1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Зголемен ризик од исламистички напади

30 ноември 2023

Од Службата за заштита на Уставот зборуваат за „сложена и тензична ситуација на закани“. Во фокус се особено исламистите, но и други групи.

https://p.dw.com/p/4ZZsO
Германија Берлин пропалестински демонстрации
Од почетокот на војната на Блискиот Исток, пропалестинските демонстрации постојано водат до судири со полицијата (Берлин, 28.10.2023)Фотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Наодите на Сојузната служба за заштита на Уставот (БфВ) се исто толку јасни колку што се и алармантни: Терористичките напади на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година, им дадоа можност и на различни екстремистички актери во Германија да пропагираат омраза и насилство против Евреите и да го отфрлат правото на постоење на Израел.

Сега германската контраразузнавачка служба ја претстави својата прва анализа за закани од почетокот на војната на Блискиот Исток. Претседателот на БфВ, Томас Халденванг, оценува дека во земјата има потенцијално експлозивна мешавина каква што досега не е видена: „Во моментов сме соочени со сложена и тензична ситуација на закани поради паралелните кризи, што дополнително се влошува со варварските злосторства на Хамас“.

Антисемитизам меѓу исламистите, левите екстремисти и десните екстремисти

Службата за заштита на Уставот забележува преклопувања меѓу групи кои инаку имаат мала или никаква врска меѓу себе: „Антисемитизмот и непријателството кон Израел се поврзувачки елементи меѓу исламистите, германските и турските левичарски и десничарски екстремисти и поддржувачи на екстремистичките палестински организации“, вели Томас Халденванг, сумирајќи ги наодите на неговите експерти.

Томас Халденванг, претседател на Службата за заштита на Уставот
Томас Халденванг, претседател на Службата за заштита на УставотФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Службата за заштита на Уставот стравува дека заедничката непријателска слика за Израел ги вади на површина старите, но создава и нови врски меѓу некои од овие актери, што може да доведе до посилна соработка во поединечни случаи во иднина. Затоа Германија презема засилени мерки против антиизраелските и антисемитските хушкања од почетокот на војната на Блискиот Исток - вклучително и забрани за активности и здруженија. Од ова, меѓу другото, се погодени самиот Хамас и мрежата Самидун.

Лажните вести како акцелератор

Дигиталната поплава од слики на социјалните медиуми, често споени со лажни вести, придонесува за „емоционализација“ и може да делува како фактор на радикализација, се вели во анализата. Ситуацијата ја влошуваат државните актери во странство кои настојуваат да го искористат или зајакнат ова расположение за своја корист. Наодите на Службата за заштита на Уставот соодветствуваат со оценките што беа слушнати на дводневната конференција на Сојузната криминалистичка служба (БКА).

Шефот на Службата за заштита на Уставот, Томас Халденванг, смета дека е можна натамошна ескалација: „Долго време ја набљудуваме декларираната желба на исламистите да извршат напади на Запад, и јас постојано нагласувам во Германија секој ден може да се изврши исламистички напад.“

Германија Хаген | полиција пред синагога
Заштита на еврејски објекти (фото: полиција пред синагога во Хаген)Фотографија: Markus Klümper/Sauerlandreporter/dpa/picture alliance

Шефот на Службата за заштита на Уставот предупредува од радикализација

Нов момент носи војната на Блискиот Исток:  во џихадистичкиот спектар има повици за атентати. Оваа закана наидува на плодна почва кај многу емотивните луѓе кои се инспирирани од предизвикувачки настани. „Ова може да доведе до радикализација на сторителите кои дејствуваат сами, кои напаѓаат 'меки цели' со едноставни средства. Опасноста е реална и голема како што одамна не била“, нагласува Томас Халденванг.

Досега, во Германија имаше делумно насилни демонстрации на солидарност со палестинскиот народ и антиизраелски слогани. Службата за заштита на Уставот забележува и зголемен антисемитизам на социјалните мрежи. Според БфВ, муслиманите и Палестинците првенствено се прикажани како жртви на Западот.

Пораки на омраза на пропалестински демонстрации

Во исто време, се нагласува дека мнозинството пропалестински демонстранти не се екстремисти. Сепак, пораките на омраза поминаа без контраодговор, што понекогаш доведува до тоа собирите да се емоционализираат, радикализираат и ескалираат.

Германија Берлин | Рација поврзана со забраната на Хамас и Самидун
Рација поврзана со забраната на Хамас и Самидун во ГерманијаФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Во меѓувреме, десноекстремната сцена во Германија ја користи војната на Блискиот Исток за да агитира против муслиманите и мигрантите. Од друга страна, левичарскиот екстремистички табор е поделен: автономната сцена претежно застапува произраелските позиции, антиимперијалистичкото милје и милјето ориентирани кон насилство речиси исклучиво ги застапува пропалестинските позиции.

Засилена заштита на еврејските и израелските објекти

Безбедносните власти се занимаваат со сите фактори на радикализација и можни сценарија, нагласува претседателот на БфВ, Томас Халденванг. „Со големо темпо работиме на пресретнување на потенцијални планови против безбедноста на Евреите, израелските објекти, но и големи манифестации.“

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски