1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски бара борбени авиони „што е можно поскоро“

СН/агенции
9 февруари 2023

Украинскиот претседател отпатува од Лондон во Париз, по средбата со премиерот Сунак на состанок со претседателот Макрон и канцеларот Шолц. И на оваа средба во доцните вечерни часови имаше само една тема за него.

https://p.dw.com/p/4NGim
Украинскиот претседател Володимир Зеленски (лево) на средба во Париз со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц
Украинскиот претседател Володимир Зеленски (лево) на средба во Париз со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Sarah Meyssonnier/REUTERS

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, кој вчеравечер, допатува во Париз на вечера со својот француски колега Емануел Макрон и германскиот кацелар Олаф Шолц, побара од нив тешко вооружување и авиони „што е можно повеќе“ и „што е можно побрзо“.

„Колку побрзо Украина добие тешко вооружување од долг дострел, колку побрзо нашите пилоти добијат авиони, толку побрзо ќе заврши оваа руска агресија и ќе можеме да го вратиме мирот во Европа“, рече Зеленски.

Макрон го увери Зеленски во својата „одлучност“ дека „ја следи Украина кон победа“ и во својата желба да ги продолжи испораките на француско оружје за Украина, речиси една година по почетокот на руската инвазија.

„Ние стоиме со Украина. Цврсто. И со одлучност да ја следиме до победа и до обновување на нејзините легитимни права“, рече Макрон. „Ќе ги продолжиме напорите во поглед на испорака на одбрамбени средства“, додаде тој.

Шолц му рече на Зеленски оти сојузниците воено ќе ја поддржуваат Украина, особено воено, „колку што ќе биде потребно“ да ја одбие руската инвазија.

„Ние се ангажиравме со Украина (...) и ја поддржавме Украина финансиски, хуманитарно и со вооружување: со тешка артилерија, против-воздухопловна одбрана и, од неодамна, со испорака на борбени тенкови, и ќе продолжиме тоа да го правиме, колку и да е потребно“, рече уверено германскиот канцелар на конференцијата за новинари во Париз заедно со францускиот и украинскиот претседател, Макрон и Зеленски.

Париз е втора етапа на изненадната европска турнеја на Зеленски, по Лондон, каде ги повика своите сојузници да му испорачаат борбени авиони за да ги одбијат нападите на Русија.

Заедничка фотографија на лидерите на Украина, Франција и на Германија во Париз на 8 февруари 2023
Заедничка фотографија на лидерите на Украина, Франција и на Германија во Париз на 8 февруари 2023Фотографија: Thibault Camus/AP Photo/picture alliance

Неколку дена пред првата годишнина од инвазијата која ја започна рускиот претседател Владимир Путин, на 24 февруари 2022 година, а која Зеленски го претвори во војсководец, украинскиот лидер по 22 часа беше пречекан во Елисејската палата од неговиот француски колега кој го повика и германскиот канцелар Шолц.

Зеленски денеска од Париз заминува во Брисел, на самит на ЕУ.

Моментот е клучен за Украина, која е загрижена поради недамнешните успеси на руската војска во Донбас, и стравува од голема руска офанзива во наредните недели.

Второто патување на Зеленски во странство за една година, кој во декември беше пречекан како херој во САД, беше држено во тајност до крајот.

Во Лондон го пречека премиерот Риши Сунак, потоа разговараше во британскиот парламент и се сретна со кралот Чарлс Втори.

„Знаеме дека ќе победи слободата, знаеме оти Русија ќе загуби“, тврдеше украинскиот лидер и побара борбени авиони за Украина, „крила за слободата“ рече тој и се заблагодари однапред за „моќните британски авиони“.