалните гробишта.
Му ја пребарале куќата, го однеле во шума и ...
Слична судбина доживеал и Серхиј од Буча минатата година: неговиот татко бил убиен од Русите само неколку дена пред ослободувањето, на 25 март. Тој во близина на рускиот воен контролен пункт им делел храна на своите сограѓани. На почетокот на месецот осуммина негови пријатели биле едноставно застрелани на улицата Јаблунска. Олександр починал две недели подоцна по домашен претрес. Руските војници го пронашле мобилниот телефон на неговиот татко, ни вели Серхиј. Кусо по тоа, тие зборувале на тој телефон. По претресот Русите го однеле татко му во шумата и таму го застрелале.
Официјално е покрената кривична постапка за убиството. Серхиј цела година се обидувал да дознае нешто за истрагата од истражителите, но едвај нешто дознал.
Прво е извршена ексхумација и е собран доказен материјал, но по неколку месеци дошол нов истражител задолжен за случајот, ни вели Серхиј. Дури неодамна и тој е сослушан. „Се` оди полека, но сепак има напредок. Ми кажаа што направиле и што имаат намера да сторат. Тоа е долг процес и не верувам дека ќе се заврши и за една година“, вели синот на убиениот. Но, тој исто така верува дека правдата ќе биде задоволена и виновниците ќе бидат идентификувани.
Бројни злосторства и многу внимателна истрага
Државното обвинителство на Украина се занимава со речиси 11 илјади можни воени злосторства извршени од руски единици, а оваа бројка е само за регионот Киев. Од нив, околу 700 кривични дела се извршени во Буча. Вкупно има повеќе од 7.000 кривични постапки, а 118 осомничени и 50 други лица се повикани на суд, но сето тоа по правило е во отсуство. Четири лица веќе се осудени пред украинскиот суд.
Од државното обвинителство може да слушне дека практично за сите случаи се води истрага, но поради толку голем број кривични дела, сите имаат полни раце работа, и обвинителството и полицијата и службата за државна безбедност СБУ, а редовно им помага населението кога ќе се ослободи некоја област. Во секој случај, тие веќе имаат многу докази и информации за извршените злосторства.
Истрагата трае толку долго, бидејќи украинското државно обвинителство се труди тоа во никој случај да не е само судење на едната страна во воениот конфликт, туку дека доказите се доволни пред секој нормален суд во светот. Многу е тешко да се утврди точниот идентитет на сторителите, а апсењата во моментов се практично невозможни. „Главна цел на оваа фаза од истрагата е да се соберат изјави од сведоци и да се соберат целосни докази за околностите на кривичното дело. Често успеваме да дознаеме многу при испрашувањето на заробените руски војници и да го одредиме идентитетот на одредени воени злосторници“, ни вели Олех Ткаленко, заменик главен државен обвинител на регионот Киев.
Кога се испрашуваат затвореници, по правило, не треба многу да се прашува: нема малку сторители кои дури се фалеле меѓу другите војници за своите злосторства, убиства на цивили и за секакви злоставувања.
Ако излезат од Русија...
И покрај долготрајната и детална истрага, Ткаленко верува дека оваа година ќе им се суди на многу обвинети за воени злосторства. „По пресудата на судот, за тоа лице ќе биде распишана меѓународна потерница. Украина има цела низа меѓународни договори за екстрадиција на криминалци од овој тип. Се надеваме дека некои од нив ќе бидат уапсени барем во странство и екстрадирани во Украина за да почнат да ја отслужуваат казната додека трае војната. А по нашата победа ќе ги најдеме сите други“.
Иако може да се разбере оптимизмот на украинскиот обвинител, тоа сигурно нема да биде брзо и лесно, особено ако и кога се утврди командната одговорност на повисоките инстанци. Но, Украина не е ниту сама во кривичната постапка против криминалците: веќе во дваесет земји е можно да се покрене постапка и за злосторства извршени во странство, па се очекуваат пресуди и во судовите на тие земји.
А потоа, тука е Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој неодамна издаде налог за апсење и против рускиот претседател Владимир Путин и против руската ополномоштеничка за деца и малолетници, Марија Лвова-Белова, која е обвинета за систематско киднапирање на украински деца и нивно пренесување во Русија.