Минатата недела, во наплив на искреност, господин Мендух Тачи ја даде – за мене барем – бисер изјавата на годината. Одговарајќи дали ќе се огласи на поканата на Билал Касами за средба на албанските политички партии, Тачи оцени дека „во политиката, будалите понекогаш се поопасни од предавниците”. Пацката беше вперена кон Касами во улога на будалиот. Остана дилемата – кои се предавниците? Тачи секако себеси не се смета за будала, така што имплицира дека се смета за предавник, онака како што пред неколку години го сметаше Зијадин Села. Неговата оценка можеби е со цел да ја ублажи коалицијата со Арбен Таравари, „Турчинот” како што Мендух љуби да го именува. Попрво ќе е дека Тачи всушност сакал уште еднаш да му се додвори на Ахмети, во обид да ја санитаризира неговата затемнета ѕвезда која токму Тачи напати ја именуваше како - предавничка.
Линијата на Тачи за поделба меѓу будали и предавници е секако неполитички коректна, како и секоја друга искрено кажана оценка дадена без филтри и кочници. Во земја во која одамна односите помеѓу партиите се дефинираат како „политичка сцена”, поделбата на будали и предавници е коректна супституција за некогашната „политичка арена” на која силите ги мереа гладијатори, лавови, орли во очекување на угоре-удоле истакнатиот палец од некое императорско Кале. Некогашната арена, сега сведена на комична сцена, е соодветен приказ за шибицарските политики на ликови чии подвизи и порази се дефинираат низ итромански погледи и неискажани прекори „ако си будала па веруваш на предавник”.
Линија на дистанцирање
Изјавата е и умесен шлагворт во тековните односи меѓу партиите и особено во партиите низ кои е повлечена борбената линија помеѓу будалите и предавниците. Првично исцртана во ВМРО-ДПМНЕ како прва од која се бараше јавно и јасно дистанцирање од поранешниот лидер Никола Груевски од страна на неговите наследници. Таа линија се продолжи понатаму кон СДСМ преку потребата за дистанцирање од поранешниот лидер Зоран Заев од страна на неговите наследници. Сега, истата линија се исцртува во ДУИ, но за разлика од првите две партии, во кампот на интегристите се одвива во спротивен правец – оној на борба за спас на лидерот и тековни функционери преку отфрлање на поранешни компромитирани функционери или непослушни фракции. Паралелно со таа линија се протега и истата линија на компромитирање на правосудството преку местење на послушни обвинители за еднократна употреба од интерес на определена партија – некогаш Зврлевски, некогаш Јанева, Фетаи, Русковска и денес со Абази. Како и секогаш досега, оние кои денес свесно и при здрави очи го одмолчуваат или санитаризираат срамното во изборот на Абази, сосема наскоро ќе бидат првите кои ќе вреснат „предавство!” штом насетат дека не се вметнати во профитните калкулации на новиот, ист како стариот, Јавен обвинител.
-Повеќе од авторот: Жешкиот компир на Анџела Агелер
Во сенка на таа сценска поделба помеѓу будали за курбан и предавници за спас на кожата се одвиваат некои далекусежно поболни процеси чии реперкусии подоцна ќе ги осетиме. Шпекулациите за влезот на Таравари во коалиција со Ковачевски и Ахмети ја вивна во воздух дебатата за реалната претставителност во извршната власт. Најавата дека тоа ќе се случи на сметка на СДСМ, Алтернатива и по цена на етно-македонска миноризација низ етно-албанска мајоризација со право ја растревожија македонската и ја замислија албанската заедница. Прескапо е за да се самозалажуваме: таквата поделба на ресори не може ниту да се протне, ниту да се прифати како граѓански концепт, туку народски кажано како безобзирно дрско мајтапење со истиот. Притоа, безвредни се забелешките од ВМРО- ДПМНЕ, партијата на духот на Република Македонска изнедрена од гнојните души на Груевски и неговите следбеници. Нивните аргументи против мајоризација се само аргумент во полза на таквата мајоризација, скроена во ист циничен дух, но од „албанска” страна.
Нашиот политички и медиумски мејнстрим сеуште комотно и самозадоволно живее на малото опустошено островче опкружено со океан на седлабински бурни негодувања за начинот на манипулацијата со етничкото претставништво во извршната и законодавна власт. Од таа насилно наметната апатија на политичка коректност неминовно ќе се родат екстремни реакции. Кои единствено може да се спречат со радикално отворање и пресретнување на екстремизацијата на етничките претставувања изродени од лажната политичка коректност, банализацијата на граѓанскиот концепт и конечно – манипулацијата на организираниот криминал со и тоа малку преостанатото од претставничката демократија.
