1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Таткото на Европа кој се обиде да ја спаси Југославија

29 декември 2023

Жак Делор застапуваше вредности кои денешните лидери од ЕУ ги имаат подзаборавено, особено кога ќе стане збор за Македонија и за Западен Балкан. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4aga1
Поранешниот претседател на ЕК, Жак Делор почина на 27 декември, 2023 година
Поранешниот претседател на ЕК, Жак Делор почина на 27 декември, 2023 годинаФотографија: Lehtikuva Oy koi/dpa/picture-alliance

Жак Делор беше повеќе од само татко на заедничкиот европски пазар и на заедничката валута, политичарот кој даде огромен придонес за обединувањето на Европа. Делор беше и татко на Западот, сфатен како збир на вредности за слободата, либерализмот, социјалната правда и солидарноста, односно, сите оние карактеристики на прогресивното западно општество кои денес се повеќе се еродираат и забораваат од краткогледите политичари и европски бирократи.

Како вистински Европеец, социјалист и католик, беше еден од ретките државници кој ќе разбере дека европскиот и западен општествен модел е пред се една етичка парадигма, базирана на помирување со историјата. Почнувајќи од француско-германското помирување, па се до помирувањето помеѓу Истокот и Западот, после крајот на Студената војна. Помирување помеѓу класите, помеѓу лаиците и верниците, помеѓу социјалистите и народњаците.

Делор беше помирувачка сила, затоа што знаеше дека компромисите се создаваат не преку концесии, туку преку меѓусебно разбирање и почитување. Тоа се вредности кои денешните државници и лидери од ЕУ ги имаат подзаборавено, особено кога ќе стане збор за Македонија и за Западниот Балкан, зафатени во една политика базирана на омраза, страв и предрасуди, која го загрозува и континентот и заедничката демократија.

Клучна улога во повторното обединување на Германија

Делор ќе одигра клучна улога во историското обединување на Германија. Во 1990-та, кратко после падот на Берлинскиот ѕид, Франција, Италија и В. Британија ќе гледаат со недоверба и резерва кон германското обединување. Тачер, Митеран и Андреоти, уплашени од можноста ќе веслаат против обединување. Единствено Делор, во тоа време претседател на Европската Комисија, ќе знае да го зграпчи значењето на моментот, тој револуциски дух кој постои и од веднаш со германскиот канцелар ќе се заложи за реунификација на поделена Германија. „Европа има потреба од душа“, ќе биде неговата порака - до ден денес неразбрана и неисполнета.

Делор е тој што ќе изигра клучна улога во посредништвото помеѓу Кол и Митеран по што ќе се постават основите за економската и монетарна унија која доведе до воведување на еврото. Со цел да ги релаксира европските партнери, обединета Германија ќе прифати да се откаже од германската марка и монетарниот суверенитет, нераскинливо врзувајќи ја на тој начин сопствената судбина со онаа од остатокот од Европа. Само одбивањето и противењето на Митеран ќе ги осуети плановите за креирање на вистинска политичка Унија, инаку протежирана од Кол и Делор, покрај заедничката економска Унија. 

Жак Делор (во средина, во преден план) - архивска фотографија
Жак Делор (во средина, во преден план) - архивска фотографија Фотографија: Lehtikuva/dpa/picture alliance

Во неговите 10 години раководење со Европската Комисија, од 1985 до 1995 година, Европа ќе го направи својот најголем скок напред. Во 1986-та, штотуку номиниран, Европската заедница ќе се прошири со Шпанија и Португалија. Во 1995-та, кога ќе ја напушти Комисијата, влегуваат и Австрија, Шведска и Финска. Половина година по преземањето на должноста, во јануари 1985 година Жак Делор ќе ја објави „Белата книга за довршување на заедничкиот пазар“, прогресивно уривајќи ги протекционистичките бариери. Политиката на конкурентност драстично ќе ја намали праксата на државна помош, приморувајќи ја индустријата да излезе од зависноста и заштитата на политиката. Договорот од Мастрихт ќе ги постави основите за заедничка монета и за координација на буџетските политики. Договорот од Шенген ќе го одбележи надминувањето на внатрешните граници. Како противник на Тачер и Џон Мејџор и нивните неолиберални политики, Делор ќе успее да ја наметне идејата за „социјална Европа“, поставувајќи минимални стандарди во работните односи.

