За една воена вежба и опасната зависност од Русија и Кина
1 септември 2022На руските воени вежби „Восток 2022“, на истокот на Русија, како и во 2018 година учествува и Кина, овојпат дури со сите три делови од воените сили - копнени, воздушни и поморски. Тоа покажува јасно: воената соработка помеѓу Русија и Кина се интензивира. Со оглед на руската инвазија на Украина, за Владимир Путин ова е важен сигнал дека и покрај бруталната војна не е целосно глобално-политички изолиран. Овојпат на маневрите учествува дури и Индија. Сето тоа се предвесници на нов светски поредок кој полека се формира.
Двете автократии Русија и Кина ги поврзува заедничкиот геополитички интерес за смена на актуелниот светски поредок, во кој сѐ уште доминација имаат САД. Особено Народна Република Кина, според плановите на Ши Џинпинг за периодот до 2049, сака на стогодишнината од нејзиното основање да дојде до позиција на неприкосновена светска сила. Путин, од своја страна, пак, сака повторно да ги потчини териториите кои биле дел од некогашното Руско царство во Европа.
Геостратешки паралели
Притоа двете автократии се надополнуваат во военото предизвикување на САД без притоа меѓусебно да се попречуваат. Руската армија ги предизвикува САД и НАТО на западот на евроазискиот дел пред сѐ на копно. Кина, пак, ја надградува својата флота во Пацификот, меѓу другото и со својот трет носач на авиони, кој е прв што е произведен самостојно. Притоа, Кина е супериорна во однос на Русија речиси во секој поглед уште од почетокот на новиот милениум. Единствен исклучок е руската нуклеарна сила. Кина има два милиона војници наспроти Русија која има еден милион.
Кина веќе сега има најголем брутодомашен производ на светот, додека Русија има само една седмина од тоа, отприлика колку и Италија. Технолошки Кина во многу индустриски области е веќе на нивото на Западот, додека Русија зависи претежно од користењето на своите природни ресурси. Нејзиниот гасот веќе сега се продава во многу помали количества во Европа. Руската нафта, пак, во Кина и Индија се продава само во количества кои ги покриваат производните трошоци.
Кина, за разлика од Индија, сѐ повеќе сака да го уредува светскиот поредок според сопствените национални интереси. Тоа го покажува со сѐ поагресивната политика во Јужното и Источнокинеското море. Ши Џинпинг сѐ поотворено става до знаење дека се стреми кон анексија на Тајван. За идната политика на Кина е клучно колку робустно Западот ќе може да ја сузбие руската агресија во Украина. Пекинг тоа го следи со големо внимание во контекст на своите стремежи кон Тајван.
Последици за САД, Европа и Украина
Со оглед на толку нееднаквите ресурси на моќ на Кина во однос на Русија, САД геостратешки одамна се концентрираат пред сѐ на предизвикот со име Кина. Уште во времето на Барак Обама фокусот беше на Азија и тоа има последици и денес во војната во Украина. САД, со оглед на сѐ полошите кинеско-американски релации, при евентуална ескалација на конфликт со Кина, сакаат да располагаат со сите ресурси, па така Украина на воен план ја поддржуваат толку колку да се докаже против Русија, но притоа САД да не бидат премногу воено инволвирани. САД од Европа со право очекуваат да се опреми воено значително повеќе, за да се штити самата и САД да може да се ограничат на одржување на нуклеарниот штит за Европа.
Во таа смисла, кинеско-руското зближување непосредно ја тангира Европа и Германија. Пред сѐ Германија, за чиишто компании Кина е еден од најважните пазари, како и лиферант на суровини и полуфабрикати, треба да внимава на тоа германските компании да не влегуваат во зависности заради краткорочни интереси за профит. Тоа беше драматичната грешка која се направи во однос на Русија. Сега таква опасност постои за суровината графит која се користи за батерии и се добива од Кина. Трговијата со стратешки суровини е само „прашање на економијата“ и не доведува до политички промени - тоа се две погрешни претпоставки на германска политика спрема Русија која се водеше со години и е промашена.
Да се намали зависноста
Поради тоа, ќе биде важно во однос на политиката кон Кина значително да се намали зависноста на германските компании од тамошниот пазар за пласман и суровини. Но, тоа претпоставува германските влади да не се претвораат во извршители на кусогледите компаниски интереси и криците на нивните лоби-групи за загрозувањето на Германија како место за бизнис. Токму тоа доведе до фаталната енергетско-политичка зависност од Русија.
Д-р Јерг Химелрајх е професор на Париската бизнис школа (ЕСЦП) во Берлин. Тој уште во 2007 година, во текст во магазинот „Меѓународна политика“ на Германското здружение за надворешна политика, предупреди од постапките на Владимир Путин.