Параполитичките ликови размислуваат изборно, политичките умови размислуваат пост-изборно. Така би звучела дефиницијата за разликите во поимањата помеѓу традиционалното разбирање и современото практикување на политиката кај нас. Особено во оваа средина и овој час во кој речиси сите размисли и енергии се фокусирани на претстојните предвремени или редовни избори. Во тоа име и со таа цел на обезбедување победа на изборниот ден, се прават коалиции, се шпекулираат соработки, кројат планови, се ветуваат ридови и продаваат долини. Колку од нив се одржливи или реални, искрени или содржински, доволно е да се потсетите кој со кого славеше „имаме 61 пратеник” пред година и пол, кој со кого пактираше пред година дена, кој кого колнеше пред шест мсеци и кој пред кого сви опашка пред месец дена. А пред нас е цела година во која сите опции се отворени, секоја коалиција можна и секакво разочарување е за очекување.
За сите домашни партии клучниот ден на одлуката е изборниот ден. Навидум логично, бидејќи бројките од изборниот ден го определуваат победникот со партнерот и губитникот со опозицијата. Но тоа се сепак само бројки кои го дефинираат изборниот, а не политичкиот победник кој се обзнанува месец дена подоцна, на крај на преговорите низ кои се етаблира владеењето кое следи. Доминантниот мисловен курс на нашата политика е сѐ уште диктиран од масивната, но тромава моќ на механичкиот прилив на гласачите, додека пак исклучоците претпочитаат да се наслонуваат врз техниката на политиката во обезбедување влијание на управување врз и со моќта. Како што стојат нештата во овој момент, се чини дека механиката сѐ уште е преферирана над техниката, третирана како гаранција за успех и решение за сѐ. Еми, единствената гаранција во тој пристап е тврдоглавоста во одбивање на влечење поуки од минатото.
Поуки од минатото
Токму последните избори се класичен пример и илустрација на лажливиот привид на победата и дискретната снаодливост на потценетите. Потсетете се, имено, на неславниот обид на глумење мангупство од страна на Зоран Заев ден по изборната победа во 2020 и одењето на одмор со цел да се наметне како фактор на кој мора да чекаат сите. Обид кој заврши во негово панично трчање во „купаќи“ кон Скопје штом се обзнани веста за средбата на американските дипломати со неговите партиски ривали. Тој патетичен, провинциски обид на глумење мангупство ќе го одбележи премиерството на Заев и ќе го следи се до оставката изнудена од поразите кои следеа и не му даваа можност за повторно глумење политичка манга. Да беше интелигентен колку што се смета за итар, токму Заев ќе требаше да извлече поука од релативноста на победата, како што тоа претходно му се случи на Никола Груевски и победата во 2016 година и поразот во 2017 година. А дека традицијата продолжува, доказ е Али Ахмети кој низ инсистирањето врз Артан Груби ем ја демантира мистеријата за неговата политичка бравурозност, ем докажува дека ни тој ја нема разбрано разликата помеѓу масивната механика на гласање и снаодливата техника на управување.
Пристапот и очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ кон следните избори навестува дека не треба да се надеваме на никаква посебна новост или отклон од оваа традиција. Убеденоста на опозицијата дека победата подразбира натрупување на огромен број гласови е доволно за да се обезбеди владеење е индикатор на непознавањето на новите околности и реалности во земјата. Сеедно дали под тоа механичко трупање се подразбира собирање на етно-македонските гласови, мизансценско пактирање со ренегатите од СДСМ, крпење со портабл-албански опозиции или грст системски Албанци, епилогот неминовно ќе заврши во удирање со глава во нискиот политички таван на Македонија. Разбирливо, ВМРО-ДПМНЕ има потреба да низ механиката на гласовите ја потврди надмоќта над СДСМ, но тоа не прави никаква разлика од аспект на техниката на владеење. Бидејќи изборите може да влијаат врз промена на изведувачите, но ниту приближно врз промена на работите кои мора да се изведат и чија реализација не зависи од партијата, туку од превземените обврски и политички реалности. А тие обврски и реалности не се предмет на избор на следните избори. Успехот на ВМРО-ДПМНЕ зависи од умешноста да се сокрие таа реалност од членството и симпатизери до изборниот ден. Бидејќи час потоа, ден потоа, таа вистина ќе биде јасна и болно осетлива како за партијата, така и за нејзините подржувачи.
Крајот на етно-националните партии
Според логиката на редоследот, естаблишментот на Македонија требаше да биде првиот во регионот кој ќе ги разбере промените кои се случуваат ширум регионот. Благодарение на опортунистичката „јавност”, медиумска корумпираност и интелектуална анорексија, се чини дека ќе бидеме последните кои ќе ги увидиме тие промени и принудени да се приклониме кон нив. А токму врз примерот на Македонија и Никола Груевски сиот регион разбра дека е дојден крајот на етно-националните партии и нивните псеудо-идеолошки сурогати. Во соседна Албанија скандалозното владеење на Еди Рама сѐ уште има подршка од САД и ЕУ единствено поради одбивноста на истите да го прифатат Сали Бериша. Во Црна Гора пензионирањето на Мило Ѓукановиќ како лик на црногорскиот национализам ќе беше свршен чин доколку Абазовиќ и Мандиќ не ја пресвртаа ветената граѓанска опција во маскирна униформа на српскиот национализам.
