1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Труење со гас: Војниците на АРМ не се во опасност

ДТЗ
17 август 2023

Осуммина војници се пожалиле на труење со јаглерод моноксид додека црпеле вода од поплавен подрум. Македонските војници превентивно биле испитани, како дел од групата. Тие се чувствуваат добро.

https://p.dw.com/p/4VGbM
Словенија поплави
Војници затруени со гас во Словенија, припадниците на АРМ не се во опасностФотографија: Fedja Grulovic/REUTERS

Осуммина војници се пожалиле на труење со јаглерод моноксид додека црпеле вода од подрумот на културниот центар во Чрна на Корошка, погоден од минатонеделните поплави во Словенија.  Главниот медицински офицер на словенечката армија, Роберт Карот, преку соопштение за медиумите објави дека на гасот биле изложени 32 лица, од кои 18 припадници на македонската армија, осум пожарникари и шест припадници на словенечката армија.

Превентивни испитувања

Од македонската Армија за ДВ велат дека македонските војници превентивно биле испитани, како дел од групата. Тие во текот на ноќта ги поминале тестовите, по што е утврдено дека немаат последици од гасот. Веќе во текот на денот се очекува тие да се вратат на редовните обврски коишто ги имаат .

„Двајца македонски работници биле ангажирани во групата која се пожалила на знаци од труење од јаглерод моноксид. Тие се однесени превентивно на испитување рано утрово, по што во 4 часот изутрината се вратени во сместувачкиот капацитет без последици. Немаат никакви последици и ќе продолжат со активностите“, вели за ДВ, Тони Јаневски, портпарол на АРМ. 

Информацијата ја потврдија и од Министерството за одбрана. Тие соопштија дека македонските војници во Словенија се во добра здравствена состојба. „По испитувањата утврдено е дека се добро и во текот на утринските часови вратени се во сместувачките капацитети каде денеска ќе одмараат. Благодарност до словенечките пријатели за брзата реакција“, порачаа од министерството.

Итна помош

И словенечките медиуми наведуваат дека сите војници изложени на гасот биле прегледани и третирани на лице место. Карот информира дека сите се надвор од животна опасност, а во исто време во болниците на понатамошно лекување како превентивна мерка се испратени пет припадници на словенечката војска, двајца припадници на македонската армија и еден пожарникар. Како што јави РТВ Словенија, тие со хеликоптер биле пренесени во Словењ Градец, Марибор и Тополшица.

Во вечерните часови здравствената состојба на уште двајца пожарникари се влошила, кои со возило на Брза помош биле пренесени во болница.

По катастрофалното невреме и големите поплави во Словенија, Северна Македонија испрати контингент од 100 војници и опрема како помош за санирање на последиците од поплавите.