1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мнозинството Германци против затворање на нуклеарките

ЖА / агенции
15 април 2023

Германија денеска прави историски чекор и ги исклучува своите последни три атомски централи по 60 години користење атомска енергија. Мнозинство од Германците ова го сметаат за грешка во време на енергетска криза.

https://p.dw.com/p/4Q5fs
Атомската централа Емсланд во Линген, Германија
Атомската централа Емсланд во Линген, ГерманијаФотографија: Ina Fassbender/AFP

Поголем дел од Германците не се согласуваат со денешното планирано затворање на преостанатите три нуклеарни централи во земјата. Повеќе од половината (59 проценти) одлуката на политиката ја сметаат за погрешна, а само една третина (34 проценти) за правилна, покажува најновото репрезентативно истражување на јавното мислење АРД-Дојчландтренд, спроведено од институтот Инфратест Димап, за Утринскиот магазин на германскиот јавен сервис.

Согласноста за прекин на работата на атомските централи преовладува единствено кај испитаниците во возрасната група од 18 до 34 години (59 со 39 проценти), додека кај средовечните и постарите луѓе превагнува негативен став.

Владиниот чекор различно се толкува и во рамките на политичкиот спектар: додека приврзаниците на Зелените го одобруваат со големо мнозинство (83 проценти), а оние на СПД нешто над половината (56 проценти), симпатизерите на партиите од Унијата (ЦДУ/ЦСУ) се на другата страна – 83 проценти се решително против, исто како и оние на АфД (81 процент), во мнозинство се против и приврзаниците на ФДП (65 проценти).

Атомската централа Исар 2 во Баварија, Германија
Атомската централа Исар 2 во БаваријаФотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Денеска ќе бидат дефинитивно исклучени од погон трите преостанати атомски централи во Германија – Исар 2 во Баварија, Емсланд во Долна Саксонија и Некарвестхајм 2 во покраината Баден-Виртемберг.

Тоа беше предвидено всушност уште за крајот на минатата година, но поради руската инвазија врз Украина и енергетската криза предизвикана од неа, германската владина коалиција реши да го продолжи работниот век на трите нуклеарки уште преку зимата.

Енергијата од атомските централи постојано е предмет на општествени и политички дебати во земјата, во кои нејзините заговорници и огорчени противници посегнуваат по различни аргументи за нејзината оправданост и еколошките опасности кои ги носи. Дури и ден пред конечното затворање, Унијата повторно решително се спротивстави.  

„Утре е лош ден, утре е црн ден за Германија“, изјави вчера претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек од Зелените меѓутоа нагласува дека Германија не треба да стравува за енергетската безбедност, таа ќе биде сигурна и по исклучувањето на последните три атомски централи, а во иднина акцентот се префрла на масивна изградба на обновливи енергии.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема