1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Абрамович не бил отруен, тврди претставник на САД

БГ /РТР
28 март 2022

Официјален американски претставник ги демантираше наводите во повеќе медиуми дека рускиот олигарх Роман Абрамович и украински преговарачи биле отруени за време на мировни преговори.

https://p.dw.com/p/4997P
Roman Abramovich
Роман АбрамовичФотографија: Artyom Geodakyan/TASS/dpa/picture alliance

Претставник на САД во изјава за Ројтерс тврди дека Романович и украинските преговарачи кои присуствувале на состаноците не биле отруени, туку дека страдале од еколошки фактори.

Повикувајќи се на очевидци, весникот Вол Стрит Џрнал и истражувачката мрежа Белингкет објавија дека Абрамович и преговарачите биле отруени со непозната супстанца на мировен состанок на почетокот на месецов во Киев.

Според американски претставник тоа не е точно. „Нашите сознанија говорат дека се работи за еколошки фактор. Не е труење“, изјави функционерот кој инсистираше на анонимност.

Медиумите тврдеа дека освен Абрамович, од труењето биле погодени и најмалку уште двајца украински преговарачи. 

„Конспиративни теории“  

Информациите претходно ги демантираа и украински претставници. Украинскиот преговарач Михајло Подољак рече дека „има многу шпекулации, и различни конспиративни теории“. И преговарачот Рустем Умеров повика да не им се верува на „непроверени информации“.

Според Вол Стрит Џрнал, Абрамович и другите преговарачи имале повеќе симптоми меѓу кои и црвенило во очите, постојано и болно солзење, и лупење на кожата на лицата и рацете.

Белингкет тврди дека експерти кои го испитувале инцидентот заклучиле дека дошло до „труење со непознато хемиско оружје“. Истите извори наведуваат дека количеството на отровот не било доволно за да биде животно загрозувачко и дека „најверојатно целта била да се заплашат жртвите без да се предизвика трајна штета“.

Абрамович играше посредничка улога во првите денови на војната, но Кремљ тврди дека оттогаш преговорите се во рацете на државните официјални претставници. Абрамович исто така се најде на листата на санкционирани руски олигарси од страна на западните држави.