Министерството за здравство не ги лекува пациентите. Пациентите ги лекуваат квалитетно и современо едуцирани доктори, кои користат нова, модерна медицинска опрема сместена во модерни болнички капацитети. На лекарите во овој нивни најхуман поход им помага превенцијата и современата терапија. Ова звучи многу убаво и лесно, но за жал сето ова има една заедничка детерминанта - пари. Од тоа колку пари ќе се вложат во кадарот, опремата, здравствената инфраструктура, превенцијата и набавка на современа терапија, зависи колку ќе биде квалитетен здравствениот систем.
Направив детална анализа на буџетите на Министерството за здравство во минатото и сега. Анализата ја направив врз основа на официјалните објавени податоци од Министерството за финансии. Во оваа длабинска анализа ги анализирав четирите најважни параметри: инфраструктурата, опремата, кадарот и превентивната здравствена заштита.
Ова се фактите:
Капиталните инвестиции во 2013 година изнесувале 41 милион евра, од кои за набавка на нова опрема 25 милиони евра, за градба и реконструкција на болници 12 милиони евра, за набавка на нови амбулантни возила 2,5 милиони евра, за обуки на лекарите 350 илјади евра и за превенција нешто над 8,8 милиони евра.
Капиталните инвестиции во 2014 година изнесувале 30 милиони евра, од кои за набавка на нова опрема 13,5 милиони евра, за градба и реконструкција на болници 13 милиони евра, за набавка на нови амбулантни возила 2 милиони евра, за обуки 850 илјади евра и за превенција нешто над 7,5 милиони евра.
Капиталните инвестиции во 2016 година изнесувале 21,7 милиони евра, од кои за набавка на нова опрема 7,1 милиони евра, за градба и реконструкција на болници 14,3 милиони евра, за набавка на нови амбулантни возила нешто под 100 илјади евра, за обуки 1,1 милиони евра и за превенција нешто над 11 милиони евра.
Капиталните инвестиции во 2019 година изнесувале 10,7 милиони евра, од кои за набавка на нова опрема 2,7 милиони евра, за градба и реконструкција на болници 6,7 милиони евра, за набавка на нови амбулантни возила 650 илјади евра, за обуки 650 илјади евра и за превенција нешто над 9 милиони евра.
Капиталните инвестиции во пандемиската 2021 година изнесувале 14,2 милиони евра, од кои за набавка на нова опрема 5,9 милиони евра, за градба и реконструкција на болници 7,3 милиони евра, за набавка на нови амбулантни возила 373 илјади евра, за обуки 650 илјади евра. За превенција оваа пандемиска година имаме одвоено најмногу средства заради набавка на вакцините за КОВИД, па целата програма за имунизација изнесува 19,5 милиони евра, од кои обично околу 4,4 милиони евра се наменети за редовната имунизација. Ако, заради подобра споредба, го изземеме износот за набавка на вакцините за КОВИД, оваа 2021 година за превенција има одделено 7,6 милиони евра.
Капиталните инвестиции во 2023 година изнесуваат 8,86 милиони евра, од кои за набавка на нова опрема 2,6 милиони евра, за градба и реконструкција на болници 5,9 милиони евра, за набавка на нови амбулантни возила НУЛА евра, за обуки 470 илјади евра и за превенција 10,8 милиони евра.
Ако направиме споредба на овие факти, ќе видиме дека капиталните инвестиции во здравството биле трипати повисоки во 2014 година во однос на 2019 година, а скоро четирипати поголеми од тоа што се денес, во 2023 година. Средствата што се одвојувале за набавка на нова модерна медицинска опрема во 2013 година биле за речиси десетпати повеќе во однос на 2019 и 2023 година. Средствата за изградба и реконструкција на болници во 2016 година биле двојно поголеми од тоа што биле во 2019 година и од тие што се предвидени за оваа 2023 година. Средствата кои биле инвестирани во обуки на нашите лекари во странство во 2016 година биле за речиси трипати повисоки од тоа што се предвидени денес со буџетот за 2023 година.
Почетокот на март 2016 година почна изградбата на новата клиничка болница во Штип, според проект кој доби награда за реализиран архитектонски проект на 17-то биенале на македонската архитектура - БИМАС 2014 година. Денес, еве повеќе од 7 години потоа, болницата не само што не е изградена, туку не се ни гради, иако добар дел е веќе изграден.
На 8 Септември 2015 година започна комплетната реконструкција на болницата Св. Еразмо во Охрид, со комплетна доизградба на карабината која била започната на почетокот на 90-тите години од минатиот век и која до почетокот на реконструкцијата беше нем сведок на транзицијата за недовршените проекти во здравството. Во Јуни 2017 година, оваа болница беше 96% завршена, за денес повеќе од 7 години подоцна воопшто ништо да не е помрднато, а болницата повторно оставена на забот на времето.
Да не ја споменувам изградбата на новиот клинички центар, кој, доколку не се раскинеше договорот, досега ќе беше одамна пуштен во употреба и во функција на македонскиот здравствен систем.
Од неодамна, имаме нов министер за здравство. Со овој буџет кој му е на располагање, тешко дека нешто ќе може да направи, па ќе трпи критики, без негова вина, а по вина на оние што го скроиле овој потценувачки здравствен буџет и јасно порачале дека здравството не е приоритет на оваа влада.
Од друга страна, во тек е историски најскапа инвестиција во патната инфраструктура од 1,3 милијарди евра. Дека патиштата треба да се направат е факт, ама и дека здравството не смее да се остави да потоне е уште поважен факт. Затоа предлагам новиот министер да направи силен притисок врз владата и да бара по теркот на инвестицискиот циклус во патиштата да се усвои национален проект за инвестиции во здравството. На здравството не му требаат 1,3 милијарди евра, но сигурно потребни се околу 400 милиони евра. Со 100 милиони евра се прави нов клинички центар во Скопје, со 50 милиони се прави нова градска болница во Аеродром кај мајчин дом, со 80 милиони евра комплетно се реновираат клиничката болница во Битола, болниците во Кавадарци, Куманово, Струмица, Кочани и Велес, со 50 милиони евра се реновираат сите здравствени домови во државата и со 50 милиони евра се набавува дополнителна најсовремена опрема за сите болници.
- повеќе од авторот: Доктори ни за лек, ни треба ли нов медицински факултет?
Со овие инвестиции ќе имаме здравствена инфраструктура и опрема на ниво на Германија или Франција. Остатокот од 70 милиони евра треба да се намени во современа едукација на нашите лекари во странство на најдобрите медицински факултети во светот, преку овозможување на кратки, неколкумесечни обуки за воведување на нови и усовршување на постојните методи, но поважно овозможување на специјализации и супспецијализации на нашите лекари во најдобрите 50 медицински универзитети во светот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.