1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинскиот претседател Зеленски во посета на САД

ЖА / агенции
21 декември 2022

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Вашингтон ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и ќе зборува пред Конгресот. Во фокусот на разговорите е нова помош за Украина.

https://p.dw.com/p/4LGBh
Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Ukrainian Presidential Press Office/AP/picture alliance

Украинскиот претседател на своето прво патување во странство од почетокот на руската инвазија во Украина, ќе ги посети САД. Вашингтон утрово ја потврди информацијата. Володимир Зеленски ќе разговара со американскиот претседател Џо Бајден и ќе се обрати пред Конгресот. Централна тема на разговорите на украинскиот претседател ќе бидат можностите за одбрана на Украина. Од извори на Белата куќа се вели дека Бајден при средбата со Зеленски ќе ја соопшти одлуката за испорачување на  американските системи за противвоздушна одбрана Патриот  на Украина.

Од почетокот на руската агресорска војна против Украина на 24 февруари годинава, Зеленски не ја напушти својата земја. За настапи на светската политичка бина, како на пример на самитот на Г7 во германскиот Елмау, тој беше вклучуван преку видео врска. Зеленски во повеќе наврати беше во посета на завојуваните области, за разлика од рускиот претседател Владимир Путин,кој ниеднаш не беше на фронтот.

САД од почетокот на војната, пружијавоена поддршка на Украинаво обем од повеќе милијарди. Денеска се очекува соопштување на нов пакет воена помош од две милијарди долари, изјави висок американски функционер, вклучувајќи ги и системите Патриот. Според експертите, испораката на овој противвоздушен антиракетен систем ќе значи ново мешање на картите во војната во Украина, тој е способен да врши одбрана од авиони, ракети и дронови и на голема далечина. Американски претставник соопшти дека обуката на украинските војници за системот Патриот ќе се врши во трета земја, без да дава подетални податоци.

Москва неодамна го предупреди Вашингтон од лиферување на системот Патриот на Киев, со закана дека како и останатото тешко оружје, ќе биде  примарна мета на руската војска.

„САД не се во директна војна со Русија“, подвлече во меѓувреме претставник на американската влада, а тоа нема да се промени ни со посетата на Зеленски и испораката на системот Патриот. „Станува збор за тоа да се упати порака до Путин и до светот дека САД ќе ја поддржуваат Украина толку долго колку што ќе биде потребно“, истакна американскиот претставник.