1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредна состојба во Хаити

ЕМФ | агенции
4 март 2024

Владата на Хаити прогласи вонредна состојба и воведе полициски час. Мерките се одговор на ослободувањето на илјадници криминалци од затворите. Неколку банди заеднички извршија напад на двата најголеми затвора во земјата.

https://p.dw.com/p/4d86V
Порт-о-Пренс немири затвор
Уништен автомобил пред влезот на националниот затвор во Порт-о-ПренсФотографија: Odelyn Joseph/AP/picture alliance

Поради ескалацијата на насилството на бандите на Хаити, владата прогласи вонредна состојба и воведе ноќен полициски час во главниот град Порт-о-Пренс. Вонредната состојба првично треба да важи 72 часа и може да биде продолжена. Полицискиот час стапи на сила во неделата навечер и треба да трае до среда во периодот од 18 часот до 5 часот наутро.

Владата го презеде чекорот како одговор на „нападите на вооружените банди врз двата најголеми затвора во земјата“. Илјадници затвореници избегаа во саботата навечер (2.03), а најмалку десетина луѓе беа убиени. Според „Мајами Хералд“, криминалците го подготвиле нападот користејќи дронови за да добијат информации за движењата на затворските чувари и да го одредат најдоброто време за напад.

Избегаа повеќе од 3.000 криминалци

Шефот на националната мрежа за одбрана на човековите права, Пјер Есперанс, изјави дека пред нападот, во националниот затвор во главниот град биле држени околу 3.800 затвореници, меѓу другото и поради киднапирања и убиства. Во неделата во затворот останале само околу стотина. Таму беа затворени и неколку водачи на банди, а беа сместени и колумбиски државјани кои се сметаат за осомничени во врска со атентатот на поранешниот претседател на Хаити, Жовенел Моиз во 2021 година.

Здружени банди

Последните напади се чини дека се дел од координирана акција на криминалните банди кои се здружија под името „Живееме заедно“. Насилството започнало во четвртокот. Моќниот водач на банда Џими „Барбекју“ Шерисје во видео објавено на интернет изјави дека заедничките акции на ривалските вооружени групи биле насочени кон оставка на премиерот Ариел Анри.

Порт-о-Пренс протести
Демонстрант со знаме на Хаити за време на протест против премиерот Ариел Анри во Порт-о-Пренс, 1 март 2024 годинаФотографија: Ralph Tedy Erol/REUTERS

Ескалација на насилството од бандите

Насилството на бандите во Хаити неодамна повторно ескалираше откако Анри беше во Кенија на разговори за меѓународна полициска операција. По неколкумесечни преговори и правно натегање, претставниците на двете земји во петокот потпишаа соодветен договор. Кениската влада, според договорот, сака да испрати 1.000 полицајци во сиромашната карипска земја. За време на отсуството на шефот на владата, криминалните банди во делови од главниот град на Хаити со оружје го парализираа јавниот живот. Истрели, меѓу другото, имаше и на меѓународниот аеродром. Според владините извештаи, загинале неколку полицајци.

Порт-о-Пренс протести
Демонстрант со знаме на Хаити за време на протест против премиерот Ариел Анри во Порт-о-Пренс, 1 март 2024 годинаФотографија: Ralph Tedy Erol/REUTERS

Хаити со години е во сериозна криза, за што придонесува не само насилството од бандите, туку и политичката нестабилност и економските тешкотии. Според ОН, во јануари на Хаити биле убиени, повредени или киднапирани повеќе од 1.100 луѓе. Според проценките на ОН, бандите контролираат околу 80 отсто од главниот град Порт-о-Пренс и сѐ повеќе го прошируваат своето влијание во другите делови на земјата. Насилството ја влошува несигурната ситуација со снабдувањето - според Обединетите нации, речиси половина од единаесет милиони жители на Хаити страдаат од акутен глад.