Во Босна и Херцеговина рушењето на Бакир Изетбеговиќ во најголемата етничка заедница е предуслов за почеток на рушењето на доминацијата на Додик и вртење на хрватската заедница од Загреб кон Сараево. На крај, најавата на Александар Вучиќ за формирање на ново државно движење е увертира во де-етнизација на политичката сцена од српството и ориентација кон граѓанскиот концепт.
Како што напоменав, ќе беше логично дека Македонија прва ќе ги осети и разбере струењата во регионот. За жал, и токму како што очекувавме, наместо реална и вистинска де-етнизација на политиката, екипата на Заев, Шеќеринска, Димитров, Пендаровски пристапи кон ребрендирање на етно-македонската политичка прагма во псевдо-граѓански концепт кој требаше да биде наметнат како свршен чин – а не прифатен како заеднички успех – од останатите заедници. Обидот заврши неславно и со скапа цена за наведената екипа која усилено сакаше да се заборави она што секој во регионот и меѓународната заедница го имаше извлечено како клучна поука од процесот на рушењето на Груевски – а тоа е спремноста на Албанците да се откажат од националното во полза на граѓанското. Меѓународната заедница навреме разбра дека толерирањето на таквата мимикрија на граѓанството според менталитетот на СДСМ и скопската авангарда ќе значи само враќање на етно-автократијата покриена со граѓански пердуви. Цената за таа провидна манипулација стигна во форма на факторизација на ДУИ, несоодветно на изборните резултати, но соодветно на потребата за зачувување про-западниот курс.
Доминацијата на ДУИ
Втората причина за (само)дефакторизацијата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е скептичноста на Западот во искреноста на партиските водства во однос на про-западниот политички курс, дух и особено дела. За разлика од нескриениот анти-западен дискурс на Христијан Мицкоски (особено во односот кон НАТО), скепсата за искреноста на про-западноста на СДСМ не е базирана врз секогаш гласната вербална определба. Туку врз опортунизмот во делувањето од страна на Заев, Шеќеринска, Димитров, Пендаровски кои сметаат дека небивањето ВМРО е доволно за да бидат третирани и прифатени како про-западно ориентирани.
Пропагандните апологети на наведените дадоа усилби да ја релативизираат таа фалинка како последица на перцепцијата кај Македонците дека Западот премногу ги подржува Албанците. Сепак, реалноста е поинаква. Скепсата на меѓународната заедница кон искрената про-западна ориентација на врхушките во македонските партии не се должи ниту на Албанците, ниту на Македонците, туку на одбојноста на македонскиот партиски естаблишмент кон докажаните вистински и искрени про-западни првенци. Како што беа Борис Трајковски или Љубчо Георгиевски, подеднакво прогонувани од „јавностите” на двете македонски партии. Да не зборуваме за масовните кампањи кон македонските јавни ликови кои немаат двоумење или резерва во однос на определбата кон Западот, и за тоа биле изложени на сурови медиумски хајки и на омаловажување, етикетирање и сатанизација.
Во тие намерно превидени детаљи лежи причината за доминацијата на ДУИ врз политичката сцена. Позиција обезбедена од анти-западниот дискурс на ВМРО-ДПМНЕ, опортунизмот на СДСМ и псевдо-граѓанштината на скопската авангарда. Далеку од тоа дека ДУИ е светилиште на про-западството, и примерот со Артан Груби, Фатмир Бесими и Нуредини е доказ за тоа. Но се додека ДУИ, слично на Рама во Албанија или Вучиќ во Србија, се свесни за зависноста од Западот и доволно паметни да не се самопреценуваат, тие ќе останат фактор од доверба. Таа лекција сѐ уште ретко кој ја има разбрано во СДСМ и никој во ВМРО-ДПМНЕ. И се чини дека ќе треба да поминат неколку изборни циклуси за да измачените и исцрпените изборни тела ја разјаснат и наметнат таа реалност врз партиските водства. Кои благодарение на корупцијата и привилегијата можат да си ја дозволат комотноста на самопреценување и живеење во самопофалната утопија на „многу сме јаки, сите ги дрибламе”.
Тоа што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да го спроведат во последните четири, тешко дека ќе успеат во годината пред изборите. Да расчистат со носталгијата и да се адаптираат на реалноста. Груевски поспоро, Заев забрзано ја демантираа кредибилноста во очите на Западот, додека пак Ковачевски ја пропушти шансата да преку елиминација на системските и прифаќање на автентичните Албанци се издигне над партиските игри, псевдо-граѓанштината и интригите на Ахмети. Таквиот потег ќе му обезбедеше поповолни услови во партијата и посилна подршка од западните партнери. Да во годината пред изборите изнедри, подготви и презентира сосема нова екипа, нова генерација на македонски политичари со убедливо, уверливо и пробивно про-западно педигре. Од таа негова слабост никнува самоувереноста на ВМРО-ДПМНЕ и спокојноста на ДУИ во очекување на следните избори. Но, оној што ќе има храброст да примени промени пред избори може да биде храбриот кој ќе ги жнее плодовите по изборите. Среќата, нели, ги следи храбрите.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.