Обид да се спречи распадот на  Југославија

Делор е важен и за нашиот регион и се обиде да одигра клучна спасувачка улога, иако задоцнета, во спречување на распадот на Југославија. Како што ќе изјави по повод 15 годишнината од распадот на Југославија, во 2007 година, нашиот поранешен претседател Киро Глигоров, да не беа суетите и личните амбиции на лидерите на Србија и Хрватска, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, војната ќе можеше да биде избегната.

Во мај 1991, пред самото растурање на Југославија, во последен обид да не дојде до војна помеѓу шесте републики, во Белград ќе дојде „Европската тројка“ предводена од Делор, Ханс ван ден Брук, министер за надворешни на Холандија, и Жак Сантер, како претставник на претседавачката земја Луксембург. Во таа околност ќе ги соберат сите претседатели на републиките и ќе им го претстават следниот план. 

Жак Делор ќе изнесе предлог кој веќе бил усогласен и прифатен на министерскиот совет на ЕЗ. Прво, со политичка одлука Југославија веднаш да биде примена во ЕЗ. И второ, со цел да успејат реформите на Анте Марковиќ, од буџетот на ЕЗ да и се доделат на Југославија 5,5 милијарди долари. Се разбира, планот ќе биде одбиен пред се од Србија и Хрватска, донекаде и Словенија, а потоа знаеме како се одвиваше трагичниот и крвав епилог на Југославија.

Нема да навлагам во понатамошните толкувања околу искреноста или изводливоста на овој план. Во тие историски моменти во Југославија работите се од поодамна излезени од контрола и ниедна страна нема ниту волја, ниту доволно моќ, камоли реформски капацитет за мирно да се изведе транзицијата на Југославија кон ЕУ, било како федерација или лабава конфедерација. Белград нема да го разбере историскиот момент и значењето на „падот на Sидот“ во своите унитарни и големодржавнички напори, Хрватска и Словенија ќе се определат прво за независност, а потоа ЕУ, додека Југославија како целина предолго ќе доцни во својата економска и демократска трансформација за да може да излезе од патот на својата трагична судбина.

Огромно наследство кон Европа

Потоа ќе настапи доминацијата на Хелмут Кол и неговиот императив за правото на самоопределување. Откако здружените европски напори за решавање на кризата нема да произведат никаков резултат, на 23-ти декември 1991, Германија ќе го направи одлучувачкиот чекор и ќе го пресече гордиевиот јазол, признавајќи ја независноста на Словенија и Хрватска. Истата одлука, во јануари 1992 ќе ја донесат и останатите членки на тогашната, Европска заедница. Останатото е историја полна митови и неприфаќање на одговорности.

Наследството или оставштвината на Делор кон Европа е огромно. Можеме да ја сублимираме во неговиот заклучок: Европа за да биде победничка, мора да има три карактеристики. Да има стимулирачка конкуренција, солидарност која обединува и соработка која зајакнува. Еден од проблемите на денешна Европа лежи токму во неодржувањето на овие три столба, каде секој повеќе оди по својот пат, наместо по заедничкиот.

Жак Делор (прв од десно)- архивска фотографија од 1992 година
Жак Делор (прв од десно)- архивска фотографија од 1992 годинаФотографија: picture-alliance/ dpa

Делор кога го создава заедничкиот пазар, ги создава и кохезивните и структурните европски фондови, затоа што бил свесен дека не може да постои пазар без борба против генерациските и географските нееднаквости. Таа солидарна интуиција на Делор денес е поважна од кога било порано, особено во поглед на идните проширувања кои не тангираат и нас самите. Затоа и ќе се залага за Европа како федерација на држави-нации. Федерација во која не смее да изостане принципот на лична одговорност, принцип кој треба да важи и за државите и државниците, нешто што очајно недостасува во „европското“ разбирање на нештата кај нашите политичари при соочување со криминалното владеење и неопходните, а неостварени реформски процеси.

По Жан Моне и Хелмут Кол си замина и Жак Делор, последниот „почесен граѓанин на Европа“, признание кое му беше доделено во 2015-та.

Кој ли денес да го пополни неговото место?!

И кој ли денес и понатаму ја сонува Европа на Делор?