1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забранета љубов во исламот

АРД
22 јули 2023

Повеќето муслимани во Германија ја отфрлаат сексуалната различност. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето со кои располагаат новинарите на „Репорт Мајнц“.

https://p.dw.com/p/4S1iq
Постер за проектот „Квир муслимани“
Постер за проектот „Квир муслимани“ (архивска фотографија)Фотографија: facebook.com/thequeermuslimproject

Квир-луѓето од муслиманската заедница често ја изразуваат својата сексуална ориентација само во тајност. Во спротивно, тие се соочуваат со непријателство и изолација.

Така е и со студент со турски корени, кој не сака да се објави неговото вистинско име, поради што во текстот го нарековме Кемал. Тој израснал во муслиманско семејство. Кога им кажал на своите родители што чувствува, мајка му прво ја загубила довербата во верата.„Таа го праша Алах: зошто токму нејзиниот син? И зарем не ми е јасно дека со тоа го извалкав целото семејство“, вели Кемал. Секаде се чувствувал неприфатено, па дури и размислувал за самоубиство, како што признал во интервју за ТВ-магазинот Репорт Мајнц. На крајот, тој ја отфрлил својата религија - и сега може отворено да ја живее својата хомосексуалност.

Грев и отфрлање меѓу муслиманите

За оние кои се засегнати, многу е тешко да се помират религијата и хомосексуалноста. Муслиманка со алевитско потекло за АРД вели: „Ако отворено декларирање на мојата сексуалност значи дека ќе бидам исфрлена од мојата верска заедница, тогаш како религиозна личност нема да го сторам тоа“. Многу муслимани, повикувајќи се на Куранот, сметаат дека хомосексуалноста и транссексуалноста се гревови. Тоа може да се види и од досега необјавените резултати од истражувањето како дел од проектот „Радикален ислам - радикален антиислам“ (РИРА). Минатата година, 2.500 луѓе ширум Германија беа прашани за мислење за хомосексуалноста и трансродноста - истото прашање беше поставено и на уште 600 муслиманки и муслимани. 

ЛГБТ
За 71 процент од муслиманите кои учествувале во истражувањето, транссексуалноста е „нешто одвратно“Фотографија: lev dolgachov/Zoonar/picture alliance

Според податоците достапни исклучиво за Репорт Мајнц, 43 отсто од општата популација се согласува со изјавата: „Одвратно ми е кога хомосексуалците се бакнуваат во јавност“. Кај муслиманите тој удел е 65 отсто. Изјавата „Транссексуалноста е нешто сосема нормално“ ја отфрлаат 49 отсто од општата популација и 71 отсто од анкетираните муслимани. Во интервју за Репорт Мајнц, социологот за религија Герт Пикел ги припишува ваквите истражувачки резултати, меѓу другото, и на фактот дека муслиманите често ја практикуваат својата религија подогматски од христијаните.

 „Точно е дека и муслиманите во Германија се менуваат, како резултат на нивната околина, и стануваат поотворени. Истовремено, забележувате дека многу тешко излегуваат на крај со групи како што се трансродни и интерсексуални лица и хомосексуалците. За многумина ова е необичен терен, на кој не се навикнати“, вели Пикел.

Исламистичките инфлуенсери против сексуалната различност

Резервираноста кон ЛГБТ+ заедницата е поттикната и од радикалните инфлуенсери кои агитираат против ЛГБТКИ+ движењето на интернет. На пример, групата „Muslim interactive“, која само на ТикТок има 90.000 следбеници, пишува: „Сепак, мора да се каже една работа [...] дека животот на ЛГБТК луѓето во исламот не е и никогаш нема да биде дозволен. Правилата на исламот не подлежат на либерализам, ништо нема да ги промени законите на Алах“. 

Ѓулден Хенеман, која го предводи Одделот за борба против екстремизмот во баварскиот затвор, за Репорт Мајнц изјави: „Секој што дава такви изјави, со или без насилство, е јасно против нашиот слободарско-демократски поредок и во никој случај не се вклопува во нашето општество“.

 

„Јас сум транс и муслиман“