Нуклеарка Запорожје: Сите безбедносни принципи се прекршени
3 август 2022Ситуацијата е „нестабилна“ околу нуклеарната централа Запорожје на југот на Украина која е под руска контрола од почетокот на март, соопшти денеска генералниот директор на Меѓунардната агенција за атомска енергија (МААЕ) која ги продолжува напорите таму да испрати мисија на ОН.
„Ситуацијата е навистина нестабилна“, рече Рафаел Гроси на конференцијата за новинари во седиштето на ОН во Њујорк, каде се одржува конференцијата на 191 потписници за договорот за неширење нуклеарно оружје. „Сите приниципи на безбедност се прекршени на еден или на друг начин. И ние не можеме да дозволиме тоа да продолжи“, рече тој.
На отворањето на состанокот Гроси вчера нагласи дека ситуацијата станува сѐ поопасна од ден на ден.
Тој веќе со недели настојува да испрати мисија за да се изврши инспекција на централата. Оваа мисија досега ја одбва Украина, која смета оти со тоа би ја легитимирала руската окупација на овој погон во очите на меѓународната заедница, како што пред неколку недели објасни украинскиот оператор Енергоатом.
„Заминувањето таму е многу комплексно, бидејќи за тоа е потребно одобрување и соработка со дел од актерите, особено со Украина и со Русија и со поддршка од ОН, бидејќи се работи за воена зона“, рече Гроси. Тој нагласи дека ќе се обиде да организира мисија што е можно побрзо.
Повеќе: Каква опасност произлегува од руската окупација на украинските нуклеарки?
Државниот секретар на САД, Ентони Блонкен, вчера ја обвини Русија дека ја користи централата, најголема во Европа, како воена база да ги гаѓа Ункраинците знаејќи оти не можат да одговорат, бидејќи би ризикувале удари на нуклеарниот реактор или на радиоактивниот отпад.
„Тоа го доведува поимот човечки штит на едно целосно поинакво и ужасно ниво“, додаде Блинкен и инсистираше дека ИАЕА мора да добие пристап до централата.
Оваа централа во 2021 година даваше 20 отсто од украинското годишно производство на струја.