Македонската страна гласно, јасно, гневно и воглавно оправдано негативно реагира кон можноста нејзиното етничко претставништво во владата да биде миноризирано како низ бројот на „албански” министерства, така и низ оние од влашко, српско, црногорско, турско, бошњачко потекло. Албанската страна не толку гласно, но сепак совесно се запрашува како тие би реагирале кога сличното би се случило не во Албанија, Косово, туку во Тетово или Чаир. Особено кога тоа – смислено цинично или случајно миопично – се врши во име, изговор или под назнака „албански” но во полза на селектирани албанофонски претставници од турско, торбешко, бошњачко потекло, вклучително со изразена реафирмација на третата генерација на „чесните Албанци” од удбашки тетратки. Длабоко вградениот механизам за сакрализација на граѓанството како епитом на чесноста и искреноста ќе реагира со скандализација од наведеното. Но реалноста сепак алармантно укажува дека финалниот епилог од таа дрска и свирепа манипулација со граѓанството на сметка на етничкото ќе биде повод за нов турнус на меѓуетничка омраза, сомнежи и нетрпеливост меѓу општествата. Кои притоа не ни биле прашани или почитувани во кроењето на таквата апсурдна состојба. Дотолку повеќе што од таа акшам-пазар пресметка помеѓу будалите и предавниците во македонофонските и албанофонските партии, цената на жртвата ќе ја платат токму Македонците и Албанците.
-Повеќе од авторот: Потребен ни е нов хумор
Сетики допрво ќе треба да ја повториме ненаучената лекција од комунизмот на „другарите" – дека и граѓанскиот екстремизам не е воопшто помалку деструктивен од етничкиот екстремизам. Во име на таа манипулација шизофренично се инсистира под плаштот на секакви изговори да ни се наметнува напати и напати пак истата драмолетка со гарантирано несреќен крај. Не научивме ништо од договорната економија. Напротив. Ја надградивме во договорна демократија. Ја надградивме со договорни реформи. Со договорни евроинтеграции. Со договорно судство. Со договорни медиуми. И на крај со договорен граѓански концепт лишен од граѓанство. Со иста разорна траекторија која се провлекува низ сите децении на независност, сите концепти, сите институции на единствената фунцкионална институција на договор: договорниот организиран криминал и корупција.
Партиски фракции
И тоа не враќа на почетната причина за бунтот против Груевски, против Црвенковски претходно, против Георгиевски претходно, против комунизмот иницијално. Часот во кој и најсветите аргументи на политичкото и етничкото претставништво се киднапираат од страна на организираниот криминал контролиран од СДСМ, ВМРО, ДУИ и сателитските партии. Ковачевски е само последниот во низата, но дополнително пожален од сите бидејќи тоа го прави во име на веќе девалвираниот граѓански концепт, но во полза, под сенка и команда на испаничениот Ахмети. Потклекнувањето на Ковачевски пред празната пушка на Ахмети би било разбирливо доколку таквиот потез на слабост барем ќе обезбедеше некаков опиплив бенефит на негова сметка или барем на онаа на ДУИ, како иден предизборен коалиционен партнер. Она што Ковачевски не сака да го согледа е дека Ахмети е веќе само предводник на една од двете фракции во сопствената партија, независно од тоа кој се наоѓа на чело на другата. И како таков, тој повеќе наликува на самиот Ковачевски и неговите СДСМ фракции кои прецизно ја препознаа слабоста искажана пред Ахмети. Од две внатрешно фракционирани партии може да се обезбеди кусотрајно парламентарно мнозинство. Но по цена на долгорочно незапирлива ерозија на гласачите кои не се препознаваат ниту во компромитираниот граѓански концепт на ДУИ, ниту во мимикријата на борба против криминал-корупција, ниту во понудата која ги одразува реалните или сентименталните побуди на најголемите етнички заедници во земјата. Доволно е да се потсетиме какви ставови застапуваа Ахмети и Таравари минатиот ноември за да утврдиме дека – какви и да се пресметките денес – состојбите во март /април 2023 ќе бидат дијаметрално спротивни од тековните замисли и интереси на СДСМ или ДУИ.
-Повеќе од авторот: Несветиот пакт на есктремистите и умерените против радикалите
Македонија се спрема за избори. Судејќи по традиционално препознатливите нишани за распоред на награди и казни. Како што е корумпирањето на медиумите, изборот на послушни обвинители и обидите на Зеколи да искамчи уште еден амбасадорски мандат. Во тоа име и согласно налозите одгоре, Македонија се акомодира и кон веќе видените сценарија во Албанија низ саботирањето на опозицијата во полза на корумпираната власт и во Косово низ саботирањето на реформската влада во полза на корумпираната опозиција. Истото не очекува и нас, со поинакви зачини, но со исто чувство на џвакање на празен стомак. За очекување е дека гладот на плебсот за казнување на олигарсите и криминалците ќе биде намирен преку фрлање во нивни челусти на ислужени политичари за спас на тековните криминогени и корумпирани денешни, активни функционери и партиски лидери. Па некаде, здравје божје, после десетина години ќе читаме за денешните функционери и лидери уапсени за некои минати криминали. Наследени од друга генерација на предавници кои ќе завршат како будали, предадени од новата генерација предавници со судбина да бидат следни будали фрлени на буниште од други предавници пред да созреат во будали и завршат во канџите на предавниците... Паметните заситени од чекање веќе разбраа и избраа: Vita brevis, Tempus fugit, Carpe Passport.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.