Речиси 9 милиони Украинци без електрична енергија
27 декември 2022Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во неговото редовно видео обраќање изјави дека ситуацијата на фронтот во регионот Донбас е тешка и болна, и оти бара целосна сила и концентрација на државата.
„Пред сѐ, работите на фронтот. Бахмут, Кремин и другите области во Донбас бараат максимални сили и концентрација“, рече Зеленски.
Според неговите зборови, ситуацијата во овој регион е тешка и болна.
„Окупаторите ги распоредуваат сите ресурси кои им се на располагање, а тоа се златни ресурси, за да напредуваат“, нагласи тој.
Милиони Украинци и натамѕ без струја
Украинскиот претседател рече дека недостиг на еклектрична енергија и натаму постои, и дека речиси 9 милиони луѓе и натаму се без струја.
Зеленски соопшти оти сите работници кои ја поправаат мрежата по повторените руски напади повторно поврзале многу луѓе за време на Божиќ, но дека проблеми и натаму постојат.
„Секако, недостаток на струја и натаму има. Рестрикциите продолжуваат“, рече Зеленски. „Ситуацијата вечерва во различни региони во Украина е таква што речиси 9 милиони луѓе се без електрична енергија. Но, бројот и должината на рестрикциите постепено се намалуваат“, нагласи тој.
Министерот за енергетика стравува од руски напади на Нова година
Украинскиот министер за енергетика Херман Галушченко, пак изјави дека очекува голем руски напад со ракети и крстосувачки ракети на новогодишната ноќ. „Русите не се откажаа од нападите врз нашата енергетска мрежа“, рече тој на украинската телевизија. „И бидејќи тие се ориентираат на конкретни датуми, Новата година најверојатно ќе биде еден од тие датуми кога ќе се обидат да ја оштетат нашата енергетска мрежа“.